Бабиќ: Спортот без навивачи не е спорт, тие ќе ни дадат „ветер во грб“ во битката за трофеите

Жељко Бабиќ ја прекина соработката со битолската екипа/ фото: Слободен печат: Драган Митрески

Ракометарите на Еурофарм Пелистер новата сезона до домашниот шампионат ја започнаа со три победи кои ги остварија за една седмица и ја потврдија улогата на главен фаворит за титулата заедно со Вардар 1961.  Тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ вели дека клучната битка за титулата ќе се води идната пролет, како што беше случај и минатата сезона.

Мислам дека добро се подготвивме, имавме серија на контролни, турнирски и официјални натпревари и најважно за нас е што сите сме здрави. Првенствените натпревари се нешто друго, турнирското финале и Суперкупот беа сосема поинакви.  Сезонава имаме поинаков систем на натпреварување, но иако веќе игравме со Вардар, мислам дека вистинските мечеви следат напролет – вели Бабиќ кој веќе го доби првиот официјален дуел со Веселин Вујовиќ и Вардар откако неговиот Е. Пелистер славеше во Суперкупот со 31:22.

За разлика од минатата сезона кога двете најдобри македонски екипи кои играа во СЕХА лигата и во европските купови, Е. Пелистер и Вардар го скокнаа првиот дел од сезоната, овој пат главните фаворити за титулата настапуваат од првото коло и стратегот на битолчани очекува интересна сезона бидејќи првенството е поквалитетно во однос на минатите години.
– Секогаш постојат 5-6 екипи кои зад Вардар и Еурофарм Пелистер почнуваат борба за Европа. Очекувам интересни и динамични натпревари. Сега секој натпревар од почеток на сезоната е важен за место во плеј-офот, а потоа и за евро-куповите – смета Бабиќ.

Новина од оваа сезона е и враќањето на навивачите на трибините откако минатата се играше пред празни трибини поради пандемијата на коронавирусот што се очекува дополнително да се зголеми неизвеснота во првенството. Тренерот на Е. Пелистер исто така се надева дека пандемијата нема да прави дополнителни проблеми.

Екипата според Бабиќ е подготвена за настап на три фронта оваа сезона/ фото: Еурофарм Пелистер

– Се надевам дека нема да има поместувања од календарот, дека ќе нè одминат повредите и случаите на ковид-19. Нашите најнапорни месеци се октомври и ноември и тогаш ќе играме постојано по три натпревари неделно. Враќањето на гледачите е од големо значење за нас како клуб. Посебно важна е поврзаноста на нашиот клуб со навивачите и убеден сум дека ќе ни дадат „ветер во грб“.Спортот без навивачи не е спорт. Минатата сезона игравме европски натпревари на кои домаќинот имаше поддршка и тоа се забележуваше. Ние ја немавме таа привилегија и сега едвај ја дочекавме за и ние да играме пред навивачи.

Иако играат уште од првото коло во домашниот шампионат, амбициите на пелистерци се големи и во меѓународните натпреварувања, СЕХА Лигата и Лигата на Европа.
– Ние веќе освоивме трофеј, Суперкупот на Македонија. Наша главна цел е Европа и успешна презентација во Европската лига. Само така може клубот да добие на тежина и да привлече големи имиња. Првата цел е минување на групата, што нема да биде лесно и едноставно. Трофеите во СЕХА лигата и домашното првенство и Куп ќе се делат напролет, па тоа се малку подалечни цели. Но, не бегаме од таа обрвска и докрај ќе се бориме да ги израдуваме нашите навивачи – вели Бабиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот