Аврамчев: Универзална сала ќе биде изградена од темел, ама ќе го задржиме духот од минатото

Градот Скопје започна со постапката за изработка на проект на Универзалната сала за кој се одвоени се 43 милиони денари.

Вратите на Универзалната сала веќе трета година се затворени за посетители. Иако ветувањата беа дека до крајот на 2019 година, ќе почне изградба на нова сала, сведоци сме дека и во 2020 нема никаков почеток на градежни работи, ниту за реконструкција, ниту пак за изградба на нова сала. Минатото градско раководство изработи две решенија за салата, едното за реконструкција, а второто за изградба на нов објект во форма на јајце, проект на архитектите Стојан Павлевски и Иван Симеонов од „Стоун дизајн“, кои според градоначалникот Петре Шилегов не ги задоволуваат барањата.

Ваквиот став денеска во интервју за Слободен печат го пренесе и директорот на Универзалната сала, Филип Аврамчев.

– Стручните служби, архитекти и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов одлучија дека проектите за реконструкција на Универзална сала не ги задоволуваат потребите на скопјани, затоа што реконструкцијата не опфаќа зголемување на капацитетот на салата. Од друга страна според некои проценки е многу поскапо да се напрви реконструкција отколку да се направи нова сала. Набрзо ќе има нов јавен повик за избор на идејно решение за изградба на универзалната сала, каде што ќе се оди со нов проект, рече Аврамчев.

Тој додаде дека ќе се обиде да задржи дел од изгледот на салата.

– Ќе се обидам да ги задржам работите кои се внатре во Универзалната сала, а кои нас не прават носталгични. Значи, да имаме еден нов, поубав објект, кој ќе ни користи во наредните педесетина години, но сепак да го задржи духот кој го има салата, вели Аврамчев.

Го прашавме дали тој има некакво влијание во процесот на изградба на новата сала, односно дали ќе учествува во креирање на проектот и тајмингот на почеток на градба, или тоа сепак ќе биде комисија составена од Градот.

– Проектот ќе биде на Град Скопје. Не знам дали ќе учествувам во комисијата, се уште не е одлучено кој ќе биде во комисијата.Тоа е договор помеѓу Град Скопје и Министерство за култура за кофинансирање на изградбата на Универзалната сала. Јас не сум архитект, и не се разбирам многу во тие работи, и затоа не би се мешал таму каде што не ми е местото, одговори Аврамчев.

Според најавите од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, Универзалната сала до крајот на годината треба да биде срушена, а дотогаш треба да биде готов новиот проект за објектот.

Градот Скопје започна со постапката за изработка на проект на Универзалната сала за кој се одвоени се 43 милиони денари.

Универзалната сала е затворена од 2015 година, кога падна дел од плафонот во големата сала.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот