Арсовска го разреши директорот на Комунална хигиена, чијшто брат пукаше со пиштол на плоштадот „Скендербег“

Зухди Енуз в.д. директор на ЈП Комунална хигиена-Скопје / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Град Скопје вечерва преку соопштение информира дека Зуди Енузи е разрешен од позицијата в.д. директор на јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“.

Ова доаѓа по информацијата дека неговиот брат, Цуфи Кока, е човекот кој мавташе и пукаше со пиштол на плоштадот „Скендербег“ за време на денешните протести против францускиот предлог.

„Градот Скопје како град на соживот и солидарност не смее да биде центар на насилство и пресметки со огнено оружје и креирање меѓуетнички тензии меѓу нашите сограѓани. Политиката зема замав и во ниту еден случај не смее да влијае на професионалноста на водењето на институциите. И покрај одличното и професионално менаџирање со јавното претпријатие ‘Комунална хигиена’ од страна на Зуди Енузи, сепак мојот етички кодекс не дозволува тој да продолжи да раководи со претпријатието. Затоа тој е разрешен од позицијата“, се вели во соопштението од кабинетот на градоначалничката на Скопје.

Според објави на Фејсбук на Цуфи Кока, тој е активист на Алијанса за Албанците, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, а бил главен за кампањата на Арсовска во Чаир на минатите локални избори.

Одговарајќи на новинарско прашање за политичката припадност на приведениот, Мицкоски на вечерашната прес-конференција рече дека не го интересира дали е член или не на Алијанса за Албанците и побара да не се политизира работата.

„Да не ја политизираме работата. Да бидеме над политиката и да бидеме над оние политичари кои повикуваа на етнички тензии. Дали е член или не е, не ме интересира. Овој човек стори криминал, впери пиштол кон народ и треба да одговара“, рече Мицкоски.

Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски на прес-конференција веднаш по онаа на Мицкоски кажа дека инцидентот кај плоштадот Скендербег е смислено крваво сценарио на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за дестабилизација и инсценирање на меѓуетнички судир во земјава. Тој кажа дека Кока бил главен за кампањата во Чаир на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот