Уапсениот вооружен напаѓач е активист на Алијанса за Албанците, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

Полицајци се обидуваат да го приведат Цуфи Кока за време на инцидентот на плоштадот „Скендербег“ / Фото: EPA/EFE / Ѓорѓи Личовски

Човекот со пиштол во раката, кој денеска предизвика инцидент со демонстрантите на протестот против францускиот предлог, според повеќе наводи кои се слушнаа вечерва, е активист на Алијансата за Албанците (АА).

Повеќе медиуми објавија дека станува збор за Јусуф Енузи, познат и како Цуфи Кока, според чиишто објави на Фејсбук, тој е активист на Алијанса за Албанците, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Градот Скопје. Неговиот брат, Зуди Енузи Кока, е директор на „Комунална хигиена“, поставен од градоначалничката Данела Арсовска.

Министерството за внатрешни работи објави дека било уапсено лицето што пукаше кај плоштадот „Скендербег“, со иницијали Е.Ј.

Христијан Мицкоски денеска преку Фејсбук тврдеше дека тој човек сакал да го убие, а на вечерашната прес-конференција рече дека власта сака да предизвика меѓуетнички инцидент. Кога беше прашан за политичката припадност на приведениот, Мицкоски рече дека не го интересира дали е член или не на Алијанса за Албанците и побара „да не се политизира работата“ и „да се остане над политиката“.

Инцидентот се случи во моментот кога демонстрантите против францускиот предлог го минуваа подвозникот во близина на трговскиот центар „Мавровка“. Една група која се наоѓаше кај плоштадот „Скендеберг“ и групата демонстранти на булеварот најпрво фрлаа со камења и шишиња едни кон други. Во тој момент Кока извадил пиштол и испукал повеќе куршуми. Реакцијата на полицијата спречи поголем инцидент.

Еден час пред инцидентот, Кока на својот Фејсбук профил објавил порака во која од името на партијата Алијанса на Албанците повикува на мирни протести и го осудува вандализмот, говорот на омраза и навредите кон Албанците. На насловната фотографија на фејсбук-профилот на Кока, тој е сликан со лидерот на опозициската Алијанса на Албанците, Зијадин Села.

Засега е нејасно дали Мицкоски бил во околината на местото на инцидентот во моментот кога се случи инцидентот. Според репортерот на „Дојче веле“, тој претходно го напуштил протестот заедно со своето обезбедување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот