Апасиев нема да оди на ТВ дуел со Лазаров од Никоб Медикал: Не влегувам во материјална расправа со капиталисти!

Кирил Николив/Димитар Апасиев: Фото Колаж на СП

Се разгоруваат тензиите околу предложените измени на Законот за здравствена заштита со кои се дозволува и приватни медицински установи да нудат услуга за итна помош. Партијата Левица заедно со ВМРО – ДПМНЕ во Собранието со речиси две илјади амандмани го стопираа донесувањето на законот, бидејќи како што велат, сакаат да спречат да се приватизира итната медицинска помош.

Министерот за здравство пак, Венко Филипче тврди дека намерата не е да се приватизира итната помош, туку само да се озакони она што реално се случува на терен, каде и во овој момент и со години наназад, приватни установи нудат итна медицинска помош за пациентите. Сопственикот на приватната медицинска установа Никоб Медикал, Кирил Лазаров, вчера го повика лидерот на Левица Димитар Апасиев на телевизиски дуел на Канал 5 на оваа тема.

,,Го повикувам најголемиот душегрижник за оваа работа, а тоа е Димитар Апасиев на ТВ дуел во Канал 5 да ги соочиме фактите, а ако не дојде тогаш ќе се потврди сомнежот дека тој е заштитник на друг многу крупен бизнис капитал во здравството. Повторувам, ако е политичар кој навистина се грижи за интерсите на граѓаните, ќе дојде да ги соочиме фактите и аргументите, а во спротивно одработува за неговите наредбодавци и сопственици на политички и бизнис центри на моќ”, рекоа од Никоб Медикал.

Апасиев за Слободен печат само лаконски одговори дека дуел нема да има.

,,Не влегувам во материјална расправа со капиталисти”, кратко вели Апасиев.

ВМРО – ДПМНЕ го прозва сопственикот на Никоб Медикал, Кирил Лазаров, со тврдења дека е близок до премиерот Зоран Заев и дека се прави обид да се приватизира брзата помош со цел бизнис интереси на оваа компанија чиј сопственик е струмичанец. Обвинувањата се дека Никоб е омилена куќа за обезбедување на власта, присутна и во енергетските компании и во сите јавни објекти, со апетити да влезат и во здравствениот сектор и да даваат приватни услуги за брзата помош. Сопственикот на Никоб, Кирил Лазаров во гостување во Утрински Брифинг, изјави дека Христијан Мицковски и Димитар Апасиев се деструктивни личности без продуктивни предлози.

-Се` започна кога пред две години одлучивме да инвестираме во примарна здравствена заштита, зашто увидовме дека на пазарот нема ваква заштита, или е запоставена од приватните клиники и државата. Трката по скапи болници и апаратура и конкуренцијата во секундарната и терциерната заштита доведе до тоа да е запоставена примарната заштита, која е најосновна и најпотребна. Домашната посета е укината одамна, брзата помош има капацитети но не може да постигне во ситуација на криза и тоа го увидовме и решивме да инввестираме во тој сегмент и да инвестираме како што треба, по сите нишани. Очигледно тоа на некого му пречи, рече Лазаров.

Тој додаде дека неговите контакти со Заев се вообичаени, со оглед на тоа што е сопственик на фирма со најголем број вработени во државата со домашен капитал.

-Сите ги имаат. Плус премиерот е достапен за сите тоа го знаеме. Ние немаме пречка да работиме онака како што работиме сега. Но, законот кажува дека итната медицинска помош е посебна од домашната посета и брзата здравствена интервенија која ја нудиме. Сега сите доктори се водат дека се во ординациите и кога има повик излегуваат од ординацијата и одат на терен. Сега тоа што го бараме и јас и неколку други фирми е да ни овозможат тимовите да чекаат да бидат на готовс. Да не се во ординација, туку да чекаат повик и да одат на интервенција. Да не губиме време, да бидеме уште поефикасни, рече Лазаров.

Тој додаде дека Никоб Медикал не бара средства од Фондот за здравство, туку само да биде ставен во регулативата како што е јавната здравствена установа за брза помош.

Апасиев го карактеризираше тоа како милионски бизнис и прв чекор кон приватизација на брзата помош, наместо да се вложува во државните ресурси кои според него со умисла се девастираат, за граѓаните да немаат избор освен да се обраќаат на приватно за здравствена заштита. Лазаров демантира дека има намера да ја приватизира брзата помош.

-Немам таква намера. Ако се оди кон приватизација не се оди кон измена на таков закон, туку се дава некоја служба на приватен партнер. Второ, ако се работело за милионски бизнис ќе отворев кардиохирургија или гинекологија со ин витро. Некои други терциерни области кои носат милиони. Но примарната здравствена заштита е една услуга која беше потребна на пазарот на примарно ниво. Населението старее, многу од луѓето имаат деца што живеат во странство. Тој сегмент во здравството беше запоставен, посочи тој.

Во моментот Никоб Медикал работи во Скопје, но ја опслужува територијата на целата држава, а врши и меѓународен транспорт на пациенти. Има 15 амбулантни возила, а вработени се 180 млади лекари, медицински сестри и помошен медицински персонал. Сериозната инвестиција на оваа компанија е околу 3 милиони евра. Освен тоа, Лазаров има и лабораторија за дијагностичко тестирање која е исклучително активна во ковид пандемијата.

-Почнавме со работа, спасивме доста животи во пандемијата. Имаше многу интервенции и уште ги има и очигледно центрите на моќ контролирани од овие две партии увидоа дека е тоа пречка и опасност за некои нивни наредни идни чекори што ги планираат. Моментално Никоб Медикал работи со загуба, а лабораторијата е добра. Александар Николовски од ВМРО ДПМНЕ е во роднинска врска со лице во најголемата лабораторија во државата. Цената на тестовите кога тие работеа а ние не бевме отворени, беше четири пати повисока од нашата. Откако почнавме со работа направивме тестови колку што направија сите лаборатории за цела година и тоа со четири пати поевтина цена и пак имам профит. И таму има 160 вработени. Цената на ПЦР тестовите не беше достапна на почетокот на пандемијата и затоа умираа луѓе по тротоарите. На луѓето им беѓе страв да се тестираат зашто немаше со што да платат, рече Лазаров во гостувањето во Утрински Брифинг.

Венко Филипче за „Слободен печат“: Итната помош не се приватизира, тоа е еден голем политички спин!

Венко Филипче за „Слободен печат“: Итната помош не се приватизира, тоа е еден голем политички спин!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот