Анкета: Граѓаните со поделено мислење, за или против изградба на голф терени во Аеродром

Не стивнуваат реакциите од јавноста откако Општина Аеродром најави изградба на голф терени, инвестиција која ќе чини 2,5 милиони евра. Реагираше и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека луѓето очекуваат да видат проекти за подобро живеење, а не голф терени.

-Луѓето очекуваат да видат проекти за подобро живеење и за економски развој на Аеродром, особено на руралниот дел, а Златко Марин продолжува со бесмслено понижување на потребите на граѓаните, изјави портпаролот на ВМРО- ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

На ваквите обвинувања реагираат од Аеродром велејќи дека не станува збор за срества од општината, туку за инвестиција која што ако не дошла во Аеродром, а со тоа и во Македонија, ќе отишла во Грција, бидејќи и јужниот сосед аплицирал за средстава за изградба на голф терени.

Голф терените ќе се градат во делот помеѓу Горно и Долно лисиче, после мостот каде што сега има земјоделско земјиште. Александар Георгиевски, шефот на кабинет на градоначалниот, во изјава за Слободен печат вели дека просторот е соодветен за таков вид на терени, а со изградбата на голф терените Македонија конечно ќе има голф терени, со што македонските граѓани нема да мораат да одат во соседна Бугарија за да се занимаваат со овој спорт.

-Местото каде што ќе се гради теренот беше депонија, планираме да го зазелениме и да го уредиме. Граѓаните треба да знаат дека не станува збор за одлевање на пари од општинската каса, туку за инвестиција која ќе дојде во нашата општина, преку Агенцијата за рурален развој на Европската унија, а ќе можат да ја користат сите. Ако ние не аплициравме парите ќе отидеа во Грција и таму ќе се изградеа голф терените, вели Александар Георгиевски, шеф на кабинет на градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.

Дел од граѓаните кои ги анкетиравме едвај чекаат да се реализира овој проект, но има и такви кои веруваат дека требало овие пари да се пренаменат за реализација на други, поприоритени проекти.

Голф терените се дел од проектот „Аеродром прва општина со европско знаменце“. Терените ќе се протегаат на површина од 15 хектари, а според најавите овој проект би се реализирал за две години, односно во 2023.

-Идејата е да понудиме на 30 фирми да се рекламираат одреден период на голф терените, а за возврат да инвестираат по 50.000 евра . Со тоа би обезбедиле 1,5 милиони евра за нивна изградба, а останатите еден милион со грант за рурален развој“, додава Гергиевски.

Со терените ќе стопанисува Општината односно јавното претпријатие за развојни проекти од локално значење, кое ќе биде прво од ваков тип кај нас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот