Англиска граматика & француска политика

Мухамед Халили, претседател на Совет на амбасадори / Утрински брифинг

Да успеал некој од претходниците на Османи (некој министер Македонец) да го реши тој стар комплициран спор – сите биле познати интелектуалци и политичари од голем калибар – тогаш немаше да постои лошата перцепција за улогата на политичарите Албанци во овој спор. И ретки се тие кои ја знаат тежината на спорот.

Со години после прогласувањето на независноста на Република Македонија, откако тогашниот бугарски претседател Жељу Желев ги убеди бугарските политички лидери нашата земја веднаш да се признае и тоа под нејзиното уставно име, се добиваше впечаток дека македонско-бугарските односи се одвиваат во пријателска атмосфера и соработка, дека Бугарија сестрано се залага земјата што побрзо да се интегрира во евро-атлантските структури, сè до јуни 2021 година кога одредени медиуми почнаа да ја шират веста дека во кругови на Европската комисија постои бугарски нон-пејпер за начинот на решавање на македонско-бугарските недоразбирања околу историјата, јазикот и идентитетот на македонскиот народ.

Кај нас под „ексклузивно“ веста ја објави ТВ Клан, прикажувајќи документ во кој пишуваше дека земјите членки на ЕУ и меѓународната заедница се договориле, поради зацврстување на регионалната безбедност, да подготват документ за начинот како да се решаваат македонско-бугарските недоразбирања по принцип „земи или остави“.

Овој факт, кој подоцна стана реалност, прикажа една слика која за 180 степени беше подруга од идиличната слика на овие односи после независноста на земјата, креирана и следена од сите бугарски влади сé до владата на Борисов и на претседателствувањето на Радев.

Балканска ујдурма

Запрашан од новинарите дали, како вицепремиер кој е надлежен за евроинтеграции, е запознат со бугарскиот нон-пејпер Никола Димитров на 15 јуни 2021 во медиумите изјави дека за него тој нон-пејпер, што се појави во јавноста е сосема бесмислен, и продолжи: Сум гледал и многу нон-пејпери и многу официјални документи. Прво, можам да кажам дека самиот јазик со кој е напишан не соодветствува на англиската граматика. Оттука претпоставувам дека „документот“ е балканска ујдурма, или пак можеби потекнува од кај нас, но тоа е во сферата на шпекулациите, рече Димитров за Утрински брифинг.

И бугарската влада се огради од таквиот документ. Содржината на таа таканаречена „балканска ујдурма“ денеска, согласно  заклучоците на Советот за општи работи на ЕК, стана составен дел на преговарачката рамка и е повод и причина за разно-разни  про и контра дебати, колумни, меѓупартиски обвинувања, владини седници, граѓански протести, анализи на политичари, интелектуалци, новинари и дискусии во највисокото законодавно тело. Меѓу првите и најгласните е и поранешниот министер за надворешни, а потоа и вицепремиер за евроинтеграции Димитров, кој за Дојче Веле објаснува дека францускиот предлог е неприфатлив, затоа што „предлози за решавање проблем меѓу две страни секогаш прво доаѓаат до засегнатите страни, но фактот што ваков предлог воопшто паднал на маса веќе е дебакл за македонската дипломатија“.

Ако е тоа така, што би можело да биде тоа кога новинарите го запознаваат вицепремиерот со еден нон-пејпер кој циркулирал меѓу претставниците на  земјите членки на Унијата, а тој како најнадлежен не знаел за што се работи?  Од друга страна, тие години и тие денови неговата слика и неговите видеа ги поплавија телевизиите, весниците и порталите – како вицепремиерот се гушка со неговите европријатели и бара Македонија што побрзо да стане членка на ЕУ, а не знаел, дури и не верувал дека постоел бугарски нон-пејпер со предупредување за блокада на евроинтеграциите? Чиј дебакл беше тоа? Како да ги прифатиме неговите критики историјата да не биде дел од преговарачкиот процес кога тој, како што беше објавено во јавноста, бил потписник на единствениот протокол каде се дефинирало Илинденското-Преображенско востание согласно бугарското толкување на историјата? И, за чудо, за него целиот пакет на францускиот предлог е неприфатлив!

Да тргнеме од најважното. Голем дел од францускиот предлог всушност е суштината на португалскиот предлог (преточен во францускиот) за кој Димитров изјави дека е добра основа за решавање на проблемите со Бугарија. „Независен весник“ од 1 јули 2021 пренесува: „Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров вчера изјави дека португалскиот предлог се потпира на предлог-преговарачката рамка што ја предложи Европската комисија, параграфот околу македонскиот јазик да остане таков каков што е со чиста формулација – македонски јазик и предвидува унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција“.

Ковачевски како Тито!

Разбирам дека е тешко за  Ковачевски (и за било кој друг) да биде премиер во овие тешки времиња: ковид-19, економска криза, странски кредити, има зејтин нема пари, преговори со Србија за купување брашно, колку хектари идната година да сееме сончоглед за производство на домашен зејтин, синдикати над глава, минимална плата и плус  се појави луксузот на бугарското вето.

Малку непромислено, но пред да оди на Самитот ЕУ-Западен Балкан Ковачевски гордо им упати порака на Макрон и на ЕУ:„Францускиот предлог каков што е во моментот е неприфатлив за мене, за претседателот на државата, за владата, за коалиционите партнери и за граѓаните на Република Северна Македонија. Мојот народ мора да се почитува. Доколку во текот на француското претседателство се постигне разбирање за нашите позиции, ние сме подготвени да се вклучиме во разговори“. А крајот на француското претседавање беше неполна една недела потоа – 30 јуни.

Некои аналитичари, новинари и политичари ова негова изјава ја споредија со познатото „не“ на другарот Тито упатено до Сталин 1948 година. Дури и посилно! Неумесна компарација! Два-три дена подоцна второцитираниот актер од премиеровата порака до Макрон, претседателот Пендаровски, од Мадрид го лансираше во јавноста долгоочекуваниот абер дека францускиот предлог (коригираниот!) е добра основа за разрешување на спорот со Бугарија. Јавноста со право се запраша: Што беше тоа така набрзина коригирано во францускиот предлог, па ги менувавме позициите за три дена?

И веќе цела нација од сабајле до вечер дебатира: не е променето ништо, ова е замена за она, тоа замена за тоа; требаше да се брише ова и да се додаде она другото и – крај нема. И така „историското не“ на премиерот наместо да беше поинаку речено, со поинаков вокабулар и со иста содржина, не доведе до меѓусебни недоразбирања и до разни лични толкувања на ист текст.

Политичарите Албанци ја „продаваат“ Македонија

Мојот пријател Героски вознемирен ни пренесува една јавна перцепција во своите колумни: „При тоа, редно е отворено да кажеме дека во дел од јавноста се засилува и екстремно вознемирувачката перцепција дека политичарите Албанци се тие што ја продаваат Македонија и во спорот со Бугарија ја држат страната на Софија. Не велам дека тоа е така, но таа приказна се шири како вирус и тоа е факт пред кој не смееме да ги затвораме очите“. Тоа што Героски го пишува во својата колумна не е веќе само перцепција, оти тој впечаток го има и почитуваниот лидер на опозицијата Мицкоски, кој за време на протестите кога ги спомнува имињата на одредени политичари, кои според него „се огрешиле“ кон Македонците почесто го спомнува името на Бујар Османи, се разбира како министер за надворешни работи. Демонстрантите дури му ја „смениле“ и етничката припадност!

Во една  друга колумна Героски  го повика премиерот Ковачевски да ги фати за уво Заев, Димитров и Османи за да кажат што разговарат во Софија и што се пренесува во Скопје, оти кога Османи разговарал со Стоев во Софија „се било во ред“ (според едно депеше од  нискорангиран дипломат кое дошло во рацете на Героски) а кога разговара во Скопје тоа е сосема друга приказна. Од каде доаѓа таквата перцепција? Министерот Османи нема толку години старост колку што е стар македонско-бугарскиот спор. Тој е 11-тиот министер за надворешни, според редоследот, кој се занимава со оваа проблематика. Да успеал некој од неговите претходници (некој министер Македонец) да го реши тој стар комплициран спор – сите биле познати интелектуалци и политичари од голем калибар – тогаш немаше да постои лошата перцепција за улогата на политичарите Албанци во овој спор. И  ретки се тие кои ја знаат тежината на спорот.

Фактот што Османи последниве денови ја одбил поканата на  Генчовска да оди на преговори во Софија, без да заврши расправата во Собранието за францускиот предлог, зборува за неговиот добар политички капацитет и за тежината на проблемот.

Најважен факт е дека како за време на спорот со Грција така сега со Бугарија албанските политичари добија, од страна на македонската политичка и интелектуална јавност, јавни пофалби  за нивниот коректен однос во одбраната на македонските идентитетски прашања, како што се нацијата и јазикот. Во тој поглед значителен бил придонесот на Османи во преговорите за Преспанскиот договор.

Од друга страна, редно е организаторите на протестите да не дозволат поедници и помали групи демонстранти против бугарските ставови за македонската нација и јазик неиспровоцирани од никого да ги навредуваат Албанците и нивниот јазик. Како што бидува речиси секогаш!

Ковачи на својата судбина

Секој добар компромис ги остава сите страни незадоволни (гневни) рекол еден познат американски карикатурист. Еден друг вели дека политиката е уметност на практикување на компромисот.

И конечно се изјаснија и авторите на компромисот. Во своето обраќање до Македонците францускиот претседател Макрон вели: „Нема да ви кажам дека овој договор е совршен, но ќе ви го расчисти европскиот пат. Како и секој договор, така и овој се заснова на компромиси и рамнотежа. Сега останува на вас Македонците да се изјасните. Моќта да го смените текот на историјата отсега е во ваши раце“.

Францускиот амбасадор Бомгартнер објаснува дека пред компромисот биле многу дискусии и консултации во КОРЕПЕР во другите институции на ЕУ и вистина е дека текстот предизвика реакции и дискусии и од другата страна на границата, дури падна и влада за ова прашање. Тој зборуваше за урамнотежен компромис каде се почитувани барањата на двете страни.

За некои констатации дека со прифаќањето на компромисот Бугарија ќе може кога сака да не блокира, посебно во главата „Фундаменти“, одговорот е во новата методологија на проширувањето. И надвор од овој компромис можни се разно-разни блокади оти процесот е реверзибилен. Најдобар одговр може да најдете во обраќањето на германскиот канцелар Шолц:„Сакам да бидам сосема искрен со Вас: дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така Ви велам: заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат“. Дали сакаме поголема гаранција од ова?

ЕУ нема да ни ги прости ненапредокот во борбата против организираниот криминал и корупција, партизираното судство и администрација итн., итн., кои се спомнуват во сите досегашни заклучоци на годишните извештаи на ЕК. Не се надевајте на тоа, воопшто!

Видео на денот