Ангеловска-Бежоска: Денарот е еден од клучните столбови на македонската економија

Анита Ангеловска-Бежоска/ Фото Архива на СП

Денарот претставува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија, порачува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска по повод 29-годишнината од монетарното осамостојување.

Во обраќањето по тој повод, гувернерката оценува дека монетарното осамостојување се одвивало во исклучително тежок период со чести девалвации на курсот, инфлација која достигнувала и до четирицифрено ниво и пад на економијата се до 1996 година, кога првпат е остварен економски раст од 1,2 проценти.

– Напорите на Народната банка, заедно со другите носители на политики и на академската заедница, одиграа клучна улога за прекинување на инфлациската спирала и стабилизирање на курсот на домашната валута. Во 1995 година беше официјализирана монетарната стратегија на стабилен девизен курс на денарот – стратегија за којашто и тогаш и сега постои широк консензус дека преставува еден од клучните столбови на стабилноста на македонската економија, вели Ангеловска-Бежоска.

Таа нагласува дека Народната банка успева да ја одржи инфлацијата на умерено ниво, слично на европското и оти значаен придонес за ниската и стабилна инфлација има и стабилниот курс на денарот во однос на еврото.

– Претпазливата монетарна политика, како и добрата координација со другите макроекономски политики, доведоа до речиси непрекинат раст на девизните резерви, коишто денес се на историски највисокото ниво и директно ја зацврстуваат стабилноста на девизниот курс. Потврда за здравоста на политиките коишто ги спроведува Народната банка е историскиот исчекор со обезбедување пристап до девизна ликвидност од Европската централна банка, истакнува Ангеловска-Бежоска.

Клучот за досегашното остварување на целите на централната банка, според Ангеловска-Бежоска, е институционалниот капацитет којшто се градел низ годините.

– Само високопрофесионална и независна институција може успешно да се справува со „тешките времиња”, коишто кај нас не ретко ги има. Последен пример за тоа е пандемијата на ковид-19, којашто иакo е битка за здравјето и животот на луѓето, за носителите на политиките е и битка за задржување на макроекономската стабилност и за намалување на ударот врз економијата, вели гувернерката на Народната банка.

Пред 29 години, југословенскиот динар беше заменет со денарот како домашна валута, а Народната банка почна да работи како самостојна централна банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот