Анализа: Владата и Министерството за одбрана се најтранспарентни институци, Општина Арачиново доби најниска оценка

Влада на РСМ / фото: Драган Митрески - Слободен печат

Владата, министерствата и општините оваа година ја подобриле просечната активна транспарентност за само три проценти и изнесува 76 отсто од максимални сто проценти. Активната транспарентност на министерствата е 86, а на општините 74 отсто. Состојбата со одговорите на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер се влошува, покажуваат податоците од анализата на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), од редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции.

Во однос на лани, 54 проценти од министерствата и општините оваа година ја подобриле својата активна транспарентност. Просечната активна транспарентност на сите 98 вклучени институции за 2023 година изнесува 76 отсто од можни сто и според градацијата на нивоата, спаѓа во „добра“ активна транспарентност. Министерствата и натаму објавуваат повеќе информации отколку општините. Иако во 2016 година почнаа од иста основа, односно имаа ниво на активна транспарентност од 45 проценти, јазот меѓу транспарентноста на министерствата и на општините останува голем. Имено, активната транспарентност на министерствата изнесува 86, додека на општините 74 проценти – велат од Центарот за граѓански комуникации.

Досега најмал годишен пораст на активна транспарентност на министерствата и Владата

Анализата од годишното рангирање на институциите покажува дека по кризната 2020 година, кога имаше минимален пад од еден поен, ова е досега најмал годишен пораст на активната транспарентност на министерствата и на Владата.

Од 16 министерства и Владата, само кај шест има пораст на исполнетоста на обврските од активната транспарентност (лани кај 11), кај девет има намалување, додека две имаат исти резултати како лани. Најдобро рангирани, со 100 проценти исполнетост на обврските за објавување, и годинава како и лани, се Министерството за одбрана и Владата. Одбрана е веќе трета година најдобра институција и беше првата, тогаш со Општина Карпош, што освоила максимален резултат откако се прави рангирањето, односно од 2016 година наваму – велат од ЦГИ.

Само едно министерство, односно Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците има исполнетост на обврските меѓу 40 и 60 отсто и спаѓа во групата „просечна“ активна транспарентност.

Деветнаесет општини имаат над 90 отсто активна транспарентност

Најдобрите две општини, Велес и Гевгелија, имаат активна транспарентност од 99% и го делат третото место на вкупната ранг-листа на сите институции. Дури 36 општини (лани 30) се наоѓаат во најдобрата група на институции со „многу добра“ активна транспарентност, односно со исполнување на обврските за објавување јавни информации од 80 до 100 отсто – покажуваат податоците од анализата.

Ниту една општина повеќе не е во најниската група со „многу слаба“ активна транспарентност.

Својата транспарентност годинава ја подобриле 47 општини. Лидери, коишто својата активна транспарентност ја подобриле за повеќе од 30 процентни поени, се Бутел (за 54%), Кичево (за 37%) и Неготино (за 31%), додека најголемо влошување има кај Богданци (17%). На последно место, според индексот на активна транспарентност се најдоа Зелениково, Лозово и Арачиново со најниска оценка од 28,99 отсто.

Институциите најмалку објавуваат за финансиите

Министерствата и општините објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации од јавен карактер, а најмалку за финансиите. Во доменот на пристап до информации, од ЦГИ велат дека процентот на исполнетост на обврските за активно објавување на овие информации, коишто произлегуваат главно од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, кај општините изнесува 88%, додека кај министерствата и Владата овој процент е значително повисок и изнесува 97%.

Информации од областа буџетска и финансиска транспарентност кај општините се исполнети со 57 отсто, а кај министерствата 62 проценти. Во однос на информациите за прашањата од надлежност и за услугите, општините имаат просечна исполнетост на обврските за објавување информации од 74 отсто, а министерствата од 86 проценти. За одговорност, отчетност и интегритет, министерствата објавуваат 90 отсто од предвидените информации, а општините 76 проценти.

Сите региони остварија подобрување, освен Југоисточниот Регион

Источниот Регион повторно е најдобар, додека Скопскиот Регион неколку години по ред е на последното место. По ланското второ место, Источниот Регион го поврати долгогодишниот примат според активната транспарентност и повторно изби прв, пред Југоисточниот Регион.

Анализата покажува постојано подобрување на Југозападниот регион, кој од некогашното претпоследно место сега е на трета позиција. Стандардно, на крајот се Полошкиот и Скопскиот Регион, иако годинава и двата региони имаат подобрување во однос на лани.

Петта година по ред, најголемиот регион во земјава, Скопскиот, е на последното место меѓу регионите според активната транспарентност на општините во него. Годинава, сепак, за првпат овој регион влезе во повисоката оценка на институции со „добра“ активна транспарентност, бидејќи го надмина прагот од 60 % исполнетост на обврските за проактивно објавување информации. Со 97 %, Карпош и годинава, како и многу години по ред, е лидер во Скопскиот Регион според активната транспарентност. Зелениково и Арачиново и годинава се на последните две места, иако и двете имаат значително подобрена активна транспарентност во однос на минатата година – покажуваат податоците од анализата.

На институциите просечно им требале 17 дена да одговорат на барањата за слободен пристап

Во ист ден со иста содржина до сите институции биле доставени барања за слободен пристап, а просечно им било потребно 17 дена да одговорат, односно само три дена пред истекот на максималниот законски рок.

Само 65 проценти од институциите одговорија на барањето во максималниот законски рок од 20 дена, останатите 34 отсто го доставија одговорот по истекот на овој рок, а една воопшто не одговори на барањето. Лани, пак, 93 проценти од институциите одговорија во законскиот рок, што е значително влошување годинава во однос на лани.

Секогаш во овие истражувања, општините беа подобри од министерствата, како според просечниот број денови за кои одговориле на барањата, така и според процентот на барања што ги одговориле во рамките на максималниот законски рок за одговор. Годинава, општините просечно одговорија на барањата за 16 дена, додека министерствата за 19 дена. Но, во однос на процентот на барањата одговорени во законскиот рок, кај општините тој изнесува 64%, а кај министерствата 71%. Најбрз одговор, само за еден ден, пристигна од пет институции – општините Демир Хисар, Конче, Маврово и Ростуше и Пласница и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Воопшто не одговори Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците – се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот