Алпинистот Надир Мурсели од Тетово сам, со автобус отиде во Турција да помага во спасувањето

Надир Мурсели (во сина јакна) и колегите-спасувачи во Кахраманмараш / Фото: „Фокус“

Тетовскиот алпинист и спасител Надир Мурсели самоиницијативно се качил на автобус и заминал за Турција за да помогне во напорите за пребарување на урнатините и спасување на преживеаните во катастрофалниот земјотрес.

Во Истанбул, негова внука и зетот му помогнале да го продолжи патот до погодените области – до Адана заминал со авион, а оттаму, заедно со спасувачи од други тимови, четири часа со автобус патувале до најпогодениот град Кахраманмараш.

Веднаш штом пристигнал, се вклучил во акција, работејќи заедно со тимови од Република Српска и Киргистан, вели Мурсели во изјава за „Фокус“.

„Состојбата е многу лоша, има многу мртви луѓе и се надеваме дека ќе спасиме повеќе лица од под урнатините. Случајно се најдов со тимот од Република Српска и кога дознаа дека сум сам, тие ме зедоа со нив“, вели алпинистот.

Тетовскиот алпинист течно зборува турски јазик, па на колегите-спасувачи од Босна и Херцеговина, освен во пребарувањето на урнатините, им помогнал и со преведувањето.

Неколку стотици спасители од Македонија, во организација на Владата, општини и Дирекцијата за заштита и спасување, се на терен во Турција и помагаат во расчистувањето и во потрагата по преживеани. Во двата силни земјотреса кои неделава ги погодија јужните делови на Турција и Сирија, според досегашните податоци загинале околу 25.000 луѓе, а преку 85.000 се повредени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот