Алијанса за Албанците е убедена дека коалиција од две партии може да ја сруши ДУИ

Според високиот партиски функционер Арбен Таравари, Алијансата е веќе лидер на албанската опозиција и ѝ треба само една партија, за ДУИ да биде победена на 12 април.

До крајот на неделата ќе се знае кој со кого ќе коалицира во албанкиот политички блок. ДУИ не треба да биде само победена туку и понижена, вели Арбен Таравари од Алијанса за Албанците. Партиските анкети на Алијанса покажале дека ДУИ на овие избори ќе „падне“ и со опозициска коалиција составена само од две партии, Алијансата со Алтернатива, или Алијансата со Беса. Ваквите резултати биле добиени од трите анкети направени во изминатите два месеци.

Според високиот партиски функционер Арбен Таравари, Алијансата е веќе лидер на албанската опозиција и ѝ треба само една партија, за ДУИ да биде победена на 12 април. Но, нивната намера е да се обединат трите партии за разликата во гласовите да биде поголема.

– ДУИ не треба да биде само победена туку и понижена, бидејќи тоа го заслужува по 18 години на власт. Преговорите течат тешко, да беа лесни веќе ќе беа завршени. Имаме висока цел, а таа е Албанците да се ослободат од ДУИ. Слично како Енвер Хоџа во Албанија, иста идеологија. Во Албанија 1991 година во мај имаше голем празник, нашата цел е заедно да празнуваме на 12 април 2020 година. Ако не успее обединувањето со Беса и Алтернатива, тогаш Централното претседателство на Алијанста во наредните 4-5 дена ќе одлучи со која од двете партии ќе коалицира – рече Таравари, во Утрински брифинг, на Слободен печат.

Таравари, вели дека на парламентарните избори во 2016 не дошло до обединување на Алијансата и БЕСА бидејќи инсталираните луѓе на ДУИ во партиите тоа не го дозволиле.

-. Иако тие луѓе не влијаат многу, сепак доволно е што јавно зборуваат дека се за обединување, а кога ќе седнат на преговарачка маса поставуваат невозможни услови – вели Таравари.

Неодамна високи партиски функционери на Беса за „Слободен печат“ изјавија дека се за коалиција и со Алтернатива на Африм Гаши. Ставот на Алтернатива беше дека и само со нив и Алијансата ДУИ ќе биде победена. Дали „гостувањето“ на Села, Гаши и Касами на Албанија ќе донесе нешто ново, Таравари вели дека нема ништо ново од посетата и средбите во Албанија околу обединувањето на албанската опозиција. Села, Касами и Гаши, не биле таму за да добијат насоки туку поради пријателство со некои невладини организации и политички партии кои посакувале обединување на опозициајта за да се сруши ДУИ.

За информациите во јавноста дека официјална Тирана врши притисок за обединување, високиот партиски функционер на Алијанста, вели дека тоа е масло на ДУИ. Имаме пријатели и во Косово и во Албанија кои сакаат единствено да дојде до промена во албанскиот блок.

– ДУИ се како мали деца. Навикнати да дојдат групи од Косово да им помогнат за гласања. Официјална Тирана да ги поддржува е нормално. Не е точно дека Албанија или Косово се мешаат во македонската политика. Ние имаме пријатели и во Косово, кои сакаат промена во албанскиот блок – рече Таравари.

Неодамна, високи партиски функционери од Беса за „Слободен печат“ посочија дека се за тројна коалиција, додека, пак, Алтернатива инсистира на коалиција без Беса.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот