Албанските партии ги „рушат“ препораките за Законот за јазици на правните експерти од Советот на Европа

Во пресрет на пролетниот Самит на ЕУ во Загреб, на кој Македонија очекува да добие датум за преговори со Унијата, партиите на Албанците „си играат“ со европските стандарди. Венецијанската комисија не требало да се повикува на употребата на јазикот на малцинствата во Европската Унија, порачуваат од албанскиот политички блок. Оттаму најавуваат дека ќе направат се, препораките за Законот за употреба на јазиците да не се спроведат.

Во писмото на Владата до Комисијата од 22 јануари 2019 година, стои дека очекува мислење во врска со усогласеноста на Законот со европските стандарди и со принципот на владеење на правото. Откако Венецијанската комисија и прати абер на Владата дека Законот за употребата на јазиците не е европски, албанските опозициски партии Алијансата, БЕСА но и владејачката Алтернатива најавија дека ќе бараат уставни измени. Според нив, препораките на правните експерти на Советот на Европа не требало да бидат во согласност со употребата на јазикот на малцинствата во Европската Унија, бидејќи тие во Македонија не биле малцинство туку, конститутивна заедница, со над 25 проценти.

Алијансата смета дека Венецијанската комисија требало да ја разгледа само употребата на албанскиот јазик на банкнотите и во војската.

„Сега доаѓаат препораки за употреба на јазикот на малцинствата во Европската унија што не е во ред“, велат од Алијансата.

Од движењето Беса, пак сметаат дека Законот не им давало нешто повеќе од тоа што им следувало.

„Бараме албанските партии да седнат и во рамките на Платформата на албанските парламентарни партии да го решат проблемот на албанскиот јазик со Устав”, велат во Беса.

Според Алтернатива пак, која е дел од власта, требало да се редефинира јазичната политика во двојазична држава што би се регулирало и со Устав.

И коалицискиот партнер ДУИ не остана покус. Вицепремерот за европски прашања Бујар Османи рече дека „се ќе биде како во 2001 година“, но и тоа дека Венецијанската комисија не била супермаркет за да се бира што ќе се купи – судство или банкноти.

„Кој било друг во државата ако се обиде на најсензитивното прашање да пристапи еднонасочно, буквално ја руши оската на која се држи балансот на македонско-албанските односи во државата“, рече Османи.

Вицепремерката Радмила Шеќеринска со став дека сите досегашни препораки на Венецијанската комисија биле имплементирани.

„Видовме како неодговорни политичари нè доведоа на раб на војна, создавајќи страв кој беше нереален. Мислам дека државата, па и граѓаните, јас се надевам и некои од партиите научија нешто од тоа искуство“, рече Шекеринска.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека Владата мора да ги почитува препораките и дека Венецијанската ги потврдила нивните забелешки.

„ВМРО-ДПМНЕ е за употреба на јазиците но во согласност со законските норми и она што треба да биде олеснување во комуникацијата низ институциите“, велат од партијата.

Заев и Ахмети во расчекор

Премиерот Зоран Заев најави почитување на препораките од Венецијанската комисија, што ќе значи и ревидирање на законот. Согласно законската процедура тоа значи враќање на Законот во Законодавниот дом откако Министерството за правда ќе ги подготви измените во согласност со забелешките на правните експерти од Советот на Европа. Но затоа, пак, пред две недели во пресрет на одлуката на Венецијанската комисија лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со Законот, порача дека не треба да се оди назад бидејќи тоа ќе ѝ штети на државата.

Освен за пречките во судството, Венецијанската комисија исто така препорачува употребата на албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација да се ограничи само на писмени службени комуникации или да биде одложена сè додека не стане реално соодветното спроведување на таа одредба. Во извештајот, меѓу другото, пишува и дека Законот не треба да се носи pо скратената постапка, во отсутво на опозицијата и без амандманска расправа. Потребна е јавна дебата, бидејќи е од широк јавен интерес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот