Алармантно ни фали витамин Д – во опасност се децата и бремените жени

vitamin d
Фото: Unsplash

Над две третини од населението во светот, но и кај нас, има недостиг од витаминот Д, покажуваат светските истражувања, според кои овој недостиг ги става во посебна опасност бремените жени, здравствените работници, децата и жените во поодмината возраст.

Афродита Танеска, лабораториски аналитичар и специјалист за биохемиски анализи во Здравствениот дом во Прилеп, која направила и свои истражувања, веќе втора деценија живееме во „пандемија“ од недостиг на витаминот Д.

„Најфрапантно е што трудниците, дури 76 проценти, имаат недостаток од Д витамин што се рефлектира врз плодот и подоцна во развојот на децата со појава на тешки автоимуни заболувања, дијабети, па дури шизофрении. Кај децата од девет до единаесет години дури 48 отсто е дефицитот на витамин Д. Податоците се страшни и за, нас, здравствените работници, односно околу 32 проценти од здравствените работници го имаат тој недостиг“, вели Танеска за „Канал 5“.

Според нејзините истражувања, процентот е повисок кај жените, особено со староста и при остеопороза. Таа подготви труд, испитувајќи ги состојбите кај жени од 40 до 80 годишна возраст констатирајќи дека зимното време, старосната граница и патологијата на болестите директно влијаат на недостатокот. Ова се случува подолго време, а најизразено беше во пандемијата, поради продолжениот престој во затворен простор.

– Со короната живеевме во затворени простори, постојано сме пред екраните. Рестрикциите со короната го зголемија ризикот, не излегувавме, не го користевме сонцето. Посебен факт е зимскиот период. И секако, недостаток на информираност за тоа што нѝ се случува и што треба да преземеме. За да се преземе нешто во лето е лесно. Повеќе надвор, на сонце. До 30-тина минути на сонце, го достигнуваме нивото на потребата од витамин Д. А во зимскиот период, неопходни се побогата храна со Д витамин и суплементи. Суплементите да не се земаат на своја рака, туку со препорака од лекар. Неопходно е да се земаат и К-2 и магнезиум, смета Танеска.

Што се однесува до ковид-пандемијата, таа проблемот го исфрлила на површината, иако сѐ уште „се кршат копјата“ за корелацијата од недостигот на Д витаминот и компликациите во заразата, вели таа.

-Има многу истражувања. Некои го потврдуваат тоа дека исходот на ковидот зависи од Д витаминот, но други сѐ уште држат до тоа дека Д витаминот е само имуномодулатор и дека делува само на вирусите и на бактериите и нема точни истражувања. Но, има низа истражувања кои ја докажуваат поврзаноста. На пример, во болница во Шпанија при истражувања на огромен број пациенти, се докажало дека до 80 насто, и тоа кај машката популација, заболеле од корана и имаат полоша прогноза отколку кај жените, со високи Д димери поради недостигот од Д витамин, појаснува Танеска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот