Ако сакате манџа, купете си органски грав по 500 денари за килограм

Фото: Flickr

Куриозитетно е што дури и на веб-страницата на Земјоделско-пазарниот информативен систем на Министерството за земјоделство, веќе подолг период не се пласираат информации за цената на овој зеленчук на пазарите на големо, иако според владината одлука тој е замрзнат на цена од 95 денари за килограм

Кривичните пријави, јавните прозивки и заплените не вродија со плод. Грав по замрзната цена од 95 денари за килограм нема никаде. Увозниците и пазарџиите ја игнорираат владината одлука и се цврсто решени да не го продаваат како што е пропишано. Куриозитетно е што дури и на веб-страницата на Земјоделско-пазарниот информативен систем на Министерството за земјоделство веќе подолг период не се пласираат информации за цената на овој зеленчук на пазарите на големо! Од друга страна, според истиот систем, најскап грав на зелените пазари на мало се продава во Охрид (250 денари), Велес и Ѓорче Петров (200 денари) за килограм, додека најевтин е на пазарот во Свети Николе (130 денари), што сепак е двојно повеќе од пропишаната цена.

Ако сепак сакате манџа, на располагање ви стои пакување органски грав „пешак“, кој чини само 120 денари за пакување од 250 грама (односно 480 денари за килограм). Но, количествата органски грав се ограничени, па според проверките на „Слободен печат“, речиси и да нема залихи на веб-страниците што онлајн продаваат органски производи.

– Може да се најдат мали количества грав и тоа под тезга, но цената им е од 200 до 350 денари за килограм, наводно тетовски грав. Не треба да ве лаже умот, тоа е истиот „киргистанец“, само со поголема калибража – велат пазарџиите. Од друга страна, во манџариите на големите маркети се нуди килограм зготвен грав по цена од 230 до 300 денари, а според трговците, може да се најде само рано наутро и прв го снемува.

– Веќе третпат доаѓам да си купам зготвено гравче-тавче и нема – вели видно разочарана постара жена во еден од маркетите. Нема информации од каде се набавува овој грав за да биде продаден како готово јадење, дотолку повеќе што на рафтовите од големите продавници веќе два месеци го нема како свеж и пакуван.

Освен 300 тони грав, кој беше скриен во магацин на големо и кој инспекцијата го откри на 10 април, засега нема други контроли.

– Констатиравме дека во магацините има доволно овошје и зеленчук и апелирам да биде доставено во согласност со Одлуката на Владата. Така, на пример, во магацините откриени се над 300 тона грав, кој се чувал и не се пуштал во продажба – изјави тогаш Горан Трајковски, директор на ДПИ.

Инаку, големината на глобалниот пазар на сув грав достигна 6,7 милијарди долари во 2022 година. Гледајќи напред, групацијата ИМАРК очекува пазарот да достигне 8,7 милијарди долари до 2028 година, покажувајќи стапка на раст од 4,3 отсто во текот од оваа до 2028 година. Зголемената потрошувачка на сув грав, лесната достапност на производите преку онлајн и офлајн канали и зголемената популарност на веганските и вегетаријанските диети меѓу масите претставуваат некои од клучните фактори што го движат пазарот.

Кај нас грав, а во Европа недостигаат од пиво до паста за заби

Лук Џенсен, извршен директор на онлајн супермаркетот Окадо во Велика Британија, вели дека поради повисоките цени, луѓето во целина купуваат помали количини храна и можеби станаа повнимателни да не трошат храна. Ситуацијата е комплицирана од постојаните проблеми со синџирот на снабдување и неподготвеноста на многу продавници да склучуваат големи зделки со снабдувачите додека цените на суровините се високи. Ова предизвикува нестабилност во достапните залихи на широк спектар производи како чоколадо, кечап и шампони, пишува Ројтерс, додека војната во Украина и екстремните временски услови исто така играат негативна улога, кои исто така предизвикуваат нарушувања во достапноста на снабдувањето. Производите со најголем недостиг во некои продавници се кечап, тестенини, чоколадо, чај, чипс, паста за заби и храна за домашни миленици, според истражувањето Дата Импакт на Нилсен АјКју.

Зошто се вели „просто како грав“?

Кога е нешто многу лесно и едноставно, обично за него се вели дека е „просто како грав“. Но, многу е интересно како, всушност, настанала таа изрека? Иако првата асоцијација ве води кон лесната подготовка на ова вариво, сепак изреката датира од многу одамна уште од времето на старите Грци и Римјани. Имено, додека ги приредувале пролетните свечености, кога ја бркале зимата, на сцената излегувале актери што јаделе каша од мешунки и жито, покажувајќи дека доаѓа времето на радост и изобилство. Јадењето на овие плодови претставувало ритуал на „јадење на бог“, односно фазата на смртта (која според симболиката била сон и глупост) и повторно раѓање на бог, кој носи изобилство. Така со време, гравот (мешунките) почнале да се поврзуваат со лудоста и глупоста, па затоа кога е нешто едноставно се вели дека „просто како грав“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот