Ако не се донесе ДУП до петок, Општина Карпош ќе плаќа отштета во милионски суми

ДУП З04 блок 05 (делот кај СЦ Борис Трајковски), Фото: Фејсбук/Независни за Карпош

Минатото лето Општина Карпош изврши јавна презентација на новиот нацрт ДУП за просторот што опфаќа дел од тениските терени кај СЦ „Борис Трајковски“ и во кој, исто така, е вцртана парцела за бензинска пумпа покрај булеварот Осми септември, кој до денеска не е усвоен од општинскиот Совет.

Советничката група на СДСМ во Општина Карпош побара од претседателот на Советот Бранко Ристов да свика седница, на која единствена точка на дневен ред би била – донесување на ДУП Градска четврт 3 04, блок 5. Според нив, ова е неопходно за да се избегнат трошоци и камати, кои Општината и државата ќе треба да ги платат ако не се донесе овој план, според тужбено барање поднесено од правно лице.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски пред два месеца преку видео-обраќање јавно ја повика градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да формира Комисија за урбанизам, која треба да даде согласност за планот за да се спаси Карпош од тужба од инвеститор тешка 15 милиони евра. Очигледно, во меѓувреме е добиена потребната согласност.

За овој ДУП претходно е обезбедена согласност од Град Скопје и од Министерството за транспорт и врски, како и од сите други институции што се дел од постапката за носење планови според Законот за урбанистичко планирање – се вели во соопштението на СДСМ.

Оттаму нагласуваат дека седницата треба да се одржи пред 4 март за кога е закажано судско рочиште. Всушност, во петок треба да се објави пресудата од која Општината стравува.

Деталниот урбанистички план е донесен во јули 2016 година и во него била вцртана парцела за бензинска пумпа. Три месеци подоцна е спроведено јавно надавање за продажба на државното земјиште, но во 2018 година Уставниот суд го укина планот. Минатото лето Општина Карпош изврши јавна презентација на новиот нацрт ДУП за просторот што опфаќа дел од тениските терени кај СЦ „Борис Трајковски“ и во кој, исто така, е вцртана парцела за бензинска пумпа покрај булеварот Осми септември, кој до денеска не е усвоен од општинскиот Совет.

Од Општина Карпош не појаснија за што точно е тужбата, дали на тужителот „Пуцко петрол“ му била издадена градежна дозвола и дали се веќе платени комуналиите, ниту зошто се тужи Општината ако планот бил укинат од Уставниот суд.

Според информациите на советничките од „Независни за Карпош“, во понеделникот се одржала итна консултативна средба на сите советници со градоначалникот и со државниот правобранител за да им објаснат колку е битно донесувањето на ДУП.

 

Од државен правобранител, одговорен за подрачјето Скопје, ни беше побарана соработка – носење на ДУП, поради предметот во кој се тужи Општина Карпош од страна на „Пуцко петрол“ ДООЕЛ, со укажување дека доколку не се соработува, ќе биде должен да пријави кривична одговорност до ЈО според член 12 и 13 од Закон за државното правобранителство. Она што писмено го добивме пред средбава е дека тужителот „Пуцко Петрол“ веќе имал една пресуда донесена од Основен граѓански суд во негова корист, а потоа второстепениот Апелациски суд предметот го вратил на повторно разгледување пред првостепениот суд, каде што на 16.2.2022 година расправата завршила. На 4 март 2022 година е закажано рочиште за објавување пресуда – информираа од „Независни за Карпош“ на својата фејсбук-страница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот