Аеродромот во Охрид забележа рекордни 300.000 патници

Компанијата „ТАВ Македонија” најави проширување на аеродромот „Свети Апостол Павле” во Охрид. Планирано е градежните активности да почнат што поскоро, а веќе за престојната летна туристичка сезона аеродромот да располага со двојно поголем капацитет односно можност да опслужува околу 600.000 патници годишно.

Генералниот директор на „ТАВ Македонија” Алпер Ерсој на денешната прес-конференција истакна дека охридскиот аеродром оваа година првпат во историјата на постоењето достигнал бројка од 300.000 патници, што споредено со 2009 година кога компанијата почна да стопанисува со капацитетот е зголемување на патничкиот сообраќај за 815 проценти.

– Постигнатите резултати се последица на експанзијата на мрежата авиолинии од аеродромот во Охрид, на што како аеродромски оператор постојано работиме, како со зголемен број летови така и со привлекување патници од регионот, рече Ерсој.

Моментно Охридскиот аеродром работи на 22 дестинации, од кои осум редовни и 14 сезонски, опслужувани од 13 авиокомпании.

Најавените градежни активности предвидуваат проширување на терминалната зграда на аеродромот кон објектот за прием на ВИП патници, отворање уште неколку линии за чекирање, дополнителни капии за проверка при полетување, уште еден карусел за багаж, редизајнирање на објектот со цел побрз проток на патници низ аеродромските процедури и подобрување на услугата и конфорот на патниците.

– Мошне сум задоволен што Охридскиот аеродром го достигнува ова ниво. Работеве напорно за да го промовираме на секој можен начин, директно или преку врстени маркетиншки зафати. Овој успех, овие бројки секако се резултат и на добрата соработка со сите субјекти, институции на локално и централно ниво, потенцира Ерсој.

Со 53,8 процентен пораст на патничкиот сообраќај во третиот квартал од оваа година охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле” беше рангиран на листата најбрзорастечки аеродроми, во категоријата според големината, на листата аеродроми што не се во ЕУ. Двата аеродроми во земјата оваа година до ноември опслужија 2,5 милиони патници што е годишен раст од 14,1 проценти. Зголемен е и бројот реализирани летови на 20.215 што е десет проценти повеќе споредено со истиот период лани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот