Аеродромци најмногу се жалат на смрдеата, на кучињата скитници и немањето место за паркирање

Фото: Архива

Проблем со кој веќе подолг временски период се соочуваат жителите на оваа скопска општина, особено оние што живеат во индивидуални куќи, е исклучително бавниот процес на легализација на објектите.

Загадениот воздух, недоволниот број слободни паркинг-места, големиот број улични кучиња особено
на пофреквентните места во општината, бавниот процес на легализација на домовите. Ова се само дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат жителите на Општина Аеродром.

Имено, аеродромци, односно населението што живее во Населба Лисиче, во Горно Лисиче и во населбите Островска и Вардарска, веќе со години наназад се принудени да го дишат најзагадениот воздух во Скопската Котлина.  Како главна причина за тоа најчесто надлежните институции го наведуваат затоплувањето на домовите во овој период од годината со дрва, јаглен, но за жал и со отпад како гуми и лакирана или фарбана дрвенарија. Сиромашниот слој на населението, поради недостиг на доволно финансиски средства за затоплување, се одлучуваат домовите да ги загреваат со согорување отпад, притоа предизвикувајќи сериозно високи концентрации на ПМ10 честички во воздухот. Дополнително загадување на амбиенталниот воздух предизвикуваат и несовесните граѓани, кои намерно спалуваат диви депонии, но и отпад собран од бавчите и од дворовите.

Единствено решение за овој долгогодишен проблем е санкционирање на сите што несовесно согоруваат секаков вид отпад, но и засадување што е можно повеќе зеленило и дрвја.

– Загадувањето на воздухот претставува еден од првите проблеми што ги посочуваат жителите на Аеродром. За таа цел, приоритет на новата администрација е зголемување на зелените површини и создавање нови 100.000м2 зеленило. Така, на иницијатива на градоначалникот и со одлука на Советот, досега беа избришани неколку маркички наменети за станбени згради и сега на тие парцели се предвидени паркови. Покрај тоа, како што можат да забележат граѓаните, досега на територијата на Општина Аеродром беа лоцирани и целосно исчистени десетина големи диви депонии, а создавачите на тој отпад беа соодветно казнувани. Воведено е и сменско работење на инспекциските служби, кои дежураат и за викендите со цел превенција од создавање вакви нови локации – велат од Општина Аеродром.

Од оваа скопска општина меѓу другото велат и дека сè со цел да се слушнат проблемите со кои секојдневно се соочува локалното население, градоначалникот Тимчо Муцунски воспоставил практика за редовни средби со жителите на најбројната скопска општина.

– Новитет на оваа администрација е тоа што градоначалникот Тимчо Муцунски започна да остварува редовни средби со жителите на местата на кои тие живеат, на кои заедниците на станари или група граѓани можат директно да ги изложат своите проблеми и заеднички да ги разгледаат можните решенија. Овој модел на непосредна комуникација со граѓаните засега покажува одлични резултати, а овие средби ќе продолжат со поголем интензитет и во наредниот период. Со ова, градоначалникот оди директно
кај граѓаните и нивните места на живеење, со што тој добива реална слика за предизвиците со кои се соочуваат аеродромци – велат од Општина Аеродром.

Инаку, кога станува збор за решавање на проблемот со паркирањето за кој редовно стигнуваат жалби и поплаки од локалното население, од Општина Аеродром велат дека во моментов од нивна страна се работи на негово решавање.

– Проблемот со паркинг-местата е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат аеродромци, што беше забележано уште во предизборната кампања на градоначалникот Муцунски. Токму затоа, помеѓу првите чекори што ги преземавме е спроведувањето анкета меѓу жителите за воведување зонско паркирање на неколку критични локации низ Општината. Дополнително, работиме на изнаоѓање решение за отстранување на хаварисаните возила кои со години наназад зафаќаат голем број паркинг-места, а ќе бидат преземени мерки за исцртување нови места за паркирање и за таа цел ќе се примени системот на косо паркирање како успешен модел за подобрување на паркинг-услугите – заклучуваат од Општина Аеродром.

Кога станува збор, пак, за појавата на бездомни кучиња на територијата на целата општина, општинската власт вели дека интензивно работат на изнаоѓање конечно и трајно решение на овој проблем.

– Околу состојбата со бездомните кучиња, тое е нешто со кое се соочуваат речиси сите општини, активно се работи на изнаоѓање системско решение во интензивна соработка со ЈП „Лајка“. Со тоа, ќе обезбедиме интервенција на службите на јавното претпријатие на неколку критични точки низ општината за кои има најголем број поплаки, а истовремено ќе се погрижиме за хуман третман на бездомните кучиња – велат оттаму.

Сепак, проблем со кој веќе подолг временски период се соочуваат жителите на Општина Аеродром, особено оние што живеат во индивидуални куќи, е исклучително бавниот процес на легализација на објектите. Па, така, има семејства кои 10-11 години иако имаат доставено комплетна документација, сè уште чекаат да им биде легализиран домот во кој живеат.

Кога станува збор за ова прашање, од Општина Аеродром признаваат дека ваквиот проблем е нешто што се насобира долги години, но новата администрација конечно почнува да го решава.

– Иако сè уште не сме ја постигнале посакуваната бројка, интензивно работиме на зголемување на издадените решенија, за кои динамиката во моментот вели дека просекот на потпишани легализации на неделно ниво изнесува околу 60. Нашите служби во моментот имаат околу 700 барања што треба да се разгледуваат, некои во почетна, а некои во завршна фаза, по што следува финализирање на целата процедура. Воедно, ги замолуваме граѓаните на разбирање, со уверување од наша страна дека секое уредно поднесено барање ќе биде решено во најбрз можен рок – заклучуваат од Општина Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот