20. ОФФест: Со „музиката на светот“ се бришат расните, етничките и јазичните предрасуди

Извонредното дуо Лина и Раул Рефри (Португалија/ Шпанија) ќе настапи на првата вечер на 20. ОФФест

По завршувањето на јубилејното 40-то издание на Скопје џез-фестивал, од 9 до 13 ноември својот јубилеј ќе го одбележи и „помалиот брат“ на џез-фестивалот.

Планираната програма за јубилејното 20. издание на ОФФест е свежа, разновидна и возбудлива, најавија од Скопје џез-фестивал. Почетокот на фестивалот на 9 ноември ќе биде во знак на сеќавањето на делото на големата португалска пејачка легенда и култна кралица на фадото, Амалија Родригез (1920-1999).

Во нејзина чест прво ќе биде прикажан документарниот филм „Уметноста на Амалија“ во режија на Бруно де Алмеида, во 18 часот, во кино „Фросина“, а потоа во НОБ ќе настапи извонредното дуо Лина и Раул Рефри (Португалија/ Шпанија), кое изведува осовремено и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници.

Мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на триото „Широм“ (Словенија), во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист/композитор и воедно еден од најзначајните претставници на современата бразилска музика Кико Динучи, ветуваат исклучително концертно доживување од највисок ранг на 11 ноември.

Неодоливиот шарм, визија и поезија на Пијан Славеј (Македонија) ќе се доживеат на 13 ноември

Конечно, величествената моќ на еден од најинвентивните и најоригинални африкански автори Блик Баси (Камерун/ Франција) на 13 ноември ќе се вклопи во неодоливиот шарм, визија и поезија на Пијан Славеј (Македонија), алтер-проект на Бранислав Николов, фронтменот на битолската група „Фолтин“. Песните на Баси се возбудливи, емотивно и политички набиени, додека Пијан Славеј е еден од најхаризматичните и најоригинални дејци на домашната музичка сцена.

На прашањето зошто е битно „музиката на светот“ да се слушне во Скопје и што ја прави разликата помеѓу таа музика и музиката што ја слушаме на џез-фестивалот, ни одговори уметничкиот директор на Скопје џез-фестивал и ОФФест, Оливер Белопета.

– ОФФест стартуваше како втор фестивал изграден со традицијата и искуствата од Скопскиот џез-фестивал. Идејата беше да се создаде уште еден значаен интернационален музички настан кај нас, во различен период од годината и жанровски пошироко ориентиран. Иницирањето на ОФФест се наметна како природна потреба во периодот на брзото подигнување на свеста во светот за креативноста на таканаречената „музика на светот“.

Несомнено, во три-четирите последни децении, последица на глобализацијата е ерата на, во голема мерка, бришење на расните, етнички и јазични предрасуди. И драматичното проширување на сознанието дека на сите светски меридијани и континенти, Африка, Јужна Америка, Блискиот и Далечниот Исток, се создавала и се создава извонредна, вонвременска музика.

Интересно, промовирањето на „музиката на светот“ први ја иницираа џез-фестивалите и џез-музичарите (таа на Скопскиот џез-фестивал, да ве потсетам, беше присутна и пред ОФФест), за потоа и денес, кога таа насекаде ужива завидна популарност, неа да ја прифатат и рок-фестивалите и западните концертни подиуми. Едно време и самиот бев зачуден од брзото стекнување на највисока светска репутација на ОФФест, еднаква на онаа на џез-фестивалот, иако тој е двојно постар. Но, листата на досегашните учесници на ОФФест е импресивна (практично најдоброто од таа „музика на светот“) и не остава простор за чудење и изненадување.

А зошто е толку битно таа музика да се чуе во Македонија? Затоа што со тоа се обезбедува двонасочна комуникација на една мала земја, како Македонија, со целиот свет. „Музиката на светот“ (или „ворлд мјузик“ – инаку не баш идеална терминолошка одредба), барем таа, ги скрши границите помеѓу големите и малите земји. Оттаму, ОФФест, многу повеќе од џез-фестивалот, ја надминува класичната културолошка рамка, добивајќи важно социолошко, па и политичко обележје – истакнува Оливер Белопета.

Сите концерти ќе се одржат во салонот на Националната опера и балет, додека проекцијата на документарниот филм за Амалија Родригез ќе се одржи во кино „Фросина“ во МКЦ. Дизајнот на јубилејното издание на ОФФест е на македонскиот графички дизајнер Зоран Кардула.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 104, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот