Фабрика „Треска“, Фото: Приватна архива

Сопствениците на парцелите кај „Треска“ го објавија изгледот на населбата, Центар сѐ уште го нема проектот

Што, како и кога ќе се гради на просторот што со години предизвикува реакции во јавноста, засега точно не се знае. Не се знае ни што ќе се случува доколку Уставниот суд го укине актуелниот ДУП, според кој ќе се издаде првото одобрение за градба.

Уставниот суд оформи предмет по иницијативата на адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска и граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ со која го оспоруваат ДУП-от за Буњаковец на Општина Центар во кој спаѓа и просторот кај поранешната фабрика „Треска“. Претходно, пред десетина дена беше најавено дека во кругот на фабриката ќе почне изградбата на првата зграда, за што фирмите „Голден арт“ и „Мега акустик“ веќе уплатиле комуналии во висина од 800.000 евра, па се чекало уште потпишувањето на одобрението за градба.

Деновиве пак, беше објавена визуализација на просторот, која потоа ја пренесоа неколку медиуми, со објаснување дека на местото на „Треска“ ќе се изгради модерен комплекс со ниски станбени згради со квалитетна архитектура, која ќе остави впечатлив белег во околината, со уредено зеленило, модерна урбана опрема, меѓублоковски паркови и спортски игралишта. Кој и како ја подготвил оваа визуализација, никаде не беше соопштено.

На прашањето од „Слободен печат“ до Општина Центар дали на видеото што се споделува навистина е прикажан изгледот на идната населба, дали уредување на просторот е направено според актуелниот ДУП и зошто, доколку е така, Општината официјално не го претстави идниот изглед на просторот, туку анонимно се споделува на интернет, од Центар велат дека проектот го презентирале сопствениците на парцелите.

Проектот и визуализацијата се презентирани од сопствениците на земјиштето што е во рамките на градежните парцели. Општина Центар не може да го претстави изгледот на просторот затоа што станува збор за приватни парцели што се во приватна сопственост и за нив нема доставено проектна документација каде што Општината би можела да се произнесе во делот од нејзините надлежности – одговараат од Центар.

Оттаму додаваат дека Општина Центар е транспарента општина и никогаш не реагира анонимно, напротив дека сите информации се многу лесно достапни на веб-страницата и преку пристапот до информации од јавен карактер.

Сѐ додека Општина Центар не располага со проектна документација за приватни парцели, не можеме да пласираме каква било информација во јавноста. Бидејќи станува збор за одговорна општина, не би сакале да пласираме нешто за кое никој во моментов не е запознаен – тврдат од Центар.

ДУП Буњаковец 2

Што, како и кога ќе се гради на просторот што со години предизвикува реакции во јавноста, засега точно не се знае. Не се знае ни што ќе се случува доколку Уставниот суд го укине актуелниот ДУП, според кој треба да се издаде првото одобрение за градба.

Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ подолг период настојува да ја спречи изградбата и бетонизацијата на овој атрактивен простор во центарот на градот. Токму тие ја поведоа и постапката пред Уставен, заедно со адвокатката Јошевска Анастасовска и сега се во очекување каква ќе биде одлуката на судот.

Се надеваме на еднакво брзо и ефикасно постапување на судот имајќи предвид што и инвеститорите забрзано се подготвуваат да почнат со градба. Герасимовски веќе потпиша една дозвола, а од медиумските објави се гледа дека и други инвеститори забрзано собираат милионски суми за да почнат со градба на „наполитанките“ кај „Треска“. Во недостиг на политичка волја да се сопре со спроведувањето на незаконските ДУП-ови што се косат со Генералниот урбанистички план на Скопје, само судот може да ја врати законитоста во планирањето во Центар – велат од „Шанса за Центар“.

Оттаму додаваат дека за просторот кај фабриката „Треска“ се бореа граѓани, активисти, архитекти и урбанисти, па, како што тврда, до 2020 година имало и политичка волја за промена кога се прифати напуштање на решението од ДУП-от и се направи конкурс.

– Општинската власт под раководство на Герасимовски, неколкумина моќници и спрегата со институциите што го изгубија своето значење, интегритет и кредибилитет може да му пресудат на последниот поголем простор и да си ја потврдат својата улога на непријател на граѓаните – нагласуваат од „Шанса за Центар“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот