Зошто Мицкоски е на иста линија со инфодемијата?

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Во својата бескрајна тирада пред злокобната Бела палата (30 мај), без нималку задршка и пристојност, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, познат и како Извичник, ги понижи и навреди здравствените работници. Тие што деноноќно се на првата линија и ги ризикуваат своето здравје и живот, нив ги навреди. Се разбира, се обиде да ја навреди и интелигенцијата на сите други што го слушнаа или прочитаа неговиот говор и одговорите на новинарските прашања.

Но, затоа го испофали својот Наќе. Истиот што е на чело на нападот врз професионалниот и моралниот интегритет на МВР и што од петни жили се обидува да го врати стариот „отсјај“ на МВРО. Со своите паушални оценки и „јас, па јас“ настапот, тој го исполни својот горчлив настап со навреди и клеветења на адреса на сите, освен на своја адреса. Горчлив, нервозен, непријателски и клеветнички настап. Само да не се одело на избори!

Навистина, ако на Мицкоски му е страв да оди на избори, не мора сите да ги прави будали, да ги понижува и навредува, а најмногу оние што се најзаслужни и најпотребни во борбата против коронавирусот. Се чини дека неговиот агитпроп ги исцрпи сите, па и најевтините трикови, во обидот да ја излаже јавноста дека изборите се опасни по здравјето. Неговите настапи во јавноста се такви што дури и да повтори некоја критика на сметка на Владата или институциите, што претходно ја искажале релевантни познавачи на состојбите, тоа во неговиот настап звучи како пропаганда со цел да се спаси себеси и партијата од одговорноста.

Со продолжување на вонредната состојба, се продолжува и политичкиот живот на Мицкоски. Непрекинато, поточно опседнато, го повторува името на Зоран Заев. Со леснотија обвинува, употребувајќи ги зборовите диктат, партизираност, фамилија, корупција, криминал – состојби познати од времето на режимот…

Зошто?

До вчера слушавме како Мицкоски ѝ верува и се потпира на Комисијата за заразни болести за одеднаш целосно да го промени мислењето, па сега бара нивна смена и ги обвинува за партизираност и послушништво, за кршење на хипократовата заклетва… Им одржа долга и здодевна лекција на здравствените работници за хипократовата заклетва и за нивниот морален интегритет. Навредливо, крајно навредливо. И во линија со инфодемијата на чија мета е токму кредибилитетот на здравствените институции, со што предизвикаа невидени штети и трагедии насекаде во светот.

Можеби играњето чочек по кафеанските маси и непостапувањето на полицијата треба да се протолкуваат како грижа за здравјето? Шегата настрана, се работи за нешто сосема друго, тоа е барем очигледно.

Деновиве повторно станавме светски познати по „фарми“ на тролови – македонската интернет „војска“ за која светот дозна по изборите во САД на кои победи Доналд Трамп, а потоа и за време на Референдумот од 2018 година. И сега станавме светски познати по ширењето на лажните вести, митовите и говорот на омразата поврзани со пандемијата. Ова е период кога го гледаме Мицкоски, неговата партија и низа други, помали политички, а секако и криминални ентитети, како дејствуваат во иста линија со инфодемијата. Случајно и неповрзано едно со друго? Јас не мислам така. (Ало, СЕММ, ова е мој личен став и вредносен суд. ОК?)

Времето е исклучително важен фактор за Мицкоски. Што повеќе го одложува изборниот процес, толку повеќе живот има за него на политичката сцена. Свесен е дека му се заканува смена во партијата и дека Груевски веќе одамна разговара за тоа со луѓе од неговото најблиско опкружување. Бизнисите што ги доби од Груевски му се, исто така, загрозени. Сеедно му е што вонредната состојба е ризик и за неговата партија, нему му е важен неговиот опстанок, макар да се мери и со денови и недели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот