Златото пoскапува: Денешните невести мора да се задоволат само со бурма и со ситни подароци

Фото: EPA-EFE/LUONG THAI LINH

Исцедено е златото од семејствата и со короната и со сиромаштијата, сите цени се покачени. Ретко кога некој ќе дојде да продаде нешто и тоа сега најчесто за да платат сметки или некои основни трошоци – вели златарот Неџмедин Буши

Берзанските трендови на постојано покачување на цената на златото во изминативе две години, прво поради пандемијата со коронавирус, а сега уште позасилено и со стравувањата дека украинско-руската криза може да се претвори во вооружен конфликт од пошироки размери, се одразија и на побарувачката на злато, но и на продажбата на „златото за не дај боже“ што традиционално го чуваат семејствата во овие краишта.

– Злато повеќе речиси и не се купува онака како што било традиционално за свадби и свршувачки. Се купува само она најосновното – бурми и по некој златен приврзок. Страшно ни е опадната продажбата, работиме со загуба, но тоа е, ние друго не знаеме да работиме, занаетчии сме – вели за „Слободен печат“ Неџмедин Буши, златар и претседател на Секцијата на златари во Занаетчиската комора на Северна Македонија.

Тој додава дека среќна околност е што ниту една од златарските работилници и дуќани не се затворени, но очигледно е дека стандардот на граѓаните е многу опаднат и сега, пред сѐ, мора да размислуваат да ги задоволат основните потреби за живот.

Поради коронавирусот во изминатите две години граѓаните го продаваа златото за да можат да ги лекуваат блиските во приватните болници, но во последно време изгледа и тоа злато го продале.

– Исцедено е златото од семејствата и со короната и со сиромаштијата, сите цени се покачени. Ретко кога некој ќе дојде да продаде нешто и тоа сега најчесто за да платат сметки или некои основни трошоци – додава Буши.

Тој се пожали дека претходно барем банките даваа кредити за занаетчиите, па некако работата можела да се движи, но тоа повеќе не е случај. Занаетчиите се препуштени самите да се снаоѓаат.

И додека во Македонија граѓаните го продадоа семејното злато, во Турција состојбата е сосема спротивна. Таму, како што објавуваат тамошните медиуми, граѓаните купуваат злато затоа што во кризни времиња немаат доверба во домашната валута и сите заштеди ги конкретизираат во благородниот метал.

Вредноста на златото скокна на тримесечен максимум поради зголемената побарувачка за заштита на капиталот поради загриженоста на инвеститорите дека ситуацијата околу Украина може да ескалира.

– Пазарите реагираат на геополитичките ризици со „засолнување“ во безбедна позиција и таквата динамика активно го поддржува инвестирањето во благородните метали – вели аналитичарот на „Актив трејд“, Рикардо Евангелиста.

Сепак, цената на златото се намали за речиси 3 отсто во понеделникот на 1.853,91 долар за унца, откако во петокот порасна за 1,8 отсто – најголем пораст од 13 октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот