Животот на Јованка Броз: Од прва дама и шпионка, па сѐ до државна вдовица

Фото: Profimedia

Од прва дама на Југославија, до шпион и жена која помина три децении во изолација, без основни човекови права. Јованка Броз, која е родена на денешен ден во 1924 година, била сѐ тоа, пишува „Стил“.

Вдовицата на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито имала животен пат кој ја надминува фантазијата на холивудските сценаристи.

Поранешните државни лидери се сомневале дека таа сака да изврши државен удар, а некои ја обвиниле дека е психички нестабилна и параноична. Во последните три години од животот на Тито, Јованка била одвоена од него, но не и разведена.

„Не постои човек кому е натоварено повеќе од Јованка. Таа е како табула раза и секој си дава право да зборува за неа“, вели историчарката Ивана Пантелиќ, авторка на обемната монографија „Подемот и падот на Првиот другар на Југославија: Јованка Броз и српската јавност 1952-2013 година“.

Фото: AFP / AFP / Profimedia

„Таа беше симбол на Социјалистичката Федеративна Република Југославија. Со својот моден стил го претставуваше југословенскиот социјализам, кој не беше ниту налик западниот капитализам, ниту налик комунизмот од Истокот“, вели Пантелиќ за Би-би-си.

Политичарот Расим Љајиќ имал прилика да ја запознае Јованка Броз во 2006 година.

„Таа беше многу интелигентна и неверојатно бистра, со речиси нереална меморија. Таа се сеќаваше на толку многу детали, што беше фасцинантно да се чуе“, изјавил Љајиќ за Би-би-си.

„Нејзината судбина е она што сè уште нѐ интригира и ден-денес. Таа беше ѕвезда на Југославија во тоа време, (…), а ѝ беа припишувани многу нечесни улоги“, вели Огњен Карановиќ, историчар и стручен соработник на Матица Српска.

Фото: Keystone Pictures USA / Zuma Press / Profimedia

Девојка од село

Јованка Будисављевиќ, Србинка од селото Пеќане, е родена на 7 декември 1924 година во денешна Хрватска. Името го добила по нејзината баба, што значи „Божји благослов“.

Семејството Будисављевиќ било многу угледно во Лика, а научникот Никола Тесла бил и нивен роднина.

На 17-годишна возраст им се приклучила на партизаните и отишла да се бори против нацистичкиот окупатор. За време на војната двапати била ранета, а прележала и тифус. Потоа ги изгубила татко си и двајцата браќа, а нејзините помали сестри завршиле во сиропиталиште.

По завршувањето на Втората светска војна во 1946 година, таа била прераспределена во маршалската канцеларија на Јосип Броз, а подоцна станала и лична секретарка на Тито.

Фоото: Everett / Profimedia

Во тоа време, педесет и петгодишниот лидер се опоравувал од загубата на неговата партнерка Даворјанка Пауновиќ, која била погребана во дворот на Белата палата.

Поради нејзиното препознатливо насмеано лице и шармот со кој ги пленела луѓето, низ целата земја, но и во светот, ја нарекувале „југонасмевка“.

„Никој не можеше да го натера Тито да биде со Јованка сосила. Едноставно, таму се роди љубов“, вели Огњен Карановиќ.

Фото: AFP / AFP / Profimedia

Бајковит период

Јованка станала третата сопруга на Тито во 1952 година, но и прва „прва дама“ во современото разбирање на тој термин.

„Тито беше бонвиван(човек што е склон на уживање), но политички беше многу внимателен човек. Моќта беше негова најголема страст, а дури потоа сопругата, децата и семејството“, истакнува Карановиќ.

Тогаш започнал бајковитиот дел од животниот пат на Јованка, кога таа го прошетала целиот свет покрај својот сопруг и ги запознала сите светски лидери, кралеви и кралици.

„Таа беше многу вредна и посветена во сите улоги што ѝ беа доделени. Но, и се најде во многу сложена ситуација, бидејќи никогаш не беше дел од политичката елита и не ја прифатија. Тоа е многу тажно. Жените во Југославија ја обожаваа, но жените кои ја опкружуваа не ја прифатија. Тоа беше голема фрустрација за неа“, објаснува Ивана Пантелиќ.

Фото: Rublič Jiří / ČTK / Profimedia

Злонамерно, луѓето околу неа велеле дека „Тито ја однел кај Владимир Велебит(тогашниот југословенски амбасадор) во Рим за да ја научи на етикеција“.

„Таа беше девојка од село, но и тие што ја критикуваа не беа аристократија“, истакнува Пантелиќ.

Првата другарка и телохранител на Тито

„Нејзина должност, меѓу другото, била да биде ‘последниот прстен на одбраната на Тито’. Знаеме дека од нејзиното сведочење, таа требала да го заштити доколку сите останати не успеат, и затоа секогаш носела пиштол со себе во нејзините лични работи. За време на една посета во Америка, нејзиниот пиштол случајно ѝ паднал од торбата, нешто што го приметиле луѓето од администрацијата на Ричард Никсон“, истакнува Карановиќ.

Позицијата на Јованка дополнително се усложнувала поради тоа што таа немала формално образование. Таа се запишала на студии за светска книжевност, но никогаш не дипломирала.

„Тоа ѝ преставуваше товар и, на некој начин, ѝ го одземаше легитимитетот. Можеби затоа беше немилосрдна кон персоналот, а им останаше во најдобро сеќавање на гостите“, истакнува Пантелиќ.

Фото: Valeriy Shustov / Sputnik / Profimedia

Во протоколот, таа вклучила елементи од византискиот царски и британскиот кралски протокол, додава историчарката.

„Знам дека многумина ја доживуваа поинаку и се жалеа на неа, но јас зборувам само за моето лично искуство. Таа секогаш беше многу љубезна со мене. Таа секогаш ме претставуваше како ‘книжевник кој прифати да ни помогне’, а никогаш како платен персонал“, сведочи долгогодишниот преведувач на Тито и Јованка, Иван Ивањи.

Монографијата на Ивана Пантелиќ е, инаку, првиот и многу редок примерок на научен труд посветен на Јованка Броз. Историографијата не се занимавала многу со неа.

„Тешко е да се реконструира бидејќи таа немаше јавна функција, а записите за неа, особено од седумдесеттите, се на работ да станат таблоидни“, вели историчарката.

Фото: FORUM / Shutterstock Editorial / Profimedia

Во тој контекст, таа го цитира словенечкиот историчар Јожа Пирјевац, кој во книгата „Тито и пријателите“ ја нарекува Јованка Броз – „јужнословенска Ксантипа“.

Имено, Ксантипа била сопруга на античкиот филозоф Сократ и симбол на „спорна“ жена.

Во 1975 година, Јованка била уапсена и одведена од Игало во Белград, каде била формирана посебна политичко-медицинска комисија за проверка на нејзината психичка состојба.

„Тешките испрашувања завршиле со заклучок дека Јованка не била вмешана во некаков заговор, туку дека е само параноична и дека најдобро би било Тито да се раздели од неа. Тито не го направил тоа, туку повторно се смирил со Јованка, а дури и ѝ дозволил да им се одмазди на нејзините непријатели“, наведува Пирјевец.

Фото: – / World history archive / Profimedia

Апсење и изолација

Но, во годините што следеле, таа била преместена од ул. „Ужичка“ бр. 15, каде што живеела со Тито, во куќа на Булевар на мирот, исто така на Дедиње.

Биле одржани дури 50 седници седници на државниот врв на кои таа била единствена точка на дневен ред.

„Тоа беше класична борба за власт“, ​​истакнува Карановиќ.

Изолацијата била таква што не ѝ било дозволено ниту да го посети Тито во Љубљана кога тој бил болен и бил опериран.

Фото: EPA/SRDJAN SUKI/ss/kr

Јованка Броз велела дека е „виновна без вина и осудена без судење“.

„Затоа што знаев, повеќе од сите, кој му е верен на Тито, а кој не. Кој работеше против него и против Југославија одамна“ , изјави Јованка Броз за „Политика“ во 2010 година.

Кога починал Тито во 1980 година, таа поминала одредено време во домашен притвор.

„Дури и нејзиното право да присуствува на погребот беше оспорено, но Индира Ганди го услови нејзиното доаѓање со нејзиното, па тие се согласија“, вели Карановиќ.

Фото: EPA PHOTO EPA/SASA STANKOVIC/AS-fob

Во следните децении, Јованка живеела сама и ретко давала интервјуа.

„Од таа вечер, кога во ноќница и под закана со пиштол ме исфрлија од ‘Ужичка’ 15, јас сум во изолација. Третирана сум како криминалец, а долги години не можев да го напуштам дворот без вооружена придружба“, раскажала Броз во книгата „Мој живот, моја вистина“ на Жарко Јокановиќ.

Со години се шпекулирало дека таа пишува мемоари кои би можеле да дискредитираат некој од државните лидери.

„По некое време, таа ги пронашла сите свои фустани и бунди искинати, бидејќи се посомневале дека таму се кријат микрофилмови и некои податоци“, истакнува Пантелиќ.

Како главен виновник за таквиот исход, таа го идентификувала тогашниот шеф на тајните служби – Станет Доланц, за кого во книгата тврдела дека е „германски шпион“ и дека бил дел од нацистичката младина.

Сепак, Доланц наредил таа да биде под постојан надзор на безбедносните служби.

„Цели 42 години, од 1971 година, па сѐ до крајот на нејзиниот живот(20 октомври 2013), таа беше под целосен надзор на тајните служби. Таа е вистински рекордер“, вели новинарот Драган Бисениќ за „Денес“.

Бисениќ вели дека изолацијата на Јованка била многу понижувачка.

„Куќата во која живееше беше руина која протекуваше. Пријателите кои ѝ се јавуваа по телефон не можеа да дојдат до неа, а писмата што ѝ ги пишуваа, никогаш не стигнаа“, вели новинарот.

Јованка живеела само од државната апанажа, иако имала барем два основи за пензија – како вдовица на Тито и потполковник на ЈНА.

Со распадот на Југославија во деведесеттите, таа останала без држава. Речиси три децении, таа живеела без лична карта, пасош и здравствена книшка.

Политичарот Расим Љајиќ ја посетил Јованка Броз во 2006 година, а во тој момент, нејзината куќа била во катастрофална состојба.

„Се сеќавам дека беше февруари. Имав впечаток дека Јованка имаше облечено сѐ на себе, толку беше ладно. Мислам дека беше -11 степени надвор, а во куќата немаше греење. Куќата беше стара, немаше услови за живот. Не можев да поверувам дека некој може да живее во такви услови“, изјави Љајиќ за Би-би-си.

На почетокот, Љајиќ се посветил на тоа да ѝ се обезбеди греење, а потоа ги добила и своите документи во 2009 година.

Броз била хоспитализирана на 23 август 2013 година, а починала од срцев удар во Белградската болница на 20 октомври 2013 година, на возраст од 88 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот