Жители на Максим Горки бараат паркинг на својата улица

Фото: МИА

Секојдневен проблем со паркирањето, поради што жителите и по половина час чекаат да се ослободи паркинг-место во близина на нивниот дом, веќе две децении ги мачи граѓаните од улицата Максим Горки, лоцирана во најстрогиот центар на градот. Толкав период тие бараат помош од градоначалниците на Општина Центар и на Град Скопје и решение за нивниот проблем, но како што велат, досега добиле само празни ветувања за воведување резидентен паркинг, а ситуацијата на терен е секојдневно зголемување на стресот и на притисокот каде да се паркираат за да си дојдат дома.

Сега, станарите од зградата со број 14 стравуваат дека нема да смеат ниту да се паркираат на својата улица. Во средината на март тие добиле известување од ЈП „Градски паркинг“ со кое ги повикале да ја достават на увид потребна документација за да се продолжат дозволите за паркирање, без најава за некакви промени.

-На самиот шалтер при доставата на документите усно сме известени дека од 1.4.2021 година само станарите од зградата број 14 и 16 (за која не се издадени паркинг-дозволи) имаат забрана за паркирање на улицата на која живееме (паркиралиште Максим Горки А06) и дека ќе можеме да се паркираме преку две улици, на паркиралиштето А5, за кое досега имавме усна дозвола дека ако не можеме да најдеме паркинг на А06, дозволено е да се обидеме на А5, но секогаш безуспешно бидејќи е преполно. Значи, сите останати жители на улицата ќе продолжат да се паркираат тука, вклучувајќи ги и жителите на споредните улички до Максим Горки, а само ние како жители на зградата број 14 на Максим Горки не смееме да користиме паркинг на улицата на која живееме – велат во својата писмена реакција станарите од оваа зграда.

Тие тврдат дека во кусото телефонско објаснување од „Градски паркинг“, им било речено дека ова се прави за да се „растовари“ паркиралиштето, но и да се остави простор за издавање нови станарски дозволи, дозволи на лица кои работат во близина, како и за поголемо комерцијално работење на претпријатието на улицата.

-Да потсетиме дека основно станарско право е да се паркираме на улицата на којашто живееме, а дополнително претпријатието може да врши комерцијално работење. Во случајов, комерцијалното работење е над нашето право за паркинг, но само за мал дел од корисниците, жителите на нашата зграда, во која дел од нас живееме и преку 50 години – велат жителите од Максим Горки број 14.

Тие во понеделникот упатиле и писмен допис со барање за решавање на овој проблем до градоначалникот Петре Шилегов и до Секторот за сообраќај на Град Скопје.

Од Град Скопје нема одговор дали  нивното претпријатие „Градски паркинг“ има право да одлучува на кои жители ќе им дозволи да се паркираат на својата улица, а на кои не, нити за тоа дали ќе преземе нешто да се исправи неправдата што им се нанесува на жителите од оваа улица.

Од „Градски паркинг“, пак, тврдат дека сѐ останува по старо и дека само се врши ревизија на дозволите.

-За станарите на улица Максим Горки 14 и 16 ќе остане по старо и може да паркираат на паркиралиштето Максим Горки само доколку ги исполнуваат условите за категорија „станар“ според правилникот за станарски дозволи, бидејќи ги повикуваме на ревизија која не е направена подолг временски период – вели директорот на претпријатието Борче Јакимовски, сосема кусо и без попрецизно појаснување.

Ниту од Град Скопје ниту од „Градски паркинг“ не одговараат зошто на оваа улица не се дозволи паркирање само на резиденти, со што во голема мера би им се олеснил секојдневниот живот на граѓаните што тука живеат.

Паркирањето за граѓаните што не се жители на улицата Максим Горки, која е во зона А06 чини 100 денари за час, за секој нареден 50 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот