Зема 30.000 денари плата, на работа не доаѓа – отворена дисциплинска постапка за специјализант во ГОБ 8 Септември

Жена со маска пред болница / фото: Слободен печат - Драган Митрески

Специјализант што фигурира на платен список во ГОБ 8 Септември, четири години не се појавил на работа, потврди за Слободен печат директорот на болницата доктор Христијан Костов, откако револтиран медицински персонал од оваа болница, за Слободен печат посочи дека во време на пандемија некои луѓе се привилегирани, а други и со мало дете дома мора да одат да прегледуваат болни. Специјализантот, земал 30 илјади денари плата, но го нема на работа и можно е да му биде врачен отказ.

– И за него и за уште една колешка, исто така специјализантка, отворивме дисциплинска постапка. Не сум го видел во болницата четири години а морам да му давам 30 илјади денари плата, бидејќи таков е договорот со Министерството за здравство. Во времето на ВМРО ДПМНЕ донеле некој програм за кофинансирање на специјализација, па според таа одредба е на платен список. Има уште една таква колешка, меѓутоа за таа докторка проверив дека е максимално ангажирана во амбуланта за ендокринологија на клинички центар. Но и за неа отворивме дисциплинска постапка бидејќи е нејасно зошто не е кај нас во болница, веќе четири месеци ја нема во ковид пандемијата, а претходно доаѓаше. Што и да се одлучи на дисциплинската постапка, така ќе постапам, ако се реши да им се врачи отказно решение, така и ќе направам, ни изјави доктор Костов.

За двата случаи, почнал да реагира медицинскиот персонал од ГОБ 8 Септември кој секој ден оди на работа и нема одмор во пандемијата, а дневно во амбулантата прегледува и по 180 пациенти. За нив е несфатливо како може некој да биде плаќан од болницата за да не оди на работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот