Здравствен инспекторат го „чешла” Куманово: Кој ќе понесе одговорност што половина влада е во самоизолација?

Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска врши увид за да се утврди дали градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски или можеби некој друг, ќе понесе одговорност што не ги информирал премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите за здравство и образование Венко Филипче и Арбер Адеми за тоа дека чека резултати од тест за Ковид 19 и во време на чекање на резултатите, отишол на кризен штаб со половина влада.

– Уште сме на терен и во овој момент не можам да ви кажам ништо. Се додека трае надзорот не знам што ќе биде опфатено. Тече надзорот и се што треба да се преземе ќе се преземе. Општо, секој надзор тргнува прво од пациентот, па матичниот лекар, специјалистот, болницата итн. Има многу прашања на кои ќе треба да се даде одговор и во одговарањето на тие прашања ќе бидат вклучени повеќе институции – изјави за Слободен печат директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, доктор Ирина Сотирова Бухова.

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, синоќа на Телма телевизија изјави дека тој претпоставувал дека државните институции по дифолт, односно по службена должност, ќе ги информира владините претставници дека тој и останатите членови на кризниот штаб се тестираат за коронавирус и очекуваат резултати. Тој рече дека е изненаден што толку многу се разговара на тема здравјето на функционерите, а не се разговара за здравјето на граѓаните.

– И што тоа нашата функционерска кожа е поскапа во однос на кожата на граѓаните? Јас не сум се самотестирал туку сите членови на штабот беа тестирани по барање на епидемиологот кој директно соработува со Министерството за здравство и просто сум изненаден зошто тоа треба да се информира кога во оваа држава постои систем, правила, процедури, па кога се зема тестот се информира од кого е земен. Во случајов се зема на цел штаб како ризична група со голем број контакти од луѓе кои работеа на дезинфекција на црвените точки на градот. Потоа резултатите одат во Министерство, па се враќаат назад. А главното прашање е зошто резултатите доцнеа пет дена? Да ги добиевме во понеделникот немаше да дојде до оваа забуна – рече Димитриевски за Телма.

Министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на прашањето на Слободен печат на синоќешната прес конференција, како треба да се однесуваат оние кај кои е земен брис за тестирање за коронавирус, од моментот на земање на брисот до моментот на добивање на резултатите, рече дека тие мора да се изолираат.

– Сакам јасно да кажам, дека кога има индикација за брис, до моментот на стигнување на резултат, апсолутно луѓето мора да бидат во изолација, зашто тоа е суштината. Самата индикација укажува на тоа дека има сомнеж дека некој е носител на вирусот и мора да биде на страна од сите, одговори министерот.

Тој на почетокот посочи дека ниту еден од владините функционери кои беа во Куманово завчера на кризен штаб, не биле информирани дека членовите на штабот очекуваат резултати од тестирање за ковид.

– Да знаевме, поинаку ќе се организиравме, рече тој.

Сепак, според она кое го утврдиле епидемиолозите, поради фактот што функционерите биле заштитени со маски, ризикот од заразата е мал.

Вицепремиерот Бујар Османи прв најави дека оди во самоизолација поради контактот со Димитриевски, а истото го направи и премиерот. Османи рече дека ќе се тестира во вторник. Причината што тестовите на функционерите не се направени веднаш, е тоа што е потребен одреден инкубациски период на вирусот за да не се добие лажен резултат.

Градоначалникот Максим Димитриевски со недели бараше од владата да воведе карантин во градот по примерот на Дебар, со контролиран влез и излез, но неговите барања не беа прифатени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот