Заводот за статистика подготвен за попис, апелираат да не се влечка усвојувањето на законот

Фото: Миа.мк

„Народски кажано, Законот за попис требаше да се усвои завчера“, коментира за Слободен печат директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, изразувајќи надеж дека до крајот на неделата собраниската процедура ќе заврши. Тој одамна апелира што поскоро законското решение да стапи на сила, со цел Заводот непречено да ги извршува сите обврски кои би овозможиле спроведување на пописот во април 2021 година.

– Работиме на сите подготовки кои не се директно засегнати од донесувањето на Законот. Ги правиме сите напори, макар работеле 24/7. Методолошкиот и техничкиот дел е веќе подготвен. Се прават проби на апликативното решение и неговото функционирање преку интернет, а во меѓувреме вршиме и превод на прашалниците, изјави Симовски.

Првиот човек на Заводот се надева дека донесувањето на Законот за попис во претстојниот период нема да се развлече со поднесување на безброј амандмани.

Според него единствен поголем предизвик кој може да го отежни спроведувањето на пописот е евентуално влошување на состојбата со пандемијата.

На денешната собраниска седница спикерот Талат Џафери истакна дека гласањето за законот за попис дополнително ќе се спроведе, откако во салата немаше кворум.

Законското решение пред пратениците го презентираше заменикот министер за правда Агим Нухиу, а во расправата се вклучија пратеници на Алијанса за Албанците и ДУИ. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот