Западните соседи во проблеми од обилните врнежи на дожд: Поплави во Албанија, Скадар е пред вонредна состојба

Фото: EPA-EFE/MALTON DIBRA

Поројните дождови во изминатите денови предизвикаа поплави во повеќе делови на Албанија, па претседателот на државата, Илир Мета побара итно ангажирање на сите структури со цел „државата да му помогне на секој граѓанин од поплавените подрачја”. Според него, тешко е да се најде регион во земјата без проблеми од обилните врнежи.

– Поплавени се десетици куќи, деловни објекти, големи земјоделски површини, приватен и јавен имот, од север до југ, но недостасува помошта на државните структури за жителите. Во над 10 куќи во Шијак и над 70 во Сухт 2 и Вадард има вода од 30 сантиметри. Иста е состојба и во Берат, а се предупредува на можно влошување на состојбата во регионите на Фиер и Корча, напиша Мета на Фејсбук.

Првичните извештаи, додава тој, зборуваат за над 1.500 хектари поплавено земјиште во подскадарскиот регион, а со испуштање на вода од хидроелектраните ќе се влоши ситуацијата, како што е во областа долж реката Вјоса.

– Во оваа влошена состојба, итно е потребна посветеност на сите структури на централно и на локално ниво за да се минимизираат последиците врз имотот и да се избегне каков било ризик по здравјето и животот на граѓаните. Оперативните тимови за цивилна заштита, за спасување и за евакуација и противпожарните служби треба да бидат 24/7 на терен, покрај граѓаните на кои им е потребна помош, апелира Мета.

Посочува дека Министерството за одбрана и државните резерви мора, без одлагање, да подготват помош во храна и други потреби за семејствата чии домови се поплавени.

Градоначалничката на Скадар, Волтана Адеми, каде состојбата е најсериозна, бидејќи делови се поплавени уште од средината на месецот, за Тв Њуз 24 вечерва рече дека ќе побара прогласување вонредна состојба на локално ниво. Според неа веќе почнала евакуација на дел од семејства.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот