Законот забранува, казни има, но шутот и стариот мебел повторно завршуваат покрај контејнери

Фото: ЈП „комунална хигиена“

Само за еден месец од диви депонии лоцирани на територијата на Скопје се собрани 1600 метри кубни отпад, што говори за фактот дека лошите навики на скопјани не се менуваат лесно. Во периодот кога вообичаено се реновираат домовите и се молерисува, веќе е вообичаено стариот мебел и шутот од градежните работи, наместо да се однесе на депонија или да се побара специјален контејнер за таква намена – да завршат на куп покрај контејнерите за ѓубре или на зелена површина.

Од ЈП „Комунална хигиена“ потсетуваат дека нивната основна дејност е собирање и транспорт на комуналниот отпад од домаќинствата и од фирмите, но како што тврдат, секојдневно се ангажирани за извршување вонредни активности како што е расчистувањето диви депонии, кои се создаваат поради непрописно одлагање отпад на јавни и на сообраќајни површини.

Претпријатието апелира до граѓаните својот отпад да го одлагаат исклучиво во наменски поставените садови – контејнери, канти или корпи за отпадоци. Воедно, неопходна е поголема ангажираност на соодветните институции задолжени за санкционирање на прекршителите на Законот за јавна чистота, бидејќи ЈП „Комунална хигиена“ нема надлежност да изрекува санкции за непрописно одлагање отпад – велат комуналците.

Според Законот за јавна чистота во контејнерите наменети за комунален отпад е забрането да се фрла шут и кабаст отпад и за тоа се пропишани и казни, но досега нема сознание дали некој е казнет за прекршување на законските обврски. И тоа, не само за оваа, туку и за други одредби од овој Закон.

Во член 14 од Законот, меѓу другото е наведено дека е забрането фрлање и оставање градежен шут освен на места определени за таа намена, оставање стари предмети од домаќинство и смет покрај контејнери, како и фрлање и оставање  хартија, опушоци, мастики, амбалажи, земја, отпадоци од растенија, песок и други отпадоци освен на местата определени за таа намена. За непостапување по оваа забрана се предвидени казни. За физички лица, за граѓаните, глобата е 50 евра во денарска противредност, а за фирма, која го прекршува член 14, е предвидена казна од 2.000 до 4.000 евра.

За да не се плаќаат казни и да не се загадува животната средина, граѓаните можат да ја искористат услугата што ја нуди ова јавно претпријатие за подигнување на шутот и кабастиот отпад и негово транспортирање до легална депонија. Скопјани коишто имаат потреба да се ослободат од шут, од својот стар мебел и неупотребливи електронски и електрични уреди можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигање и транспорт на отпадот со специјални возила на претпријатието.

Но цените се тие кои најчесто ги одвраќаат скопјани од таквата намера, иако сепак се малку пониски од казната која ја предвидува законот за фрлање отпад на недозволено место. За подигнување на градежен шут со камион на „Комунална хигиена“ и двајца работници се наплаќа 2.310 денари, а без работници 1.890 денари. За подигнување на кабаст отпад со камион и со двајца работници се наплаќа 2.940 денари или 1.680 денари ако самите го натоварите на возилата на претпријатието.

Граѓаните имаат можност и самите да го однесат шутот, стариот мебел или санитарии и бесплатно да ги предадат во пунктот на претпријатието кој се наоѓа веднаш зад бензинската пумпа на „Макпетрол“ во Карпош 3 или на пунктот во Вардариште. Но и во тој случај би требало да се најде возило или приколка за транспорт и тоа да се плати.

Покрај за собирање отпад, екипите на претпријатието во изминатиов викенд, како што информираат од таму биле ангажирани и за санирање на последиците од невремето што го зафати градот, при што се вршеше подигнување на паднатите дрвја, отстранување на лисјата, како и рачно и машинско метење на поголемите улици и булевари во градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот