Виктор Трповски инструктор по спортско качување на карпа / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ЗАБАВНА ЗОНА | „Болдер бар“: Најмладиот спортски качувач има 5 години, а највозрасниот над 50 години

Спорт што бара да се активираат сите мускули и сите мозочни бразди. Токму тоа е качувањето по карпи. Првата премиерна епизода на серијалот „Забавна зона“ го започнуваме токму со овој несекојдневен, специфичен и прилично тежок спорт.

Првото место што го посетивме беше „Болдер бар“, единственото место за качување по карпи во главниот град. Имавме чест да разговараме со еден од инструкторот по спортско качување Виктор Трповски, како и со младите надежи на овој спорт – Горазд Трпковски и Дарија Ристеска.

„Болдер бар“ е првата модерна сала за спортско качување што постои веќе осум години. Болдер е дисциплина што постои во спортското качување, која е карактеристична по тоа што карпите се високи четири и пол метри, кои имаат душеци под нив и на ѕидовите се местат насоки по боја што се со различна тежина во зависност од спремноста на качувачот – објасни Трповски.

Виктор Трпковски – инструктор по спортско качување на карпа / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

За да успеете да се качувате по карпи, потребни ви се посебни патики, изработени од гума, кои ви овозможуваат да се качите и да ја потпрете вашата тежина на најситните фаќалишта.

Во „Болдер бар“ се организираат и курсеви по спортско качување каде што посетителите најпрво тренираат во сала, со што се подготвуваат за подоцнежниот предизвик – качување во природа. Инструкторот Трпковски ни раскажа малку подетално околу искуството и предизвикот да се искачуваат карпи во природа.

– Македонија има одличен потенцијал за качување по карпи, бидејќи е полна со различен вид карпи, насоки и предели, кои едноставно не можат да се доловат со зборови, туку само треба да се искусат. Најголем предизвик во Македонија за искачување е пештерата во Маврово, која ги има најтешките насоки. Станува збор за 50 метри качување во превис што е навистина тешко – сподели тој.

Шеснаесетгодишниот Горазд Трпковски е кандидатот што во моментов се натпреварува на Светското првенство во спортско качување во Хелсинки. Тој речиси четири години се занимава со овој спорт, што прво го почнал како хоби, а потоа станало негова пасија.

– Ми изгледаше многу забавно, на почетокот се качував рекреативно, меѓутоа понатаму многу повеќе го засакав спортот и сфатив дека е многу комплетен спорт. Се активираат сите мускули, потребно е многу размислување за секој следен чекор, се искачуваш во природа, исто така меѓу нас има многу добра комуникација и добра атмосфера – кажа Трпковски.

Гораст Трпковски – спортско качување на карпа / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Интересно за овој спорт е тоа што нема годишно ограничување и во него може да се натпреваруваат луѓе на која било возраст и кои се добро физички подготвени. Инструкторот Трповски ни откри дека најмладиот качувач во „Болдер бар“  има 5 годинки, а најстариот е над 50 години.

Дариа Ристеска – спортско качување на карпа / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Доказ дека овој спорт нема старосни ограничувања е деветгодишната Дарија Ристеска, која веќе четири и пол години активно се занимава со искачување. Во својата досегашна кариера како качувач по карпи, има освоено прво место на натпреварот „Атомска мравка“. Не се плаши од височина, а пред камерата на „Слободен печат“ кажа дека досега учествувала на балкански натпреварувања и на меѓународен натпревар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот