За туризмот и трњата по пат

арбен таравари
Фото: Фејсбук

Зошто повеќето луѓе не одат на одмор? Прашање што си го поставувам, а и ме мачи подолго време.

Особено сега. Во овие горештини, како во онаа непосредна, вистинска, смисла на зборот, така и во смисла на амбиентот во којшто живееме.

Одморот ни треба сите нам. Тоа не е само психофизичка неопходност за секого, туку е и медицински услов и препорака. Буквално за секого, од најмал до највозрасен, од вработен до невработен. Секој има право да здивне, да се соземе, да може да се носи со она што го дочекал, она во што се наоѓа и она што допрва ќе следува. Секако, и нашите деца. Секое дете заслужува да ја ужива радоста и спокојот на летниот одмор, да продолжи да се радува на едно безгрижно секојдневие, да гради впечатоци и создава спомени кои на здрав начин ќе го одведат кон годините на поголема возраст.

Но, морам, секако, да стигнам и до одговорот. Морам да пишувам за она што е сурова реалност, а која го дава одговорот на прашањето што го поставив на почетокот.

Зошто повеќе луѓето не одат на одмор?

Многу работи не можеме да си дозволиме, но не би сакал да си дозволиме хипокризија и да се преправаме дека е сѐ во ред.

Цели семејства, многу поединци, сами или во заедница, сеедно, не можат да си дозволат ниту да фантазираат, а камоли да доживеат одење на одмор. Од само десетина дена. Ти се чини зборуваме за луксуз, речиси и да почнеме да шепотиме на темава. Одговорот, колку што е едноставен, толку е и горчлив: луѓето немаат пари да си го дозволат тоа. И така, наместо да го гледаш џагорот, спокојот и еуфоријата на крајбрежјето на Струга, Охрид, Преспа или Дојран, гледаш деца кои денот го поминуваат со мобилните во раце, талкаат по улици во најголемите жештини, виртуелно шетајќи низ светот, било од дома или на улица. Вистината е дека немаат забава, полека ја уништуваат најдобрата и најважната возраст за создавање на нивното здравје.

Ќе речеш полесно е да се посети некоја од нашите плажи, ама не е така. Баш напротив! На малубројните плажи во државата, независно од фактот што тие се во држава каде што има поголема сиромаштија отколку во земјите од Третиот свет, скапо е како на Ибица или Мајами. Нема веќе слободно место на плажа без да се плати лежалка, пијалок, сладолед, пица или што и да е. Најтажното од сѐ е што овие производи поминуваат пред очите на децата чии родители ја подголтнуваат својата горчина, знаејќи дека не можат да си дозволат убавиот вкус на тие производи да го почувствуваат и нивните деца.

Не можам да прифатам дека во држава како нашата, каде што стапката на невработеност останува висока, а сиромаштијата ја гледаш на секој чекор, да биде луксуз да се помине одмор на таков начин. Па, макар и само викенд.
Најголемиот број малолетни туристи се питачите! Толпа лошо облечени деца, кои скитаат по улиците со пружени раце и бараат пари, тоа е сликата на реал-туризмот во Северна Македонија! А никој не се загрижува за овие деца, ниеден државен орган не се занимава со овие несреќни лица кои се принудени да питачат и во летната сезона!

Толку ли е луксуз да си го поставиме и прашањето дали постои владина политика која ќе му овозможи на обичниот граѓанин, на оној кому сиромаштијата му е секојдневие, за миг да почувствува дека песокта од плажата е и негова. Ако вака продолжиме, во иднина ќе плаќаме данок и за воздухот што го дишеме, колку и да е загаден. Ќе ни го приватизираат небото, а ќе треба да штедиме за да „откупиме“ и сончев зрак.

Дали е нормално дури и неколкуте километри крајбрежје што ги имаме, да им ги продаваме на граѓаните?! Аман бре, луѓе! Има ли смисла?

Ако денеска се спроведе анкета за да се види каде се децата на владејачкиот род и каде се децата на обичниот народ, одговорите ќе бидат ужасни, нималку чесни и праведни. Не дека не знаеме и не гледаме.

Гротеска ни е секојдневието, гротеска ни се многу нешта што ни ги приредува актуелниот владејачки род во нашата држава! Оваа гротеска се создаваше со години, а сега продолжува да трае, небаре секогаш има сцена за неа. И како сега да ја прифатиме улогата на тажните и оштетени ликови во драмата чии сценаристи се лошите политичари чија одлика е бесконечната бескупролозност?!?

Е, ова е државата која сакаме да ја носиме во Европа! Оние, пак, што живеат надвор, луѓето кои од носталгични причини доаѓаат да го поминат летото тука, заминуваат сé поразочарани од мизерната приказна на нашата држава.

Ама, ако, нека само продолжи политиката да царува на овој начин. Ако не друго, останува проѕирна, видлива за голо око, таа е во зенитот на обичниот народ. Само така ќе си ја добие најдобрата казна. Убаво рекол поранешниот американски претседател Вудро Вилсон „лекот за лошата политика е ист како и лекот за туберкулозата. Да се живее на отворено“.

А ние, во меѓувреме, ќе си тераме по онаа африканската „за добробит на цвеќињата, ги наводнуваме и трњата“. Ама ќе му дојде ред на трнот да биде отстранет. А плажите чисти и одморите достижни!

Фејсбук-статус на авторот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот