За шест месеци лани, за секој инспектор по повеќе од 100 надзори

Фото: ДПИ

Од јануари до јуни лани биле реализирани 16.427 инспекциски надзори, односно 1.370 редовни, 3.705 контролни и 11.352 вонредни инспекциски надзори. И понатаму како најризични области се трговијата, нерегистрираната дејност, угостителството и заштита на потрошувачите

Од јануари до јуни лани, секој пазарен инспектор имал по повеќе од 100 надзори. Минатата година беше турбулентна од аспект на цените на храната и безбедноста на стоките што се пласираат на пазарот, па оттука од јануари до јуни лани биле реализирани 16.427 инспекциски надзори – 1.370 редовни, 3.705 контролни и 11.352 вонредни.

За жал, Државниот пазарен инспекторат нема соодветен компјутерски софтвер во кој би се користеле потребната база на податоци и методологијата за проценка на ризик при планирањето на надзорите, но нивната анализа покажува дека и во првата половина од 2023 година најризични области биле трговијата, нерегистрираната дејност, угостителството и заштитата на потрошувачите. Токму во овие области имало и најголем број инспекциски мерки.

– Процената на очекуваната состојба од аспект на ризиците за неприменување на прописите, се базираше пред сè на претходното искуство од контролирање на субјектите, анализа на примената на законите по кои ДПИ постапува, како и статистичките податоци добиени од обработка на податоците од извештаите од извршени инспекциски надзори по области. Критериумите за дефинирањето на ризичните подрачја се: бројот на идентификувани и изречени инспекциски мерки во областа, висина на изречените прекршочни/кривични казни, фреквенција на повторување на прекршоците кај пазарните субјекти во дадените области, сложеноста на инспекцискиот надзор и влијание врз безбедноста и здравјето на луѓето – констатираат од ДПИ.

Инаку, во првото полугодие од 2023 година се примени 967 пријави и претставки, донесени се 2.836 решенија во управна постапка, поднесени се 264 барања за поведување прекршочна постапка до основен суд и 8 до комисија за прекршоци Министерство за економија и затворени се 69 субјекти. Во постапка на порамнување, издадени се 2.686 прекршочни платни налози на износ од 123 милиони денари, а наплатени се 1.063 во износ од 15,6 милиони денари. Во првото полугодие од 2023 година од пазарот се повлечени и 28 производи, како небезбедни.

Од податоците во ланскиот полугодишен Извештај на ДПИ, може да се види дека од вкупно 314 предвидени работни места за инспектори (од двата вида) пополнети се вкупно 152 работни места (48 процентна реализација на работните места). Инаку, во Инспекторатот работат 254 службеници, вклучувајќи го и директорот, иако според систематизацијата таму треба да има 486 работни места. ДПИ со своето работење врши сложени, стручно оперативни и аналитички задачи и активности за поддршка на целокупниот процес на ЕУ интеграцијата и преговори за пристапување во делот на инспекторатот, во 3 поглавја и тоа: поглавје 1 – Слободно движење на пазарот, поглавје 28 – Заштита на потрошувачи и јавно здравје и поглавје 7 – Право на интелектуална сопственост.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот