„За македонцките работи“ на Мисирков е носечка тема на осмата Меѓународна научна конференција на Институтот за македонски јазик

Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“
Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ / Фото: Архива на „Слободен печат“

Во Институтот за македонски работи „Крсте Мисирков“ денеска беше отворена осмата Меѓународна научна конференција, годинава на тема: „Крсте Мисирков и македонскиот јазик – извор на научни истражувања“, која е во знакот на два јубилеја: 70 години од основањето на Институтот и 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков.

Крсте Мисирков бил храбар визионер и борец за македонска држава со македонски литературен јазик и како што милуваме да кажеме првиот неофицијален кодификатор на македонскиот литературен јазик. Меѓународната научна конференција ја започнавме со 35 учесници, постепено растевме, ја поминавме пандемијата и еве, годинава ја надминавме бројката од сто учесници. На почетокот од осмата деценија од постоењето на Институтот, застануваме храбро и визионерски како Крсте Мисирков пред новите предизвици, изјави директорката проф. д-р Елена Јованова-Грујовска.

Во своето седумдецениско постоење, директорката на Институтот, вели дека израснал во почитуван славистички центар и во еминентен центар за проучување на македонскиот јазик на сите рамништа.

Нашата научна мисла е поттикната и од одбележувањето на другите годишнини во рамките на Отворените денови и на меѓународната конференција – 80 години од првиот час на македонски јазик во кичевското село Подвис, 90 години од раѓањето на нашиот колега и поранешен в.д. директор Мито Аргировски, 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, 120 години од погибијата на Гоце Делчев, 80 години од загинувањето на Кочо Рацин, 30 години од заминувањето на професорот Блаже Конески, 25 години од заминувањето на професорот Божидар Видоески – додаде таа.

Претседателката на Организацискиот одбор на годинашната конференција, проф. д-р Лидија Тантуровска во нејзиното обраќање истакна дека седум децении е кус период во развојот на лингвистиката, но доволен за одбележување значаен јубилеј.

Научната работа е препознатлива во земјата и странство, за што се заслужни и самите научни работници. Институтот веќе станува препознатлив и по одржувањето на Меѓународната научна конференција, која се одржува по осми пат. Покрај предложените теми, носечка тема на годинешната конференција е 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков. Досега се напишани стотици страници за Мисирков и неговата книга, но кога се навраќаме одново, има што да се истражува и што да се каже за најзначајниот Македонец на 20-тиот век. Мисирков се смета за прв кодификатор на македонскиот стандарден јазик чии принципи се препознаваат во официјалната кодификација подоцна во 1945 година и за неговото дело, напишано токму на јазикот што го предлага, додава проф. д-р Тантуровска.

Посебноста на македонскиот народ и јазик за кои пишува Мисирков, таа вели дека се двата постулати во целата негова реч, за кои и денес треба да ги земеме како основа за македонскиот кодифициран јазик и постоењето на македонскиот јазик.

Тоа што особено треба да се истакне, според нејзе е дека целата книга е напишана на тој јазик што Мисирков го предлага, односно трите принципи се вклучени во целиот негов јазичен израз.

Од пријавените 110 учесници, повеќе од 50 се од славистичките центри надвор од Македонија, односно од Албанија, Босна и Херцеговина, Полска, Србија, САД, Хрватска, Црна Гора, Чешка. Покрај учесници од Институтот, пријавени се и професори од институтите за македонска литература, национална историја, Инстиутот за фолклор, филолошките и педагошките факултети…

Крсте Петков Мисирков покажа како треба да изгледа кодифицираниот македонски јазик на самиот почеток на 20-тиот век, но истовремено покажа и дека перото е силното оружје за посебноста на македонскиот народ и јазик – заклучи проф. д-р Тантуровска.

Конференцијата ја отвори претседателот Стево Пендаровски кој порача дека „и како минато, и како сегашност, и како иднина, Мисирков и „За македонцките работи“ биле и остануваат да бидат стожерот на македонскиот јазичен, национален и културен идентитет“.

Јасно е дека наспроти глобалните процеси, кои од мноштвото сакаат да направат едно, сепак, на овој свет опстојуваме најмногу затоа што сме Македонци коишто зборуваат на македонски јазик – порача Пендаровски.

Шефот на државата истакна дека научната јавност не треба да потпаѓа под притисокот „дневно-политичките настани“ и да ја чува „својата автономија, достоинство, објективниот и критичкиот пристап во проучувањето на историските и актуелните феномени“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот