ЗА ГРЕЕЊЕ И ДО 70.000 ДЕНАРИ: Колку оваa зима ќе не чинат топлите домови и КОЈ ЕНЕРГЕНС е НАЈДОБАР

Грејната сезона е пред нас и ќе чини од 12.000 до 70.000 денари, во зависност од видот на енергија што се користи во домаќинството за затоплување.

Според пресметките кои ги направи „Слободен печат“, при што се земени податоците за затоплување на еден дом од 60 м2, најевтино е греењето со инвертер клима при што за една грејна сезона изнесува околу 12.000 денари плус на сметката за електрична енергија за овие месеци.

– Затоплувањето на домот со инвертер клима е многу добро. Во текот на грејната сезона сметката за електрична енергија се зголемува од 1.500 до 2.000 денари, во зависност од времето и во споредбата со сметката за време на летниот период. Ние дома сме задоволни од овој начин на затоплување, а бидејќи претходно се греевме на дрва, со ова придонесуваме и за намалување на загадувањето во зимскиот период – вели Златко од скопската населба Лисиче.

Малку поскапо е централното парно греење кое го испорачува компанијата „БЕГ“, па едно домаќинство кое живее во 60 м2 стан за цела година од семејниот буџет треба да одвои 14.000 денари.

– Mожеби треба да плаќаме во текот на целата година, но можам да кажам дека греењето на централно парно е најдобро од сите начини за затоплување. Ние за стан од 60 м2 плаќаме сметка од 1.200 денари месечно, ама затоа зимно време сме стоплени. Грејната сезона започнува од 15 ноември и трае до 15 април, но доколку е потребно, овие рокови се менуваат – ни изјави Анета која живее во Карпош 3.

На граѓаните кои за загревање користат печки на пелети (дувалки или поврзани со системи за парно), им требаат околу 14.000 денари за една палета од 70 вреќи, секоја од 15 килограми или 1.050 килограми при просечна цена од 200 денари. Оваа цена е за пелети кои содржат 80 проценти бука и 20 проценти елка (А2 класа), додека значително поскапи се пелетите кои во нивниот состав содржат 100 проценти бука (А1 класа).

– Oдлична е топлината која ја создаваат овие печки и добро го затоплува нашиот дом. Цената на пелетите зависи од нивниот квалитет и од производителите, па така таа се движи од 170 денари за вреќа, па до 280 денари. Ние за оваа сезона купивме пелети од 210 денари за вреќа од „А1 класа“, истите како и минатата година. Лани ја потрошивме целата палета, но не беше проблем да се набават нови, затоа што вреќи може да се купат секаде – вели Горан кој користи печка на пелети со систем за парно греење.

Се уште голем број на домаќинства го користат дрвото како енергенс за затоплување на домот. Па така на плацовите во Скопје цената на еден кубен метар изнесува од 3.600 до 3.900 денари во зависност од тоа за какво дрво станува збор. Во принцип, на плацовите може да се најде бука и даб, па граѓаните при купувањето на дрва ги мешаат овие два вида. Ако за дом од 60 метри квадратни се потребни околу шест метри дрво, во главниот град чини 22.800 денари при просечна цена од 3.800 денари, додека во помалите градови цената е значително поевтина.

– Повеќето луѓе купуваат букови и дабови дрва и истите ги мешаат, а и тоа е понудата која може да се најде на сите плацови на кои се продаваат дрва. Во принцип, тие купуваат од пет до осум метри, па ако треба повеќе, тогаш докупуваат. Цената во текот на зимата може да се промени, односно да се зголеми, а причината за тоа е што се намалува понудата, па поради тоа и се зголемува цената – вели за „Слободен печат“ еден продавач на дрва во Скопје.

Електричното греење (термо печки и панелки) може да биде многу скапо, доколку печките се вклучат во текот на денот затоа што сметките за време на грејната сезона се околу 25.000 денари – потребни се околу 9,000 kWh енергија за да се загрее просечен изолиран стан.

Употребата на термо печка, обично во текот на ноќта, значително ги намалува сметките за електрична енергија. Две печки што можат да загреат 60 квадратни метри ќе потрошат околу 25.000 денари за целата грејна сезона, плус на сметката за електрична енергија.

– Ние станот го загреваме со една термо печка и една панелка, па за време на грејната сезона во зависност од ладното време сметката за струја изнесува околу 5-6.000 денари. Гледаме да заштедиме со тоа што термо печката ја вклучуваме на полнење по 22 часот кога има евтина струја, како и двата часа во текот на денот – ни изјави Ана, која вели дека размислува затоплувањето на домот да го промени со далеку поевтините инвертер клими.

Најголеми сметки добиваат домаќинствата кои ги затоплуваат своите домови преку системи за парно греење, а притоа користат екстралесно гориво или електрична енергија. Цената за еден тон екстралесно гориво изнесува 51.500 денари, а за една грејна сезона овие домаќинства купуваат 1,5 или 2 тони. Исто така многу скапо е затоплувањето на домот со парно греење за кое се користи електрична енергија. Во текот на грејната сезона, корисниците на овој вид затоплување добиваат астроноски суми кои за дом од 100 м2 може и да стигнат и до 20.000 денари месечно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот