Вучиќ по извештајот на ЕП: Голи лаги, се имаат изгубено во времето и просторот

Александар Вучиќ/ Фото ЕPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска го оцени како „гола лага” вчерашниот извештај на Европскиот парламент (ЕП) за напредокот на Србија кон пристапувањето во ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ, читајќи им на новинарите делови од резолуцијата во врска со здравствениот систем, истакна дека Србија има опрема, лекови, вакцини токму затоа што не се потпирала на ЕУ.

Тој рече дека во ЕП се „изгубиле во времето и просторот”, бидејќи Србија во 2021 година нема недостиг на медицинска опрема.

Вучиќ кажа дека „би сакал да ја види” ревизијата на стапката на смртност од коронавирус и „колку навистина се жртви” од таа инфекција во земјите на ЕУ.

– Нема да дозволам да ги напаѓаат нашите лекари, бидејќи тие покажаа дека се попрофесионални од нивните. Кога зборуваат за вакцини, која од нивните земји има повеќе вакцини или спроведува вакцинација подобро од Србија? Само нека си ја вршат својата работа и нека објаснат како се тоа подобри во вакцинацијата, а нашите лекари се полоши, изјави Вучиќ.

– Се критикува Телеком, кој потпиша договор со компанија од ЕУ. Па, што сакаат, да го штитат криминалот на тајкуните во Србија, праша Вучиќ.

Тој продолжи да чита делови од резолуцијата, за загриженоста за кампањата на дезинформации како би се делегитимирала државноста на Косово.

– Горд сум што ја делегитимирам независноста на Косово и ќе продолжам да го правам тоа и во инает на ЕУ, за слава на Србија и ништо не ми можат, изјави Вучиќ.

Српскиот претседател оцени дека премиерот на Косово, Албин Курти со својот став за дијалогот со Србија покажал дека најмногу сака да разговара сам со себе.

– Нека си го турка тој своето, со што јасно ќе ни покажат дека никогаш не сакале дијалог, кажа Вучиќ.

На прашањето за изјавата на европратеничката Тања Фајон во врска со криминалот и корупцијата во Србија, Вучиќ кажа дека Србија се бори против организираниот криминал, но и на прашања за кражба на имот од Евреите и дека е подготвен да даде придонес како Фајон „украла” вила на Московиц во Словенија.

Тој истакна дека реагира на извештајот само за да им покаже на граѓаните на Србија како некои се однесуваат кон Србија, во области како што е здравствената заштита, каде што нема ни трошка политика.

– Тие велат дека нашиот здравствен систем страда од недостиг на ресурси, сигурно ги гледале своите дворови, додаде тој, потсетувајќи дека Србија испрати донации од медицинска опрема во некои земји и дека има 500 респиратори во своите магацини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот