Врие од печурки, откупот слаб, цените минимални

Фото: Alexandr Kryazhev / Sputnik / Profimedia

На почетокот на сезоната вргањот се продаваше по 180 денари за килограм, а сега по 50 денари, се жалат берачите. Откупувачите, пак, велат дека нема побарувачка од странство.

Како ретко кога, поради обилните дождови, планините „се истурија“ од печурки. Луѓето што со години ги собираат, сезонава ја почнаа задоволно триејќи раце и со очекувања за поголема заработка, но сега се разочарани затоа што откупувачите им нудат само  50 денари за откуп на еден килограм вргањ. Собирачите на печурки со кои разговаравме велат дека ваква цена речиси и да не памтат.

– Кога се појавија првите печурки и кога дојдоа откупувачите, вргањот го продававме за 180 денари килограм во свежа состојба. Потоа цената се намали на 120 денари, а сега ни даваат само по 50 денари за еден килограм. Може да го продаваме и сушен. Во тој случај цената е 900 денари за еден килограм, но за да се добие еден килограм сушен вргањ, ми требаат и до 10 килограми свеж вргањ. Кога е влажно времето и тој потешко се суши – ни раскажува Александар кој секое лето бере вргањ во околината на Македонски Брод.

Александар вели дека за неколку часови низ планина, оваа сезона можеше да набере и по 10 килограми вргањ.

– За мене берењето печурки е огромно задоволство. Јас сум и самиот вљубен во нивниот вкус, а знам и одлично да ги зготвам, но секогаш ме радувала и заработката од печурките. Годинава е жалосно да се даде за 50 денари ваков уникатен плод, каков што само може природата да создаде и тоа во сред шума. За да се стигне до тие плодови треба да се изоди добар пат, а и да се има големо искуство за печурките. Затоа, мислам дека сега сме изманипулирани со оваа цена. Веројатно во странство нашава печурка се продава за огромни пари – вели Александар.

Но, откупувачите велат дека и ним им се врзани рацете, затоа што можноста да се продаде печурката во странство, сега е многу мала.

Фирмата за откуп „МН – ексклузив“ од Штип оваа година воопшто не врши откуп на шумски печурки.

– Главно ја извезуваме печурката во Германија, но годинава не успеав да склучам договор. И таму поради корона-кризата  не им работеа рестораните и многу е намалена побарувачката за овој ексклузивен производ – велат во „МН – ексклузив“.

Во битолскиот откупен центар на „Вино Мак“ велат дека вршеле откуп на печурки, но многу помалку од порано.

– Печурките главно ги извезуваме во Германија, но годинава понудата е само 20 отсто од она што досега била – велат во „Вино Мак“.

Но, има и задоволни откупувачи. Компанијата „Агрикоп МТ“ од Демир Хисар вели дека одлично ѝ оди бизнисот со печурки.

– Вршиме редовно откуп на шумски печурки.  Ние ги сушиме, а и ги замрзнуваме и така понатаму ги продаваме на фирми што се занимаваат со извоз на печурки – велат во „Агрикоп МТ“.

Откупувачите објаснуваат дека на нашиот пазар многу малку се продаваат домашните печурки и дека сѐ што ќе се собере, оди за странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот