Возбудливата приказна на расказот „Страшило“ ја открива истоимената сликовница на „Темплум“

Насловна корица на сликовницата „Страшило“

Издавачот „Темплум“ во својата едиција „Старо купувам“ ја објави сликовницата „Страшило“, заснована на расказ на Славко Јаневски со илустрации на Наташа Андонова.

Промоцијата на сликовницата се одржа на Малиот новогодишен саем на крајот на 2023 година. Наташа Андонова (1974, Скопје) е ликовна уметница, илустраторка, костимографка, сториборд-артистка и аниматорка.

– „Страшило“ е расказ од збирката „Марсовци и глувци“, првпат објавена 1959 година. Тоа е еден од најубавите раскази во македонската книжевност, пред сѐ, поради чудесновишниот спој на билното, животинското и човечкото (артифициелното). Големото писателово познавање и љубовта кон животните и билките во расказот како да доживуваат кулминација, вплетени во цртежите на извонредната сликарка и илустраторка Наташа Андонова.

Вдахновено и умешно Андонова ја доловува возбудливата приказна, патем успевајќи да го долови и духот на Славко Јаневски, токму во спојот меѓу растенијата и животните, меѓу уметноста (страшилото) и природата. Овој расказ за мали и големи деца, лиричен и духовит, реалистичен и фантастичен, истовремено е бајка, басна, фантазија и современа еколошка приказна. А оваа сликовница, како што треба, токму е благороден спој меѓу поттикнувачки зборови и живи слики – истакнуваат од „Темплум“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 212, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 06-08.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот