„Војната на клоновите“ е последниот подарок за фановите од Џорџ Лукас

imbd

Кон крајот на 2019 година беше објавено дека „Војната на клоновите“ ќе го добие својот епилог. Токму за утре е најавена првата епизода од седмата сезона, која воедно ќе биде и последна.

Ниту еден фан на „Војната на ѕвездите“ не беше среќен кога Џорџ Лукас ја продаде својата компанија „Лукас артс“ на „Дизни“, плашејќи се дека корпоративната историја на една од најстарите продуцентски куќи во светот, ќе го уништи наследството што франшизата до тој момент го поседуваше.

Треба да се напомене дека најмалку 20 милиони луѓе во светот на еден или друг начин се регистрирани како фанови на „Војната на ѕвездите“, а тоа подразбира дека тие покрај што ги обожаваат филмовите, ги имаат прочитано сите книги, стрипови и анимирани филмови, кои се издадени од „Лукас артс“. Се работи за навистина импресивна колекција на издадена мултимедија, која низ годините создаде енциклопедија на факти и настани на „Војната на ѕвездите“, што беше сметано за збир на канонски акти, по кој мораа да се придржуваат сите автори, сценаристи, режисери и аниматори. Но, откако „Дизни“ стана сопственик на правата врз франшизата, набргу и сите канони беа фрлени во вода. Тоа го соопшти самиот Џ.Џ. Абрамс, човекот што го режираше „Силата се буди“, првиот филм од серијалот направен без креаторот Џорџ Лукас. Тоа буквално ги разгневи фановите, кои почнаа да ја бојкотираат работата на новата екипа, која започна да ги потпишува делата од франшизата.

Сепак, најголемиот удар што фановите го добија од директорите на „Дизни“, беше укинувањето на култната анимирана серија „Војна на клоновите“, која претходно цели шест години се емитуваше по ТВ каналите.

Клоновите се прва жртва на „Дизни“

Во текот на емитувањето на петтата сезона од „Војната на клоновите“, почнаа да се шират шпекулациите дека од „Дизни“ размислуваат да го прекинат натамошното снимање на серијата. На крајот тоа и се случи, а во меѓувреме снимените епизоди од шестата сеозна, беа емитувани на „Дизни канал“, кабловскиот сервис на компанијата наменет за деца.

Веднаш почнаа планови за анимација на нова серија – „Бунтовници“, која ниту одблизу не го достигна успехот на клоновите, кога наредната година беше пуштена во етер.

На социјалните мрежи се појавија фан-групи за поддршка на „Војната на клоновите“, каде што за само неколку часа се потпишаа безмалку десет милиони луѓе на петицијата, со која беше побарано од продукцијата да ја заврши приказната.

И конечно, кон крајот на 2019 година беше објавено дека „Војната на клоновите“ ќе го добие својот епилог. Токму за утре е најавена првата епизода од седмата сезона, која воедно ќе биде и последна.

Омилената Асока Тано

„Војната на клоновите“ е временски сместена помеѓу Епизода 2 и Епизода 3 од сагата за „Војната на ѕвездите“ и е извонреден материјал за публиката, во поглед на околностите низ кои минува Анакин Скајвокер кон неговото „паѓање“ на „темната страна од силата“.

На извореден и точно хронолошки начин е прикажано и пропаѓањето на Галактичката република и првите облици на создавањате на империјата на злото. Воедно може да се види и како исцрпувачката војна со сепаратистите го менува редот на Џедаите, кои од миротворци стануваат воини, со што го доведуваат во прашање своето постоење.

Можеби најголемата придобивка од серијата е Асока Тано, лик кој им стана омилен на фановите и чија судбина е блиско поврзана со падот на Анакин. Тано е падаван (ученик) на Анакин, кој ја наследува бунтовноста на својот учител. Тоа ќе ја доведе во неколку искушенија, за на крајот да биде протерана од редот.

Ликот на Тано се појави во неколку епизоди од „Бунтовниците“, кога продуцентите се понадеваа дека со тоа ќе ја зголемат популарноста на серијата, за на крајот да решат дека најпаметно ќе биде да ја завршат омилената серија на докажаните фанови.

„Војната на клоновите“ воедно е последниот подарок што Џорџ Лукас го има за верните обожаватели, бидејќи тоа е последниот проект на продукцијата започнат во негово време.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот