ВО ЖИВО: Резултати од вториот круг од Локалните избори 2021

Локални избори 2021, втор круг / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

22.30 ч. Заев: Поднесувам оставка од премиер и од претседател на СДСМ

Ја преземам одговорноста од резултатите на овие избори и поднесувам оставка од премиер и од претседател на СДСМ, изјави вечерва лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Им честитам на сите градоначалници. Сакам да споделам разочараност кај мене и кај народот. На овие избори видовме сојузи на жртви и насилници од 27 април. Се здружија без било каков образ за глас и пари – рече Заев.

Тој истакна дека е горд како прогресивни сили што земјава ја внеле во НАТО, дека набрзо e можно да почнат преговорите со ЕУ , дека е спроведен успешен попис, дека го обединил народот и дека и дека има соработка со сите пет соседи.

Заев нагласи дека поради влезени во земјава големи пари од надвор, завршиле во дел фирми и како што рече, влијаеле на изборниот резултат.

– Жалам што исти луѓе кои пред четири години тргнаа да убиваат во Собранието, сега се избрани за градоначалници. Видовме сојуз на жртви и на насилници само за власт. Не е тешко да се изгуби власта. Убеден сум дека донесовме слобода и демократија, а слободата и демократијата значат и одговорност. Можеби не сум во право, но ред е народот да поддржи политичари кои носат храбри одлуки. Јас ја презедов одговорноста врз себе, за прогресивните сили да можат да ја продолжат борбата, рече Заев.

Тој порача дека не треба да има предвремени парламентарни избори и дека ќе остане за да се реорганизира новата влада. Заев рече дека му било чест што можел да му служи и да работи за народот.

22.11 ч. Горан Герасимовски од СДСМ прогласи победа во Центар, води со 2.000 гласа разлика

„Центар останува во вистински раце, победуваме убедливо со речиси 2000 гласа разлика!“, објави вечерва кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски.

„Сакам да им заблагодарам на сите граѓани кои денес излегоа и ни ја дадоа поддршката. Центар останува демократска и отворена општина. Веќе од утре започнуваме со работа да ја оправдаме довербата и да продолжиме да ја развиваме општината и да го подигнуваме квалитетот на животот за центарци. Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам и на сите кандидати кои беа дел од изборите во Општина Центар и за демократскиот изборен ден“, напиша Герасимовски на Фејсбук.

Фото: Фејсбук

22.09 ч. Данела Арсовска прогласи победа: Се борев не само против Шилегов, туку и против Заев

Опозициската кандидатка Данела Арсовска, која на изборите настапи со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ; прогласи победа во Скопје. Таа кажа дека според последните информации, има огромна предност од над 20 илјади гласови пред Шилегов. Таа рече дека е среќна е што за првпат по 30 години Скопје има жена градоначалник.

„Многу ми значи вашата поддршка, и што ми ја дадовме довербата да го водат градот Скопје и да бидам ваш човек во градот. По тешки битки, во оваа кампања, мој противник не беше само стариот градочалник, туку и премиерот во заминување. На мое големо задоволство, Скопје по 30 години за прв пат има жена за градоначалник.

Данела Арсовска прогласи победа на вториот круг од локалните избори / 31 октомври 2021 / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

22.08 ч. Во Дебар градоначалник ќе се избира на 14 ноември

И по денешното повторено гласање во едно гласачко место, граѓаните на Дебар не го избраа новиот градоначалник. 

 

Како што потврдија од изборните штабови на ДУИ и на Алијанса за Албанците-Алтернатива, во Дебар ќе има втор круг на гласање на 14 ноември, бидејќи и по повтореното гласање ниту еден од кандидатите не обезбедиле потребниот процент од вкупниот број од излезените граѓани на гласање.  

 

 

 

Според нив на денешното гласање на гласачко место 0543 од вкупно 777 гласачи колку што се запишани во  единствениот избирачки список за кандидатот на ДУИ поддржан од СДСМ  и Коалицијата и актуелен градоначалник, Хекуран Дука, гласале 226 а за Беким Поцеста од Алијансата за Албанците-Алтернатива подржан од ВМРО-ДПМНЕ, 293 лица.  

Од вкупно запишаните со право на глас, ова право го оствариле 528 лица или околу 68 отсто.  

На ова гласачко место во првиот круг гласаа 484 или 62,29 отсто. За Дука гласаа 195 додека за Поцеста 271 лице, неважечки беа 16 ливчиња.   

22.02 ч. ВО ЖИВО: Прес-конференција на Христијан Мицкоски

22.02 ч. ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ слави со „Бела чао“, се веат македонско и албанско знаме

На преполниот плоштад пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, вечерва се слави со звуците на италијанската партизанска песна „Бела чао“, досега карактеристична за протестите и собирите кои ги организираше СДСМ. На прославата пред „Белата палата“ се веат македонско и албанско знаме.

21.56 ч. Касами: Од утре не чека голема работа

Лидерот на Движењето БЕСА, Билал Касами им се заблагодари на сите што гласаа за него на локалните избори во општина Тетово. Тој рече дека од утре го чека многу работа.

„Не чека многу работа во наредните четири години за Тетово да биде подобро место за живеење. Сите ветени проекти гарантирано ќе се реализираат. Им благодарам на сите граѓани од сите политички партии кои гласаа за мене. Од првиот ден гарантирам дека состаноците на Советот ќе бидат со директен пренос, ќе работиме на уредување на градот, отстранување на хаосот, реализација на проекти поврзани со подобар живот“, изјави Билал Касами.

Билал Касами, лидер на БЕСА

21.42 ч. Оливер Илиевски му честиташе на Максим Димитриевски: Ви стоиме на располагање

Оливер Илиевски му честиташе победа на Максим Димитриевски

Оливер Илиевски, кандидат за градоначалник на Куманово од СДСМ, вечерва му ја честиташе победата на противкандидатот, актуелниот градоначалник Максим Димитриевски, од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“.

„Во овој момент сакам да им честитам на победниците и да порачам Куманово да го управуваат добро, да инвестираат и нашата програма ќе им стои на располагање. Сакам да ве информирам дека СДСМ освои 19.470 гласа, додека независниот кандидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, има освоено 25.470 гласови. Ова се неофицијални податоци што ги добивме од нашиот изборен штаб, од сите гласачки места“, кажа Илиевски на прес-конференција.

21.32 ч. Африм Гаши: Убеден сум во промената на политичката сцена

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши рече дека се горди на целата кампања и активностите во текот на неа.

Алтернатива заедно со Алијанса за Албанците направија прекрасна кампања. Денеска сме евидентни дека започна битката за промени. Им благодарам на сите гласачи, активисти, луѓе со добра волја, кои беа со нас за да ја добиеме довербата на граѓаните и денес е евидентно дека Алтернатива како субјект, е една од партиите што даде дополнителна вредност. Дополнително, евидентно е дека од вечерва почнува голем тектонски потрес на политичката сцена почнувајќи од Скопје каде ќе бидеме на власт, но и на централно ниво. Убеден сум во промената на политичката сцена – рече Гаши.

21.31 ч. ВИДЕО | Јакимовски: Ќе им ги решавам личните проблеми на карпошани и ќе им ги вратам насмевките

Вечерва кандидатот и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски прогласи победа во скопската Општина Карпош.

Официјално според ДИК во општина Карпош во водство е Стевчо Јакимовски со 5.113 гласови односно 51,72% од досега обработените, додека противкандидатот од СДСМ Душко Весковски освои 4.267 односно 43,17%.

– Драго ми е што на крајот на оваа кампања, можеме да се закитиме со една прекрасна победа. Со десеткувана со крадени пратеници, тргнав во овој поход но знаев дека го имам народот зад себе. Знаев дека ги имам граѓаните зад себе. Бев сигурен дека ќе победиме, бев сигурен во вербата од граѓаните на Карпош. Уште повеќе ќе бидат отворени вратите за граѓаните на Карпош, и ќе ги решавам и личните проблеми на граѓаните на Карпош и ќе им ги вратам насмевките, вети Јакимовски.

Стевчо Јакимовски, градоначалник на Карпош / Фото: Фејсбук

21.29 ч. ВМРО-ДПМНЕ ја слави победата на Широк сокак, Коњановски е нов градоначалник

Стотици членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ вечерва излегоа да ја прослават победата на нивниот кандидат Тони Коњановски во вториот круг од локалните избори.

На прославата беше присутен и Коњановски, кој примаше честитки од собраните граѓани.

Според податоците објавени досега на веб-страницата на Државната изборна комисијата, Коњановски по обработени околу 58 отсто од гласовите, има предност од околу 1.800 гласа пред кандидатот на СДСМ и коалицијата, Христо Кондовски.

ВМРО-ДПМНЕ слави на Широк сокак

21.23 ч. Податоци на ДИК за 44 општини од обработени околу 50 проценти од гласовите

Државната изборна комисија на веб апликацијата ги објави податоците од денешниот втор круг гласање за избор на градоначалници во 44 општини, од обработени околу 50 проценти од гласовите.

21.04 ч. ФОТО+ВИДЕО: Победничка атмосфера пред „Белата палата“, се слави со зурли и тапани

Со музика од зурли и тапани и извици „ВМРО-ДПМНЕ“ и „Цело Скопје вмровски град“, симпатизери на опозициската партија се собраа пред партиското седиште во Скопје на прослава на резултатите од вториот круг на изборите.

ВМРО-ДПМНЕ слави пред „Белата палата“ / Фото: Слободен печат – Соња Христовска Угриновска

ВМРО-ДПМНЕ претходно прогласи победа во Охрид, Битола, Гевгелија, Радовиш, Ресен, Зелениково и повеќе други општини.

21.00 ч. ДИК за Центар: СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ

Во Општина Центар кандидатот на СДСМ Горан Герасимовски е во водство од 489 гласови, пред кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Наташа Котлар – Трајкова.

Според досега обработените податоци од Државната изборна комисија Герасимовски освои 3.293 гласови, односно обработени се 51,68 проценти од вкупниот број гласачки ливчиња за оваа општина.

20.59 ч. ДИК за Центар: СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ

Во Општина Центар кандидатот на СДСМ Горан Герасимовски е во водство од 489 гласови, пред кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Наташа Котлар – Трајкова.

Според досега обработените податоци од Државната изборна комисија Герасимовски освои 3.293 гласови, односно обработени се 51,68 проценти од вкупниот број гласачки ливчиња за оваа општина.

Наспроти него Котлар – Трајкова освои 2.804 од досега обработените гласачки ливчиња, што во проценти изнесува 44,01.

Пребројувањето на гласови е во тек, и ДИК најави прес конференција на полноќ на која ќе ги соопшти првичните резултати од вториот круг од локалните избори.

20.59 ч. Таравари прогласи победа: Ако сакаат, ќе одиме на уште една рунда

Актуелниот градоначалник на Гостивар од редовите на Алијанса за Албанците (АА), Арбен Таравари прогласи убедлива победа во општина Гостивар. Тој рече дека жителите на Гостивар гласале едногласно и одлучиле и во наредните четири години општината да ја водат Алијанса на Албанците и Алтернатива.

„Јас добив 18.000 гласови, а Али Ахмети околу 12.000 гласови. Имавме противници од целата влада кои овие две недели беа во Гостивар, но во секој случај, ако сакаат уште една рунда, ќе одиме на уште една“, рече Таравари.

20.47 ч. ДИК: Весковски му дише во врат на Јакимовски со 112 гласа помалку

Битката за скопската општина Карпош се уште неизвесна, барем според досега објавените податоци од Државната изборна комисија.

Имено, од досега обработените гласачки ливчиња, во водство во Карпош е Стевчо Јакимовски, лидерот на ГРОМ со освоени 2.674 гласови, односно 48,46%, наспроти кандидатот од СДСМ Душко Весковски кој заостанува 112 гласови, односно освоил 2.562 гласови или 46,43% проценти од досега обработените.

20.35 ч. Аријанит Хоџа: Билал Касами има 5.500 гласа во Тетово пред Теута Арифи

Аријанит Хоџа од Движењето БЕСА на прес-конференција рече дека Билал Касами има предност од над 5.500 гласа пред кандидатката на ДУИ, Теута Арифи.

„Во Тетово победија граѓаните, победи волјата на граѓаните“, рече Аријанит Хоџа.

Аријанит Хоџа / Фото: МИА

20.34 ч. ДИК: Данела Арсовска во убедливо водство во Скопје

Според последните информации од веб страницата на Државната изборна комисија во трката за градоначалник на Скопје, во убедливо водство со освоени 58,65 проценти од преброените гласови е независната кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, со освоени 25.907 гласови досега.

Актуелниот градоначалник Петре Шилегов освои досега 38,05 проценти од гласовите односно 16.808 од преброените, според официјалните податоци на страницата на ДИК.

20.34 ч. Кузевска: Од резултатите ќе се знае правецот каде ќе се движи државата

Се одржаа фер и демократски избори. Огромно мнозинство граѓани гласаа и го дадоа правецотот во кој ќе се свижи државата, а од резултатите ќе го видиме тоа, изјави на првата прес конференција по затворањето на гласачките кутии, портпаролката на СДСМ Богданка Кузевска.

– Изборите поминаа во демократска атмосфера и покрај обидите на ВМРО-ДПМНЕ да ги компромитира. Притисоци врз изборниот процес од ВМРО-ДПМНЕ имаше во Кочани, Македонска Каменица и во Ѓорче Петров. Таму се обидоа недемократски да влијаат на избирите – рече Кузевска.

20.30 ч. Али Амети призна: Ги загубивме Тетово и Гостивар

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети рече дека посакува овој процес да се одвива според сите очекувани стандарди и дека овој процес е многу важен бидејќи граѓаните одредуваат кој ќе ги води нивните општини четири години.

Али Ахмети, лидер на ДУИ, Фото: Принтскрин

20.23 ч. ВИДЕО | Максим Димитриевски слави: Готови се!

Независниот кандидат за градоначланик на Куманово, Максим димитриевски, прогласи победа во вториот круг од локалните избори.

Тој на својот Фејсбук профил се вклучи во живо од изборниот штаб. Присутните еуфорично го извикуваа неговото име и порачаа: „Готови се!“.

20.21 ч. Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ прв од сите кандидати прогласи победа

Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков, прогласи победа на изборите против Константин Георгиевски од СДСМ.

Стоматологот и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ е првиот кандидат што во вториот круг се огласи прогласувајќи победа, и покрај тоа што броењето на гласовите сѐ уште трае.

20.08 ч. Спасовски: Вториот круг од изборите помина во мирна и демократска атмосфера

Во мирна и демократска атмосфера помина и вториот круг од локалните избори, изјави вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Граѓаните навреме ги пријавуваа сите проблеми, а полицијата успеа навреме да реагира по секоја поплака – изјави Спасовски.

Тој истакна дека најголем број од пријавите за прекршувања, како агитирање на гласачи, се регистрирани во Штип.

Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Фото: Слободен печат

 

19.43 ВИДЕО | Лукаревска: Волјата на мнозинството ќе потврди дека општините и град Скопје, продолжуваат по патот на напредокот

– Штотуку го искористив своето право на глас и очекувам денешниов изборен ден да продолжи во демократска атмосфера и секој еден да биде на висина на задачата. Локалните власти се првата отворена врата за граѓаните и денеска граѓаните ќе одлучат, изјави потпретседателката на СДСМ Сања Лукаревска.

Според неа волјата на мнозинството ќе го определи развојот на секоја општина и на градот Скопје.

19.42 Османи: Изборниот ден потврди дека Северна Македонија е зрела демократија

Изборниот ден поминал во мирна, слободна и фер атмосфера, а граѓаните уште помасовно излегле да ги избираат претставниците кои ќе ги водат локалните самоуправи во следните четири години, оцени Бујар Османи од ДУИ во првата изјава од партијата по затворањето на гласачките места.

Османи упати „честитка за вистинска победа на сите нас, на граѓаните, на институциите, на сите нас кои учествувавме во изборниот процес“.

Бујар Османи, портпарол на ДУИ, Фото: Принтскрин/Фејсбук

19.41 ч. Арифи: Убедена сум дека граѓаните знаеле и ќе знаат да ја ценат работата што е вршена за нив

Тетовската градоначалничка и кандидатка за нов мандат од ДУИ, Теута Арифи денеска своето право за гласање го оствари на гласачко место 1946 во ООУ „Истигбал” во Тетово.

– Апсолутно сум убедена дека граѓаните знаеле и ќе знаат да ценат работата што е вршена за нив, сите потешкотии низ кои сме поминале и целата спремност да продолжиме и понатаму да работиме за нашиот град и во целина за нашите граѓани“, изјави Теута Арифи.

Теута Арифи, локални избори 2021/ Фото: Фејсбук, Теута Арифи

19.41 ч. Митева од ВМРО-ДПМНЕ: Веруваме во победа и покрај сите притисоци

Веруваме во победа и покрај сите притисоци и злоупотреби. Зголемената излезност на гласачите е најдобар одговор на црната кампања на СДСМ, порача на прес-конференција кратко по затворањето на гласачките кутии портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

– Власта која паѓа го покажа своето недемократско лице со брутална и масовна злоупотреба на државни ресурси за партиски цели. СДСМ е подготвен да ја сочува власта по секоја цена и сведочевме на поткуп, кршење на изборниот молк во Кочани, Радовиш, Ново Село, Македонска Каменица, Ѓорче Петров. Вчера беше нападната новинарска екипа, денеска новинарска екипа беше спречена да известува, во Бојане беше нападнат набљудувач од невладина организација и други дејства спротивни на Изборниот закон. Сите мерки што ни се на располагање ќе ги превземеме во врска со овие нерегуларности, изјави Марија Митева.

 

Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ / Фото: Принтскрин, ВМРО-ДПМНЕ

19.34 ч. Села: Граѓаните секогаш треба да бидат насочени кон промени

– Промените се добри, бидејќи ја поттикнуваат конкурентноста и се надевам граѓаните ќе бидат насоечни кон промени, изјави лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, по остварувањето на гласачкото право во вториот круг од локалните избори, во струшкото село Ливада.

Зијадин Села, локални избори 2021/ Фото: Фејсбук, Зијадин Села

19.29 ч. Ахмети: Денеска се слави демократијата

Своето избирачко право, лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети денеска го ствари во кичевското село Зајас. Тој истакна дека гласањето се одвива многу добро и посочи оти овие избори се вистински тест за зрелоста на нашата земја.

Али Ахмети, локални избори 2021 / Фото: Фејсбук, Али Ахмети

19.21 ч. Таравари: Очекувам да победи подобриот

Кандидатот за градоначалник на Општина Гостивар од коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, Арбен Таравари во изјава за медиуми по остварувањето на правото на глас, изрази оптимизам за резултатите по гласањето во вториот круг.

Арбен Таравари, локални избори 2021/ Фото: Фејсбук, Арбен Таравари

19.17 ч. ДИК: До 18.30 часот гласале 555.943 гласачи, излезноста 48,88 проценти – продолжено гласањето на неколку избирачки места

Државната изборна комисија вечерва на прес конференцијата во 19 часот соопшти дека 48.88 % е вкупната излезност на гласачите во 44- те општини и Градот Скопје, до 18.30 часот.

Локални избори 2021, втор круг / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Тоа значи дека гласале 555.943 македонски граѓани во целата држава, додека на три гласачки места во Општина Карпош гласањето ќе се продолжи за уште 2 часа и 55 минути колку што имало прекин на гласачките места 2867, 2831, 2815, а на 3 места во Сарај гласањето се продоли уште 2 часа и 45 минути, како и во скопската Општина Карпош каде на избирачко место 2652 исто така имало прекин на гласањето 150 минути.

Во Вевчани гласале најмногу избирачи, 81,2% од запишаните, а во Сарај 28,12%.

19.14 ч. Шилегов: Гласањето е празник за демократијата

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина” по денешното гласање на избирачкото место во СУГС „Георги Димитров” во Тафталиџе порача дека гласањето е празник за демократијата.

– Излезноста е поголема од првиот круг, а јас сум убеден дека Скопјани со масовното излегување ќе одберат градот да се движи во континуитет, развој и храбри потези што заедно ги влечеме и ќе ги почекаме резултатите до вечерва“, изјави Шилегов.

Петре Шилегов, Локални избори 2021/ Фото: Фејсбук, Петре Шилегов

19.11 ч. Арсовска: Во вториот круг разликата ќе биде уште поголема, луѓето ја поддржаа визијата за модерно Скопје

Верувам дека успеавме да го оствариме своето лично право да го дадеме својот глас за каква сакаме да биде иднината на Скопје, во првиот круг водев со 8.000 гласови, а во вториот ќе биде поголема бројката на оние лица, кои ќе ја поддржат визијата за модерно Скопје, истакна денеска независниот кандидат за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, откако го оствари своето право на глас во избирачкото место во општина Ѓорче Петров.

Арсовска потенцира дека изминатиот период наместо натпревар за подобри идеи и визии, била присутна црна кампања, која, како што рече, имала за цел да омаловажи.

Данела Арсовска, локални избори 2021/ Фото: Фесјбук, Данела Арсовска

18:59 ч. Непосредно пред затворањето на гласачките места, 2444 на бр. во 44 општини и градот Скопје, излезноста е 42,44%.

Обработени се вкупно 98,715 од вкупниот број запишани граѓани во избирачкиот список, што значи дека гласале 559.519 лица,  се податоците од официјалната страна на ДИК.

Локални избори 2021, втор круг / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

18.45 ч. Цивил: Вториот круг е потензичен, но изборниот ден поминува генерално во позитивна атмосфера

Вториот круг од локално е малку потензичен, што е очекувано, но сепак има слободен, фер и демократски изборен натпревар. Изборниот ден во глобала гледано се одвива во позитивна атмосфера, оцени претседателот на здружението Цивил, Џабир Дерала, во извештајот за текот на изборите до 17:00 часот.

Џабир Дерала / фото: Цивил.мк

18.27ч.  Центар, Карпош и Чаир со значително поголема излезност во вториот круг

Во Центар и Карпош до 17 часот гласале по две до три илјади избирачи повеќе отколку во истиот период од гласањето во првиот круг, покажуваат официјалните податоци на Државната изборна комисија.

И во двете општини се гласа и за општински градоначалник.

Во Чаир, до 17 часот на гласање излегле околу четири отсто повеќе гласачи отколку во првиот круг.

Локални избори 2021, втор круг / Фото: Слободен печат – Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот