Цивил: Вториот круг е потензичен, но изборниот ден поминува генерално во позитивна атмосфера

Џабир Дерала / фото: Цивил.мк

Вториот круг од локално е малку потензичен, што е очекувано, но сепак има слободен, фер и демократски изборен натпревар. Изборниот ден во глобала гледано се одвива во позитивна атмосфера, оцени претседателот на здружението Цивил, Џабир Дерала, во извештајот за текот на изборите до 17:00 часот.

Тој на прес-конференција посочи дека и во овој круг има проблеми со отчитувачите на отисок од прст и оти се зголемуваат притисоците кон набљудувачите на Цивил, иако во вториот дел од денот, како што рече, „тоа само спорадично може да се забележи, има и кршење на изборниот молк”.

– Во изминатите два часа во Кочани се бележи случај на агитација во корист на една политичка партија од едно лице со возило, чии регистарски таблички се познати на мониторингот. На една фејсбук станица со јасна политичка ориентација позната по ширење на говорот на омразата и дезинформации има објавено видео според кое наводно македонски граѓани од дијаспората пристигнуваат во земјата за да гласаат за еден од кандидатите, рече Дерала, посочувајќи дека се уште не е утврдено дали тоа се случува, а во видеото има говор на омраза кон невладини организации и кршење на изборниот молк.

Во општина Аеродром, додаде тој, во градинката Срничка, полицијата интервенирала во случај со агитација од две лица и ги отстранила од пред гласачкото место. На избирачкото место 2760 во Аеродром член на Избирачкиот одбор носи дуксер со обележје на политичка партија.

– Во Пробиштип во избирачкото место 1537 избирачките одбори ги читаат матичните броеви на избирачите и има турканица во просторијата каде се чека ред за гласање со што се доведува во прашање тајноста на гласањето и на некој начин се кршат протоколите за заштита од Ковид-19. Читање на глас има и во Демир Капија каде се читаат имиња и презимињата на гласачи и нивните матични броеви, што е повреда на тајноста на гласањето. Непочитување на ковид протоколите има и во Кочани во село Оризари, рече Дерала.

Тој нагласи дека во целина гледано има многу мал број на случаи на кршење на ковид-протоколите и има добар изборен ден со зголемена излезеност во споредба со првиот круг од изборите.

Дехран Муратов од Цивил посочи дека од извештаите на набљудувачите се забележува грубо кршење на избирачкиот молк во што се вклучени „партиски активисти, лидери на партија во комбинација со медиумски екипи, кои јавно го прекршуваат избирачкиот молк и во тоа дури и не се кријат”.

Во Кочани, како што нагласи има политичка тензија уште од вчера, а лидер на политичка партија, пратеник и медиумска екипа вчера вршеле притисок кон одредена група на граѓани за да гласаат за нив.

– Денеска исто така се забележува од истата политичка партија дека во населбата Усова Чешма партиски активист агитира за таа партија и врши превоз на граѓаните до избирачките места. Сепак може да се забележи дека има голема присебност кај граѓаните и не им дозволуваат на политичките партии да ги испровоцираат и да дојде до посериозни инциденти, потенцира Муратов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот