ВО ЖИВО | Конфликтот во Украина, вести од минута во минута

Војна Украина/ Фото EPA-EFE/ANDRII NESTERENKO

15:36 Илјадници Руси заглавени во Тајланд заради санкциите

Официјални лица во Бангкок велат дека илјадници руски туристи се блокирани во одморалиштата на плажа на Тајланд поради војната во Украина.

Многумина не можат да ги платат сметките или да се вратат дома поради санкциите и откажаните летови.

Јутасак Супасорн, гувернер на Туристичката управа на Тајланд, изјави за Асошиетед прес дека околу 6.500 руски туристи се заглавени во Пукет, Сурат Тани, Краби и Патаја.

14:49 Европратеници: Србија го велича Путин, замрзнете ги нивните преговори за пристап во ЕУ

Девет европратеници од политичката група Renew побараа од ЕК да ја повика Србија да се приклучи на ставот на ЕУ за Русија во светло на агресијата врз Украина и привремено да ги замрзне пристапните преговори на Србија со ЕУ и да ја прекине финансиската поддршка доколку повикот се игнорира.

„Со оглед на неодамнешните настани околу руската агресија против Украина, ние сме длабоко загрижени за ситуацијата на Западен Балкан, а особено за очигледното непочитување на обврските на Србија за кандидати за ЕУ“, се вели во писмото на европратениците до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и потпретседателот Жозеп Борел.

Во писмото со првопотпишаниот пратеник во Европскиот парламент од Словенија, Клемен Грошељ, се наведува дека Србија во моментов треба јасно да одлучи за војната во Украина.

14:02 Европа одлучи: Ќе ја поддржува, но нема да ја прими Украина во унијата

По повеќечасовни советувања, 27-те шефови на држави или влади на членките од ЕУ најавија поддршка на Украина, но нема да има нејзин брз прием во Унијата.

Иако во декларацијата од Самитот на ЕУ во францускиот Версај се вели дека „Украина припаѓа на нашето европско семејство“, сепак, на Киев не му се дадени конкретни ветувања во поглед на брз прием во Европската унија.

Во поглед на барањето за прием на Украина, доставено на 28 февруари, во соопштението на ЕУ се вели дека „Советот дејствуваше брзо и побара од Комисијата да даде мислење во согласност со договорите“.

Но дотогаш, без никакви одложувања, се планира продлабочување на партнерството „заради поддршка на Украина на европскиот пат“.

13:22 Млад украински пекар без оружје се спротивставува на рускиот напад

Додека Украинците ширум земјата собираа стаклени шишиња за да направат молотови коктели и се вооружуваа за да се спротивстават на рускиот напад, Павло Серветник се упатил кон кујната.

Последниве две недели, откако Русите извршија инвазија, тој едвај спие, работејќи по 20 часа на ден за да ги нахрани луѓето во окупираниот Керсон, јавува Си-Ен-Ен.

Секој ден, овој 28-годишник пече илјадници лебови, ги товари во својот камион или автомобил и вози низ напуштените улици, доставувајќи им ги на луѓето кои се повеќе се отсечени од надворешните резерви на храна. Овој град со речиси 300.000 жители е под руска окупација.

Керсон беше првиот голем град што падна во руски раце од почетокот на војната. Како што руската брутална инвазија на Украина влегува во третата недела, борбата за опстанок се интензивира низ целата земја.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Pavlo Servetnyk (@pashaservetnyk)

12:32 Русија: Меѓународната вселенска станица може да се урне, познато и на кои земји

 

Санкциите против Русија би можеле да предизвикаат колапс на Меѓународната вселенска станица (МВС) и да предизвикаат структура од 500 тони да „падне во море или копно“, изјави шефот на руската вселенска агенција Роскосмос.

Дмитриј Рогозин, гласен поддржувач на руската инвазија на Украина, повика на укинување на санкциите бидејќи тие може да ја нарушат работата на руските авиони кои служат на МВС.

„Како резултат на тоа, рускиот сегмент на станицата – кој помага да се поправи нејзината орбита – може да биде погоден, што ќе предизвика структура од 500 тони да падне во море или копно“, напиша шефот на Роскосмос во Телеграм.

11:43 МНР на Украина тврди дека руските сили гранатирале џамија во која имало 80 луѓе

 

Руските сили гранатираа џамија во јужниот украински пристанишен град Мариупол, каде што се засолнети повеќе од 80 возрасни и деца, вклучително и турски државјани, соопшти украинското Министерство за надворешни работи.

Како што пренесе Би-Би-Си, Украина ја обвини Русија дека одбива да им дозволи на луѓето да излезат од Мариупол, каде се заглавени стотици илјади луѓе заробени.

10:55 Руски платеник опишува како се регрутирани: „Поканети бевме на пикник да вкусиме свинско“

Во Русија се користат канали на социјални мрежи и приватни комуникациски групи за регрутирање на нови платеници кои ќе се борат во Украина заедно со редовната армија, дознава Би-Би-Си. Новинарите разговараа со регрутиран платеник и поранешен борец близок до една од водечките руски платенички организации, кој откри детали од кампањата за регрутирање.

Неколку недели пред почетокот на војната, изјави платеникот за Би-Би-Си, многу ветерани на тајната организација на Вагнер биле контактирани преку приватна група на Телеграма. Тие беа поканети на „пикник во Украина“, со референци за дегустација на „масти“, свински маснотии што традиционално се јадат во Украина.

10:11 Украински пратеник: Битката за Киев ќе биде новиот руски Сталинград

Битката за главниот град на Украина Киев може да биде новиот руски Сталинград, изјави украинскиот пратеник Свјатослав Јурак за Би-Би-Си.

Јурак, кој е најмладиот украински пратеник и поранешен советник на Зеленски, помага во волонтерската одбрана во Киев. Тој рече дека главниот град се соочил со интензивно рекетирање во текот на ноќта, а на периферијата на градот се уште траат борби.

Тој предупредува дека Русија треба да се подготви за големи загуби доколку го нападне Киев.

– Тоа е огромен милионски град и ако Русите се обидат да влезат, ќе има голема борба – ова ќе биде нивниот Сталинград, рече тој, мислејќи на најкрвавата битка во Втората светска војна во која загинаа околу 1,1 милион советски војници и 800.000 нацисти.

09:39 ВИДЕО: Русите се доближуваат до Киев, пукаат во населени места

Американската компанија Maxar објави нови сателитски снимки на кои се гледа како куќите горат додека руските воени трупи се повеќе напредуваат кон главниот град на Украина.

Може да се забележат и долги редици автомобили кои се обидуваат да побегнат од главниот град на Украина. Според Скај њуз, снимката сугерира дека Русите од нивните топови активно пукаат во станбени области.

 

09:01 Се јави момчето кое од Украина сам пристигна во Словачка: Не размислувам за иднината

 

Хасан, 11-годишно момче кое сам патувало речиси 1.000 километри од југоисточна Украина до границата со Словачка, сега е безбедно. Тој е во Братислава со своите браќа и сестри.

Момчето се појави во живо во емисијата Добро утро Британија и изјави дека е неизмерно среќен што е со семејството. Тој додаде дека не размислува за иднината. Се јавила и неговата постара сестра.

„Хасан вели дека најважно му е да биде таму каде што е неговото семејство. Му се допаѓа овој град затоа што е безбеден“, рече таа.

08:33 Експерт: Ако Русија почне да плаќа за транзит на гас во рубљи, Бугарија ќе го прекине транзитот

Експертот за енергија во бугарската невладина организација Центар за проучување на демократијата, Мартин Владимиров изјави за БНР дека неговата земја има право да го прекине транзитот на рускиот природен гас доколку не ја добие достасаната исплата според договорот.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Владимиров потсети дека следната недела има рок за плаќање на преносот на гас преку Бугарија.

Руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, на видео брифинг потсети дека Бугарија е меѓу 48-те земји на листата на непријателски земји на Москва, што значи дека сите плаќања кон Бугарија ќе се вршат во рубљи.

08:27 Зеленски до руските мајки: Не ги праќајте вашите деца во војна

Украинскиот претседател Владимир Зеленски ги повика руските мајки да не ги испраќаат своите деца на бојното поле.

– Сакам да им го кажам ова уште еднаш на руските мајки, особено на мајките на воените регрути. Не ги испраќајте вашите деца во војна во странска земја, рече Зеленски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот