Во сивата зона е сигурно, зошто сите не би преминале таму

Даниела Арсовска. / Фото: Архива на Слободен печат

Сојузот на стопански комори со години наназад гласно и одлучно бара од институциите проактивно вклучување со конкретни мерки за справување со сивата економијата.

Еден од најголемите предизвици за регистрираните претпријатија е како да се изборат да бидат конкурентни на пазарот, a најголем проблем во постигнувањето на оваа цел го создава сивата економија која сериозно ги нарушува фер условите за работа. Нерегистрираните субјекти не придонесуваат во буџетот, не плаќаат даноци ни придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, бидејќи немаат ниту еден пријавен вработен, тековните трошоци им се многу пониски, бидејќи не ги плаќаат по индустриска тарифа, а профитите им се големи. Со овој начин субјектите што вршат нерегистрирана работа не само што го оштетуваат буџетот, туку се во можност и да понудат цени за производи и услуги на пазарот што се значително пониски. Регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне тие цени поради тоа што повисоките трошоци што ги има, мора да ги пресмета во крајната цена на чинење. Според анализите од анкетите на Сојузот на стопански комори на Македонија, вршителите на дејност кои работат во сивата зона без формално регистрирање на својата дејност се 50 отсто поконкурентни на пазарот од регистрираните фирми.

Анализите на Светска банка покажуваат дека процентот на компаниите што се соочуваат со нерегистрираните или неформални вршители на дејност во Македонија е повеќе од 55 отсто или пред сите други земји во регионот, а процентот на сива економија се движи околу 38 отсто.

Сојузот на стопански комори со години наназад гласно и одлучно бара од институциите проактивно вклучување со конкретни мерки за справување со сивата економијата. Малите и средни претпријатија што претставуваат повеќе од 99 отсто од регистрираните активни субјекти, со 65 отсто учествуваат во бруто домашниот производ и обезбедуваат повеќе од 80 отсто од работните места во приватниот сектор, се најранливи на ефектите од економските шокови, но и најмногу штета имаат од неформалната економија.

Сивата економија на регистрираните претпријатија им ја отежнува работата и во нормални услови, а во актуелната криза овој проблем е уште поизразен. Сега борбата за опстанок на малите и средни претпријатија е уште потешка, а негативното влијание од сивата зона е поголемо. Оние што се кријат од своите даночни обврски, ги оштетуваат сите граѓани, креираат систем неправеден кон даночните обврзници што работат законски. Оваа појава ја поткопува конкурентноста на компаниите и интегритетот на целиот даночен систем.

Сѐ поголем предизвик е што растечкиот тренд на сивата економија создава неповолен деловен амбиент, во кој регистрирани претпријатија не можат да го издржат притисокот и одлучуваат да прибегнат во неформалната зона. Сивата зона се перципира како сигурна зона, без инспекции, контроли, казни, даноци, а со високи профити. Поради ова, во реалноста многу правни субјект се пред дилема: во сивата зона е сигурно, зошто сите не би преминале таму?

За да се спречи даночната евазија и да почувствуваат регистрираните претпријатија заштита и поволности од фактот што придонесуваат во буџетот, неопходна е извесна дерегулација и релаксирање од инспекциските надзори и континуираните репресивни мерки што се практикуваат врз нив, бидејќи имаат позната адреса. За разлика од нив, оние од сивата зона, чија адреса е „непозната“ за инспекциските служби, потребно е да се отстранат со здружена акција и искористување на соодветните механизми.

Прв чекор кон решение на проблемот е имплементацијата во практиката на Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност, за справување со оние што немаат фирми, а вршат дејност и имаат милионски профити. Неопходно е и отпочнување постапка за трансформација на неформалните активности во формални, поточно да им се понуди доброволна регистрација во прва фаза на оние што нерегистрирано работат, а со тоа и нивен влез во системот на обврски. Во втората фаза, доколку одбијат да се регистрираат и не престанат да вршат дејност во сива зона, да се применат репресивни мерки со изрекување значителни глоби и кривични санкции, со што институциите би ги спречиле нелегалните текови на пари и даночното затајување.

Време е да види јавноста решителни чекори и доказ дека се изречени барем неколку глоби по решенија што произлегуваат од Законот за забрана за вршење нерегистрирана дејност, што ќе биде јасен сигнал дека не само декларативно, туку и реално постои волја овој проблем да се реши.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот