Во потрага по тајната на добриот звук: Француски експерти ја скенираа познатата виолина на Паганини од 18 век

Фото: JEAN-PHILIPPE KSIAZEK / AFP / Profimedia

Француски експерти користеле рендгенски зраци за да ја скенираат познатата виолина на која свирел италијанскиот композитор и виртуоз Николо Паганини во 18 век, надевајќи се дека ќе ја откријат тајната на нејзиниот магичен звук, пишува „Франс24“.

Омилениот музички инструмент на виртуозот од Џенова, Италија, наречен „Ил каноне“ (Il Cannone), станал сопственост на неговиот роден град по неговата смрт во 1840 година. Виолината, изработена од познатиот производител на инструменти Џузепе Бартоломео Гуарнери дел Гесу, сега е изнесена само повремено за да ја свират врвните светски музичари.

Експертите од Европскиот центар за синхротронско зрачење (ЕСРФ) во Гренобл го скенираа инструментот до клеточната структура на неговото дрво за да ја откријат неговата состојба, но и да ја расветлат тајната зошто толку убаво звучи.

Идејата е да се создаде 3Д модел на виолина во и од кој експертите ќе можат да зумираат, до еден микрон или милионити дел од метар. Тие открија дека виолината сè уште е во многу добра состојба и покрај знаците на абење и неизбежните мали оштетувања предизвикани од староста. Но, деталната анализа на рендгенските снимки ќе трае неколку месеци.

„Првата цел е конзервација. Ако некогаш треба да се поправат некакви недостатоци, ќе ги имаме сите детали.“, изјавил г-дин Пол Тафоро од ЕСРФ.

„Тоа е исклучителен инструмент кога станува збор за квалитетот на звукот. Се надеваме дека новите откритија ќе ни помогнат подобро да ја разбереме тајната на тој магичен звук“, додал Пол Тафоро.

Луиџи Паоласини од ЕСРФ, кој беше задолжен за реализација на проектот, вели дека виолината е осигурана на 30 милиони евра, а од Џенова во Гренобл е транспортирана на вештачење. Лабораторијата на ЕСРФ е една од најдобрите светски работилници за поправка и реставрација на предмети од историското културно наследство.

Рендгенот функционира како џиновски микроскоп кој ја „снима“ положбата и движењето на атомите во кондензирана и жива материја и ја открива структурата на материјата со сета нејзина убавина и сложеност.

Обезбедува ненадминати можности за научниците во истражување на материјали и жива материја во многу широк опсег на области: хемија, физика, археологија и културно наследство, структурна биологија и медицински апликации, наука за животната средина, информатички науки и нанотехнологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот