Во која грмушка лежи проблемот со немањето попишувачи?

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Има 195.225 невработени што се пријавуваат во Агенцијата за вработување, а не може да се најдат 5.000 попишувачи. Очигледно имаме некој слоевит проблем, што во моментов излегува на виделина.

Во земја во која активни, во просек, има по околу 7.000 огласи за вработувања, каде што во Агенцијата за вработување како невработени се пријавени 195.224 луѓе, не може да се најдат 5.000 попишувачи што ќе работат и ќе заработат за пописот?! „Потрагата“ трае со месеци, а според последните информации, недостигаат уште 650 попишувачи. Во апелот за пријавување се вклучи лично и премиерот Зоран Заев барајќи да се пријават невработените затоа што „хонорарите се движат од 25.000 до 45.000 денари за 26 дена работа“.

Целава ситуација изгледа речиси апсурдно. Очигледно имаме некој слоевит проблем што во моментов излегува на виделина во формата – нема попишувачи. И со тој проблем би требало да се позанимаваат социолози, психолози, демографи… И да им одржат лекција на политичарите. Иако тие слабо слушаат лекции.

Првата и најважна пречка за одѕивот, секако, е здравствената криза. Многумина се плашат да одат од врата на врата и, во време на опасно заразна болест, да попишуваат. Ама, тогаш веднаш ми се наметнува сликата од преполните ресторани со свадби, прослави, паркови… Дали навистина стравот е единствената причина зошто нема доволно попишувачи?

Второ, долгорочно, позагрижувачко и од самата пандемија, е стравот на потенцијалните попишувачи од однесувањето на тие што треба да бидат попишани. Којзнае на какви луѓе ќе наидам? Ма, кај смеам да му заѕвонам на врата на некого во време на пандемија, ќе треба да се расправам со разни луѓе… Ова се одговорите што може да се слушнат на прашањето зошто некој од невработените не се пријавува за попишувач. Зарем толку многу се поместија границите на нормалното однесување на луѓето? Па, во минатото и тоа како имаше интерес да се работи на попис и да се земе некој денар. Можеби имало исклучоци, но генерално никој не помислуваше дека ќе доживее непријатности додека спроведува попис.

Однесувањето на луѓето е огледало на општеството. Живееме во време кога на виделина излегуваат сите маани: сервилноста, непринципиелноста, провокациите на етничка основа, хомофобијата и она најпаразитското– награда без заслуга. Во општество во кое може да се слушне дека некој за два-три пати неделно одење на работа земал по 61.000 денари плата, тешко дека може да се развие дух на трудољубивост. А, деновиве, во време кога се подгрева атмосферата за локалните избори, воскресна еден разговор од пред три години со тогашната членка на Државната изборна комисија – Ермира Асани Салија. Таа беше единствената од составот на Државната изборна комисија која не си даде оставка, откако тогашниот амбасадор на САД Џес Бејли на предавање за корупција обелодени колкави бонуси, покрај платите, се делеле во ДИК. Асани Салија сама призна дека одела на работа најмногу трипати неделно, дека платата ѝ била 61.000 денари, но тоа било така затоа што немало кој да свика седница.

Колку да изгледа „забегување од темава“, и примерот на Салија дава одговор на прашањето зошто сега нема попишувачи. Од вакви примери младите учат да мечтаат за леб без мотика, а возрасните се чувствуваат индиспонирано, изиграно и разочарано. Згора на сè, кога се бараат причините за недостигот на попишувачи во едно високо исполитизирано општество, какво што е нашево, не е за изненадување и ако приврзаниците на опозицијата не сакаат да учествуваат како попишувачи во статистичка операција што ја спроведува партијата на власт.

Од сите статистички операции, пописот е најсложената. Но, кај нас таа е уште посложена зашто не е оставена да биде само статистичка. Тоа не е за игнорирање. А во суштина, се игнорира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот