Во кафеана како на шаховска олимпијада?

Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Доколку се реализираат новите најавени рестриктивни мерки, тоа ќе значи целосен колапс и банкрот на угостителската индустрија. Очекувањата од нивното донесување се „мрачни“ и ќе предизвикаат трајно затворање на 40 до 60 проценти од кафеаните.

Филипче: Во тек се анализи и планови за воведување нови мерки за сузбивање на вирусот

Угостителите и претходно беа први на удар. По нивното неколкумесечно неработење, првичните протоколи за седење во рестораните и во кафулињата наликуваа на шаховските симултанки, кога се седи еден наспроти друг. Потоа, тие се изборија да не ги легитимираат гостите за да се потврди дека се од едно семејство, како и да се зголеми бројот на посетители. И додека едни ги почитуваа протоколите, другите се распуштија, а вирусот си го зема данокот. Образложувајќи ја актуелната и очекуваната состојба со ширењето на пандемијата, министерот за здравство Венко Филипче посочи дека дел од мерките што се разгледуваат пред есенскиот бран се задолжително носење маска и на отворено, ограничување на бројот на лица на маси во кафулињата, спречување на групирање на поголем број лица, прецизен протокол за работа на угостителски објекти на затворено итн.

– Од анализите на епидемиолошките анкети, главната причина за зголемување на бројката на новозаболени е непочитување на мерките како групирање, семејни прослави, свадби кои се забранети и слични настани, но и генералното опуштање на граѓаните – истакна министерот Филипче.

Ова не се добри вести за угостителскиот сектор, вели Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора. Тој потсетува дека тие и покрај првичните најави, не отпуштале вработени. Напротив, поради постојните важечки протоколи, кои доведоа до смален обем на работа, биле задржани вработените, со рационализација на работните места.

– Субвенциите за плати не ни помогнаа директно, туку овозможија само да се задржат вработените во изминатиот период. Смалениот обем на работа и приходи предизвика зголемена неликвидност во работењето. Нови рестриктивни мерки без соодветна директна помош за угостителите ќе доведат до масовно отпуштање на персоналот и изумирање на работните места – објаснува Јосифовски. 

Предложените мерки со кои повторно ќе се ограничи бројот на гости во угостителски објекти и бројот на лица за седење на една маса, ќе значат дополнителни проблеми со гостите, инспекциските контроли и неможност на нормално функционирање.

– Како што изјави и министерот Филипче, ниеден кластер не е појавен од угостителски објект во кој во целост се почитуваат протоколите за работа. Нема причини зошто досега ниту Комисијата за заразни болести, ниту Владата не изнајдоа сили и начин да донесат препораки и протоколи за одржување прослави и веселби (свадби, родендени, крштевки и слично) и работа на ноќните клубови, кои во целост можеа да работат со почитување на соодветните протоколи. Во изминатите месеци сведоци сме на масовно одржување вакви прослави и веселби во приватна режија, без никакви контроли и протоколи, кои ги потврди и министерот лично, а кои се вистинската причина за појавата на зголемениот број заболени од ковид-19 – оценува Јосифовски.

Угостителската дејност плаќа 45 милиони евра годишни придонеси

НУК се залага за изнаоѓање решенија за зачувувањето на бизнисот на 6.500 регистрирани угостителски објекти во Република Северна Македонија, во кои директно работат 35.000 пријавени вработени и повеќе од 20.000 сезонски работници. Тука се и вработените во зависните и засегнати индустрии. Угостителите во изминатите години остварувале приходи повеќе од 850 милиони евра, од кои стотина милиони евра, директно и индиректно, завршиле во државната каса по основа на ДДВ и персоналец. Угостителската индустрија по основа на придонеси, учествува во фондовите со најмалку 45 милиони евра годишно. За 2020 година овие бројки ќе бидат најмалку две третини помали од планираните и очекувани резултати.

Одложена регионалната хибридна конференција

За март или април идната година е одложена закажаната регионална хибридна конференција „Ковид-19 – Неформален партнер – Угостителите во пресрет на вториот бран“ во организација на Независната угостителска комора (НУК).

– Нашите работни групи комплетираа предлози за унифицирани препораки за работа на угостителската индустрија, кои се доставени до сите надлежните институции. Очекуваме Владата на РСМ, заедно со локалната самоуправа, наскоро да ги спроведе во целост. На тој начин нашата држава ќе стане креатор и иницијатор за прилагодување и воведување на унифицираните препораки и мерки во регионот – посочи Јосифовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот