Во Франција изгласан контроверзниот закон за имиграција

франција парламент Фото МИА

Францускиот парламент доцна синоќа го изгласа контроверзниот и построг закон за имиграција, со кој не се согласува дел од левото крило на владејачката партија и, според медиумите, можна е оставка на некои министри, пренесуваат агенциите.

Откако минатата недела опозицијата во Националното собрание го одби владиниот предлог, мешовитата комисија на Националното собрание и Сенатот постигнаа компромис и законот беше усвоен во двата дома на парламентот.

За законот гласаа и членовите на екстремно десничарската партија Национален собир, пренесува Ројтерс. Претставник од партијата на претседателот Макрон ја нарече таа поддршка „бакнеж на смртта“ и заклучи: „Сега сме во рацете на Националниот собир, изгубивме на сите фронтови“.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин го бранеше законот пред Сенатот, велејќи дека тој ќе им овозможи на странските работници да добијат правен статус.

„Со овој закон за имиграција ќе го удвоиме бројот на регуларизации на работните странци. Секоја година, 10.000 дополнителни странски работници ќе добиваат редовен статус“, рече тој.

Таа бројка ја претстави за прв пат за да го смири левото крило, пренесува агенцијата АФП.

Претседателот Емануел Макрон денеска ќе и се обрати на јавноста и ќе зборува за новиот закон, објави телевизијата БФМ. Построгите правила за мигрантите предизвикуваат вознемиреност кај левото крило на партијата на Макрон, а француските медиуми шпекулираат дека некои министри може да поднесат оставки.

Министерот за здравство Орелиен Русо беше првиот што го стори тоа, објавија Фигаро и Паризиен, но не можеа да потврдат дали премиерката Елизабет Борн ја прифатила оставката.

Дебатата за законот за имиграција ја подели владата на десниот центар предводена од претседателот Макрон. Владата направи значителни отстапки пред конзервативците за да обезбеди зелено светло за законот, но тоа ги налути левичарските членови на партијата.

Француската влада посочува дека целта на новиот закон е подобра контрола на имиграцијата и подобрување на интеграцијата на имигрантите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот