Во битката за МРТВ не треба да загине регулативата за медиуми

Со многу отпори, политички обвинувања за заведување „цензура“ и реакции од новинарските здруженија, во собраниска процедура, и тоа по скратена постапка, влезе предлог за измени на   Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ќе ѝ овозможи на власта да го смени раководството во јавниот радиодифузен сервис, „наследен“ од претходната власт.

Со новиот Закон за медиуми, група пратеници од владејачкото мнозинство предлагаат наместо со двотретинско мнозинство, членовите на Програмскиот совет на телевизијата и директорот на Агенцијата за медиуми да се избираат со 61 глас во Собранието. Тоа ќе овозможи смена на раководните луѓе во двете институции.

ВМРО-ДПМНЕ го обвини владејачкото мнозинство дека сака да воспостави целосна цензура и контрола на МРТВ и на Агенцијата за медиуми.  Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Стефановски, „ова го немало ниту во најтоталитарните режими во светот“.

– Омилена дисциплина на оваа власт е контрола и целосна цензура на медиумите. Ова го видовме и пред неколку недели овде во Собранието, како се поделија пари на граѓаните за контрола врз медиумите. Дното оваа власт веќе не го допираа, туку го пробива. ВМРО-ДПМНЕ ќе се спротивстави на носењето на овие измени во Собранието, зашто се целосно недемократски и на штета на медиумската фела – вели Стефановски. 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Советот за етика во медиумите (СЕММ) во заедничко соопштение велат дека со загриженост го следат процесот за измена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Факт е дека поради принципот на двотретинското мнозинство и несогласувањата помеѓу владејачката коалиција и опозицијата, овој процес досега беше закочен во Собранието на РСМ, но партиските разлики не треба да бидат искористени како изговор со кој би се нарушил ‘мерит-системот’ за избор на лицата во овие тела. Сепак, пред евентуално да се размислува за какви било промени во начинот на гласање, неопходно е Собранието да направи сериозен обид за избор на новите членови во советите преку постојните закони, за да им се даде можност на демократските процеси да ги надминат блокадите што беа видливи во минатиот парламентарен состав“ – се вели во заедничкото соопштение на новинарските здруженија.

Тие потсетуваат дека и самите се залагаа за начелото за избор со двотретинско мнозинство во 2013 година кога се носеа медиумските закони, а за истиот принцип се залагаа и експертите од Советот на Европа.

Од друга страна, пак, познавачите на состојбите во медиумите велат дека во моментов во националната телевизија се води битка во Програмскиот совет на МРТВ. Според Џабир Дерала од „Цивил медија“, ВМРО-ДПМНЕ не избира средства за да ја задржи власта во МРТВ и работи со стратегија.

– Тргнаа да го менуваат директорот на МРТВ, иако доаѓа од редовите на партијата што има доминантно влијание во ова тело, за да постават уште попослушен, по нивниот вкус.  Програмскиот совет реши да распише конкурс за нов директор и заменик-директор на МРТВ. Целта беше да се казни сегашниот директор Марјан Цветковски поради недоволна партиска агилност, а воедно и да си обезбедат директор со мандат што ќе биде тешко да се прекине и со следниот состав на Програмскиот совет на МРТВ. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ сака да си го симне својот директор е затоа што сакаат да го решат проблемот со дисциплината во своите редовите – вели Дерала за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот