Владината програма нема да трпи измени, само ќе биде дополнета со програмските определби на Алтернатива

заев гаши
Средба Заев-Гаши / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

На забелешките дека Алтернатива со четири пратеници добила премногу – тројца министри и заменици и други функционери, се одговара дека партијата го зголеми владејачкото парламентарно мнозинство и ја стабилизира Владата, вели висок владин функционер.

Владината програма нема да претрпи измени, само ќе биде дополнета со деветте програмски определби на новиот владин партнер, партијата Алтернатива. Ова треба да го соопшти премиерот Зоран Заев вечерва на средбата со помалите коалициски партнери. Лидерот на ДУИ Али Ахмети веќе е упатен во договорот за влез на партијата на Африм Гаши во Владата. Помалите коалициски партии му забележаа на премиерот дека има спорни точки во програмата на Алтернатива, како и тоа дека партијата добила премногу министерства.

Нашиот соговорник, висок функционер во Владата, тврди дека Алтернатива само ќе ја надополни со свои мерки владината програма. Тоа нема да се случи со барања од помалите коалициски партнери. Тоа што Алтернатива со четири пратеници доби тројца министри се оправдува со фактот дека партијата го зголеми владејачкото парламентарно мнозинство и ја стабилизира Владата. Треба да се земе предвид и дека Алтернатива по влегувањето во власта, ќе нема функции на локално ниво, дека има 12 места – исто колку што имаше Беса, која отиде во опозиција – во надзорни и во управни одбори. За забелешката дека во новата Влада ќе се наруши принципот на правична застапеност во корист на Албанците, нашиот извор вели дека соодносот ќе биде ист како сега, бидејќи освен министерството за дијаспора, кое ќе го води Алтернатива, ќе има уште неколку министри без ресор. Се размислува да има министерство за инвестиции и, евентуално, за малцинствата.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека ДУИ била информирана за целиот преговарачки процес со Алтернатива. Првиот вицепремиер Артан Груби потврди дека Министерството за земјоделие го добива ДУИ, а ќе го води актуелниот министер за информатичко општество Јетон Шаќири (тој ресор ѝ припадна на Алтернатива).

Помалите партии ЛДП, ДОМ и Демократски сојуз бараат Заев детално да ги информира за договорот со Алтернатива. Но, прашањето е дали некоја од помалите партии може да предизвика нова нестабилност на мнозинството.

– За ДОМ најважни се програмските приоритети на новата Влада, за кои немаме разговарано. Легитимно е секој да преговара, а за нас се најважни програмските приоритети, како дел од мнозинството за поддршка на новата Влада – вели претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.

Претседателот на ЛДП Горан Милевски очекува премиерот да ги извести во каква влада влегуваат.

– Немаше потреба да се прават овие театри еден месец и да се дефокусира јавноста бидејќи државата има еден силен предизвик во декември, а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија и целата енергија на политичките чинители треба да се насочи кон решавање на овој проблем, наместо да се занимаваме со личните позиции и кадровските решенија коишто очигледно се договорени – изјави Милевски.

За претседателот на ДС, Павле Трајанов, спорна е најавата за ревизија на неколку судски случаи како „Диво насеље“, „Монструм“…

– ВМРО-ДПМНЕ се обиде да ја урне Владата со партиите на Албанците, сега со нив СДСМ го окрупнува мнозинството, па излегува дека македонските партии се небитни. Бланко поддршка не даваме, ако се менува програмата на Владата ќе бараме да влезат и наши барања – вели Трајанов.

Сега се чека на изборот на новиот лидер на СДСМ, кој би бил и иден мандатар. Можно е тој да го смени партиското раководство, но и министрите. Кај ДУИ пак, освен ротацијата на Шаќири од информатичко во земјоделие, не се очекува смена на други министри. За ДУИ ќе биде прифатлив и нов мандатар на местото на Заев, кој поднесе оставка.

Беким Сали на местото на Филипче

Откако Алтернатива го доби Министерството за здравство, извесно е дека со тој ресор ќе раководи генералниот секретар на партијата, стоматологот Беким Сали. Професорот по информатика Адмирим Алити е можниот нов министер за информатичко општество, а допрва ќе се знае кој ќе го води министерството за дијаспора. За заменик-министер во образование се споменува потпретседателот Љуљзим Алиу, професор на Педагошки, додека заменичка во култура најверојатно ќе биде жена. Портпаролот Орхан Муртезани е можно да седне во директорската фотелја на МЕПСО, а Амир Елези на Клиничката болница Тетово. Во Собранието остануваат Африм Гаши, Сафије Садики, Хусни Исмаили и Скендер Реџепи, кој најверојатно ќе биде потпретседател.

Беким Сали ниту потврдува, ниту негира дека ќе биде министер за здравство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот