Владата го поздрави францускиот нон-пејпер: Добредојдена е секоја идеја која ќе го забрза почетокот на преговорите

За Владата францускиот нон-пејпер е за поздравување, бидејќи, како што велат оттаму, добредојдена е секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на  Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, посуштински и покредибилни.

Владата веќе го добила документот на Франција, со кој се предлага нов пристап во преговарачката методологија и поблиска политичка соработка на државите членки и државите кандидатки.

„Многу е важно што рамката која ја предлага Франција го потврдува членството во ЕУ како главна и крајна цел на процесот што за нас е неопходен услов за воопшто таа да се разгледува“, велат од Владата.

Претстои разгледување на оваа иницијатива, по што институциите ќе дадат свој придонес во развивањето на идеите за можна промена на методологијата.

„Од витално значење за домашните реформи и за натамошниот развој на државата е да се донесе одлука за почеток на преговорите за членство со ЕУ која ќе овозможи во динамичен преговарачки процес да се внесуваат делови од можниот нов пристап за подобрување на методологијата. Сметаме дека е особено важно земјите кои ги исполнуваат условите и темелно постапуваат во реформите, непречено и брзо да одат низ процесот на преговори, до конечно членство во ЕУ“, велат од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот