Вистината за „нападнатите новинари“

Фото: Слободен печат/Ана Анастасовска

„Нарачани напади, вечерва нападнати тројца новинари, критичари на власта“, „Македонија станува опасна за живеење, ноќеска во Скопје нападнати тројца новинари“. Со вакви наслови утринава го пиев моето кафе на работа. Ауууу каде живееме? Зарем почнаа да тепаат новинари по улица? Режим! Уа Влада!. Ова претпоставувам се коменатрите кои следеле откако луѓето ги прочитале ваквите наслови. Порталите кои ги пласираа овие вести, мора да признаам, мајсторски ја одработиле причава.

Луѓето вообичаено кај нас лесно се палат, читаат наслови и одма креираат мислења, ама никој не помислува да праша, зошто овие новинари биле нападнати, кој ги нападнал, која била вистинската причина за тоа. „Мотивите биле непознати“. Намерно вака се креирани вестите за да се крене паника, а да не се дознае вистината.

Е па мотивите се познати и новинарите секако не биле нападнати бидејќи биле новинари, уште помалку што биле критичари на власта.

Еве јас го прашав еден од нападнатите, Дејан Андоновиќ, што всушност се случило синоќа. Дали викале „Уа Влада“ во кафана? Андоновиќ ми е колега во „Слободен печат“ и ме информираше дека целата приказна за напад на новинари, критичари, нема врска.

Луѓето биле во кафеана, излегле од кафеаната, некој од оние „фраери“ што во последно време често се среќаваат на скопските улици, возел 200 на саат, ќе ги изгазел за малку, по што еден од новинарите изреагирал, му довикнал, и тоа било доволно за скопскиве насилници да застанат, и сите петмина да излезат од бесното БМВ и да ги нападнат. Значи колегите наши не биле нападнати како новинари, туку како обични граѓани. Дечките сигурно поим немале дека тројцата се новинари, уште помалку дека се некакви критичари на власта. Ги нападнале за да испаднат мангупи, демек кои сте вие нас да ни кажувате што даправиме и да не пцуете.

Приказната е таа. Страшно е што во последно време Скопје стана див запад и што никој не контролира што се случува по улиците. Млади, агресивни типови кои често носат и оружје изиграваат шерифи, а никој не ги сопира. Они имаат пари, имаат моќ и никој ништо не им може. Така се однесуваат. Збеснати мамини и татини синови.

Македонија станува опасно место за живеење, но не заради тоа што се напаѓаат новинари, бидејќи во случајов немаме такво нешто, туку затоа што хаосот владее по улиците. Да ти е страв на некој нешто да му кажеш, не знаеш дали ќе извади нож или пиштол, дали ќе те нападне или не дај боже да те убие.

Е тоа драги мои колеги е вистината. Потрудете се па објавете ја, а не да ширите лажни вести дека биле напднати новинари, дека власта испраќа луѓе да тепаат ако некој писне против нив. Новинари и медиуми се замолчуваа и напаѓаа во едно друго време, а не сега. Затоа, залудни ви се обидите да креирате слика за некаков режим, за некој севернокорејски систем во Македонија.

Дај олабавете веќе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот