Високите функционери и натаму недостижни за обвинителите

Системот на кривична правда во земјава не е успешен во борбата против корупцијата, а обвинителите не гонат случаи од висок профил и не преземаат политички чувствителни случаи. Ова го констатираа експертите од Групата земји за борба против корупцијата (ГРЕКО) во најновиот извештај за Македонија за спречување на корупција и промовирање на интегритетот кај централната власт и органите за спроведување на законот.

Во извештајот е наведено дека и покрај тоа што Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во изминатиов период оформило предмети во суд за неколку случаи на корупција на високо ниво кои произлегле од скандалот со телефонското прислушување, сепак обвинителите генерално одбегнувале да гонат систематски и политички случаи од висок профил.

Експертите посочуваат дека евентуалниот напредок ќе зависи најмногу и од тоа дали правосудството може да почне да функционира независно и непристрасно.

„Корупцијата се смета за сериозен проблем во Северна Македонија. Тековниот извештај има за цел да ги зајакне можностите на земјата за борба против корупцијата, особено во однос на транспарентноста, интегритетот и одговорноста на јавните службеници и институции“, наведено е во извештајот.

Таму е посочено и дека јавниот сектор за ефикасно спречување на корупцијата исто така покажува структурни и оперативни недостатоци: „Спроведувањето на политики и закони за борба против корупцијата е слабо и селективно и честите законски измени создале општа непредвидлива средина и дозволиле корумпирани јавни службеници да дејствуваат неказнето. Политичкото мешање во работата и именувањата во јавната администрација се широко распространети и често полни со етнички елементи. Непотизмот и судирот на интереси не се соодветно третирани, а медиумите се сметаат за неслободни“.

Според ГРЕКО, политичкото мешање во работата и именувањата во јавната администрација се широко распространети и често полни со етнички елементи, а непотизмот и судирот на интереси не се соодветно третирани.

ГРЕКО во препораките за подобрување на состојбите вели дека е потребно систематски дa се спроведува проценката на ризик на интегритетот, што ќе ги опфаќа сите функционери и лични советници и надворешни соработници, а во однос на вработувањето на советниците и слични функции врз основа на дискреционо право на функционерите од централната власт, експертите сметаат дека треба да се воведат правила за неспоивост и да се воведе ветинг врз основа на правилата за интегритет. Тие наведуваат и дека е потребна поголема транспарентност при именувањето на функционерите и нивните работни обврски, како и етички кодекс за лицата што вршат највисоки извршни функции. ГРЕКО ги повика властите на Северна Македонија да поднесат извештај за мерките кои ги имаат преземено со цел за имплементација на препораките најдоцна до 30 септември 2020 година.

Поранешниот претседател на Уставен суд, Трендафил Ивановски, вели дека овој последен извештај на ГРЕКО треба да значи дека е веќе време за отрезнување на власта и на опозицијата.

Ивановски: Време е за отрезнување

– Нашата земја веќе 30 години буквално тоне во длабочината на корупцијата и на непрофесионализмот, а сега, кога конечно ни се укажа шанса за да излеземе на површината и да не се удавиме, ние продолживме да трчаме по истите болести. И самата меѓународна заедница ни даде поттик за да го пронајдеме вистинскиот пат, но и тој нејзин поттик ние не знаеме да го искористиме. Па така, многу песимистички гледам на сето ова. Целосно е запоставен правниот поредок, а и очекувањата од СЈО целосно спласнаа. Како и да е, извештајот на ГРЕКО е целосно вистинит и тој треба да ги удри по чело сите оние кои дозволија земјава да има вакви поразителни и засрамувачки резултати – објаснува Ивановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот